A, што е тоа ЕСГ?

ЕСГ (еnvironmental -ѕocial – governance) како термин се појавува во студија од 2004 година, но по пандемијата станува buzz-word и ознака за новата ера во деловната одговорност.

shto-e-esg-1447-fi

Извор: Envato Elements / oleksandrsh

Изминативе 2-3 години ЕСГ стана фундаментална рамка која ја обликува иднината на корпоративното управување. Концептот ги обединува трите критични столба кои бизнисите мора да ги адресираат за да обезбедат одржлив раст и етичко работење.

Што е ЕСГ?

Следење на трите централни фактори за мерење на одржливоста и етичкото влијание на инвестициите во една компанија помагаат да се одредат идните финансисиски перформанси на компаниите односно да се направи подобра проценка на принос и ризик.

  1. Еколошкиот апсект го опфаќа влијанието на компанијата врз животната средина. Тоа вклучува како компаниите управуваат со природните ресурси, загадувањето, отпадот и климатските промени. На пример, компаниите се оценуваат според нивниот јаглероден отпечаток, штедењето и ефикасното користење на енергија и ресурсите и практиките за управување со отпадот.
  2. Социјалниот аспект го следи однесувањето на компанијата кон вработените, добавувачите, клиентите и заедниците. Ова вклучува работни практики, услови за работа, диверзитет и инклузија, човекови права и вложување во заедницата.
  3.  Управувањето ги вклучува внатрешните системи и практики, контроли и процедури што компанијата ги усвојува за да се управува себеси, да донесува ефективни одлуки, да се придржува до законот и да ги задоволува потребите на надворешните засегнати страни. Ова вклучува следење на именувањата во управувачкиот одбор, на платите на извршните директори, на ревизиите и ефектуирањето на правата на акционерите.
Huawei користи напредна технологија за заштита на живеалиштата на китовите и зачувување на морската фауна

Зошто е ЕСГ важен концепт?

Од неколку причини:

  1. Управување со ризик: Компаниите со имплементирани ЕСГ практики и стандарди често се подобро подготвени да управуваат со ризиците и можностите. На пример, компаниите кои активно го намалуваат својот јаглероден отпечаток помалку е веројатно дека ќе се соочат со регулаторни казни и можат подобро и побрзо да се прилагодат на идни построги закони за заштита на животната средина.
  2. Привлекување на инвеститори: Повеќе инвеститори ги разгледуваат ЕСГ факторите при донесување на инвестициски одлуки. Одржливото и одговорно инвестирање (SRI) е во пораст, инвеститорите сакаат да ги вложат своите пари во компании кои се усогласени со нивните вредности.
  3. Репутација и лојалност на брендот: Компаниите кои придаваат важност на животната средина, се грижат за вработените и добавувачите и кои имаат транспарентни управувачки политики неизбежно имаат силна репутација што резултира со зголемена лојалност на брендот и задржување на клиентите.
  4. Оперативна ефикасност: Имплементирањето на ЕСГ практики може да доведе до поефикасно работење, намалување на трошоците и зголемување на профитабилноста. На пример, подобрувањето на енергетската ефикасност може да ги намали сметките за електрична енергија, а создавањето позитивна работна култура може да ја зголеми продуктивноста на вработените.

ЕСГ во акција

Од чии еколошки иницијативи може да учиме?

Patagonia е пионер во еколошката одговорност. Компанијата се обврзува да користи одржливи материјали, како што се органски памук и рециклиран полиестер, исто така, таа донира 1% од своите продажби за еколошки цели и ја започна програмата “Worn Wear” охрабрувајќи ги клиентите да купуваат користени производи или да ги заменуваат своите стари. Оваа иницијатива го намалува отпадот и промовира циркуларна економија.

Чии социјални напори се за пример?

Компанијата за сладолед Ben & Jerry’s е позната по својата силна социјална активност. Компанијата адресира разни социјални прашања, од климатска правда до права на ЛГБТК+ заедницата. Ben & Jerry’s, исто така, има воведено фер-трејд практики во набавката на своите состојки, осигурувајќи дека добавувачите се правично платени и работат во безбедни услови.

