Златната ера на фирмите за изградба на фотоволтаични системи
Стартот на енергетската криза, пред околу 2 години, во Македонија значеше експанзија на пазарот за производство на соларна енергија. Се бараше лиценца повеќе, земјиштата од 3-та класа па нагоре, односно оние кои не потпаѓаат под плодно земјиште, ако во 2018-тата се продаваа за нешто помалку од 1 евро квадрат, одеднаш станаа барани па неретко на огласите за продажба цените достигнуваа и до 25 евра за метар квадратен и тоа без градежна дозвола! Фирмите кои инсталираат фотоволтаични системи имаат листа на чекање, за само две години инсталирани се капацитети од над 600 мегавати.
Во проценти тоа значи дека во 2023 година се издадени лиценци со вкупна инсталирана моќност од 371 MW, што е за 160 проценти повеќе од 2022 година – кога вкупниот инсталиран капацитет бил 152,2 MW. За споредба во 2018, инсталираниот капацитет бил само 6MW. Во 2023 година се регистрирани вкупно 137 фото-напонски електрани, за разлика од 2020 година кога биле регистрирани само 52.
Колку сонце е премногу сонце
И додека фирмите за изградба на фотоволтаични системи и сопствениците на необработливи ниви го живеат златното време, се поставува прашањето, колку соларни централи се премногу? Дали инвестицискиот бум ќе донесе контраефект и ќе ни се случи тоа што во моментов се случува на европските берзи за струја – негативна цена на струјата?
„Во последните две години имаме енормно зголемен број на фотоволтаици бидејќи државата не обезбеди поволни цени за електрична енергија на приватниот сектор, да се потсетиме најголемиот капацитет ФЕНИ се затвори. Ако имавме план и стратегија на државно ниво ние ќе имавме државни капацитети и ЕСМ ќе можеше да направи оптимизација на портфолиото. Моментално на македонската берза нема негативни цени но тоа е мислам само прашање на време и во летните периоди сите овие сопственици нема да можат да ги вратат месечните рати од кредити, а воедно и систем операторот ќе биде принуден да ја балансира оваа енергија. Затоа што побргу мора да се направат сериозни промени во управувањето на електричната енергија. За стабилен енергетски систем потребна е енергија од различни видови на извори како и објекти за складирање на сончевата енергија,“ вели Сања Божиновска, меѓународен експерт за енергетика.
„Во секој нов процес нормално е да се наиде и на проблеми, па таков е случајот и со експанзијата на фотоцентралите. Зголемениот капацитет на соларна енергија е во одреден период од денот и овој тип на енергија не е константен, затоа е потребно да се балансира, а вишокот да се складира. Исто така потребно е и надградба на постоечката енергетска инфраструктура. Според моите сознанија во МЕПСО има барања за приклучоци од над 9000 MW што е сосема нереална бројка. Процедурите мора да се променат итно, мора да се бараат банкарски гаранции, секој нов капацитет да има и процентуален капацитет за складирање на енергија и да се промени легислативата и секако да се има сериозни рокови и да се има сериозен пристап кон сите нови проекти. Проблем ќе биде балансирањето на енергијата во некои часови па државните компании мора да се внимателни какви договори потпишуваат во однос на балансирањето на новоизградените енергетски капацитети,“ објаснува Божиновска.
Извор: Freepik
РКЕ усвои нова регулатива со која се дозволува соларните централи да инсталираат батерии за складирање на струјата
Производителите на струја од соларни централи од 18 март оваа година, добија можност да поставуваат батерии за да можат ја складираат својата електрична енергија. Ова правило е донесено во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Според новото правило сопствениците на фотоволтаични централи ќе можат да инсталираат батерии со капацитет колку што е капацитетот на електраната. На пример, ако производителот има фотоволтаична централа од 1 мегават (MW), ќе може да постави и батерии со исто толкав капацитет од максимум 1 мегават.
Каде е Македонија во споредба со останатите балкански држави
Јасно е дека регионот како целина се движи кон обновлива енергија. Растот на соларниот капацитет во Македонија ја става во конкурентна позиција меѓу нејзините балкански соседи, демонстрирајќи силна посветеност на обновливата енергија.
Грција: Грција е регионален лидер во соларната енергија, со над 3 GW инсталиран соларен капацитет до 2023 година. Нејзината добро развиена политичка рамка и поволните географски услови овозможија брз раст.
Бугарија: Бугарија исто така постигна значителен напредок, со инсталиран соларен капацитет од околу 1 GW. Соларниот сектор во земјата има силна поддршка од владата и финансирање од ЕУ.
Србија: Србија, слично на Македонија, покажа неодамнешен напредок, но со побавно темпо. До 2023 година, Србија имаше инсталиран соларен капацитет од околу 200 MW, со нови проекти во развој.
Албанија: Албанија се фокусираше главно на хидроенергија, но сега го диверзифицира својот енергетски микс со соларни проекти. Инсталираниот соларен капацитет во Албанија во 2023 година изнесуваше околу 50 MW.
Часовите се одбројуваат до затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј
И покрај големиот број на инвестиции во обновливи извори на енергија, земјава и натаму е зависна од увоз на струја, иако увозот е значително намален. Пропадна и најновиот план за изградба на хидроелектраната Чебрен, а земјата треба да ги спроведе донесените енергетски закони и да ја спроведе зелената транзиција за ослободување од јаглен.
„Според ЕУ стандардите до 2030 година 42,5% треба да имаме енергија од обновливи извори. Во Македонија како земја која се стреми за поголем процент на произведена енергија да биде од обновливи извори се создава голем простор за инвестиции. Како што напомнав потребно е изградба на нови објекти за производство на електрична енергија, но од различни видови на обновливи извори ветер, биомаса, вода, хидроген и секако користење на батерии тоа се сегашните светски трендови. Исто така додека започне и трае овој процес на изградба на нови објекти, потребно е одржување, модернизирање и ревитализација на веќе постоечките енергетски објекти,“ вели Божиновска.
Извор: Freepik/creativeart
Дали Македонија е зрела формирање на министерство за енергетика
Со растечката важност на енергетската политика и потребата за подобро управување со ресурсите, прашањето дали Македонија е подготвена за воспоставување на Министерство за енергетика станува сè поактуелно.
„Да, и повеќе од подготвена. Во Македонија има доволно стручен кадар од разни области на енергетиката за да се оформи министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Министерството ефективно ќе соработува со најголемите енергетски компании во државна сопственост, ќе ја изготвува стратегијата, ќе го надгледува и управува енергетскиот сектор на земјата за да обезбеди стабилност, одржливост и просперитет. Понатаму ќе соработува со сите ЕУ институции, Енергетската Заедница и регионот за да се разменат искуства и да се оствари подобра соработка,“ објаснува Божиновска.
Со соодветна подготовка и поддршка, ова министерство би можело да донесе значителни придобивки за енергетскиот сектор и за целата економија. Времето ќе покаже дали Македонија е подготвена за овој важен чекор, но потенцијалот за позитивни промени е несомнен.