Microsoft инвестира во програми за заедницата кои обезбедуваат обука за дигитални вештини за маргинализирани групи, помагајќи да се премости дигиталниот јаз.

Кој има напредни управувачки практики?

Глобалната компанија за потрошувачки добра Unilever има воспоставено робустни управувачки практики кои ги нагласуваат транспарентноста и одговорноста. Компанијата објавува детални извештаи за одржливост, одборот на Unilever вклучува разновиден микс на независни директори, осигурувајќи широк спектар на перспективи во процесите на донесување одлуки.

Johnson & Johnson имплементираше силни управувачки мерки за да осигура етичко деловно однесување. Компанијата има сеопфатен кодекс на однесување кој сите вработени мора да го следат, покривајќи области како што се антикорупција, приватност на податоци и човекови права.

Добри примери од Балканот

MK Group: Една од водечките агробизнис компании во Србија, MK Group, имплементираше неколку одржливи практики за да го минимизира своето влијание врз животната средина. Компанијата инвестираше во проекти за обновлива енергија, вклучувајќи биомаса и соларни електрани. Дополнително, MK Group се фокусира на одржливо земјоделство преку намалување на употребата на хемикалии и промовирање на биодиверзитетот на своите фарми. Овие напори, не само што помагаат во ублажување на климатските промени, туку и ја подобруваат одржливоста на нивните земјоделски практики.

Пивара Скопје АД се истакнува во Македонија позиционирајќи ги ЕСГ принципите како интегрален дел од нивната стратегија и планови, што се гледа од фактот дека 9-та година по ред, како дел од Coca Cola HBC, добиваат највисоки оценки (ААА) во полето на одржлив развој од MSCI ESG Ratings, како и во рамки на FTSE4Good индексот. Нивните иницијативи и платформи како „Свет без отпад“, „Нула емисии на СО2“, „Генералка викенд“, „Наша гордост. Наша одговорност“ „Сончева гора“, Youth Empowered итн., како и постојаните инвестиции во производниот процес со цел ефикасно користење на енергијата и ресурси се клучен показател на сериозноста со која компанијата пристапува кон ЕСГ концептот.

Во регионот вреди да се споменат банките како промотори на зеленото кредитирање и неколку производни гиганти кои се во фаза на развој на сеопфатна ЕСГ стратегија.

Предизвици во имплементацијата на ЕСГ практиките

Иако придобивките се јасни, имплементацијата на овие практики не е без предизвици:

  1. Мерење и известување: Еден од најголемите предизвици е недостатокот на стандардизирани метрики за мерење и известување за тоа кој до каде стигнал во имплементацијата. Различни индустрии и региони може да имаат различни референтни точки, што им отежнува на компаниите да ги споредат своите ЕСГ напори.
  2. Трошоци и ресурси: Имплементирањето на ЕСГ иницијативи може да бара значителни инвестиции во однос на време, пари и ресурси. За малите и средни претпријатија (МСП) може да биде особено предизвикувачка распределбата на потребните ресурси за развој на сеопфатни ЕСГ стратегии.
  3. Баланс на интересите на стејкхолдерите: Компаниите мора да ги земаат предвид интересите на различни засегнати страни, вклучувајќи акционери, вработени, клиенти и заедници. Ова може да доведе до тешки одлуки, особено кога краткорочните финансиски резултати се споредуваат со долгорочните ЕСГ цели.

Идни ЕСГ трендови

  1. Зголемена регулација: Владите и регулаторните тела, па и берзите, се очекува да воведат построги барања за ЕСГ известување. Ова ќе ги поттикне компаниите да бидат потранспарентни и одговорни во своите ЕСГ практики.
  2. Технолошки напредок: Иновациите во технологијата, како што се блокчејн и вештачката интелигенција, можат да го олеснат EСГ известувањето и собирањето податоци.
  3. Активизам: Инвеститорите,  потрошувачите, вработените и заедниците сè почесто ќе очекуваат од бизнисите да дејствуваат одговорно и етички.

Може да заклучиме дека ЕСГ се наметнува како фундаментален аспект на модерната деловна стратегија. Компаниите кои ги прифаќаат ЕСГ принципите можат поефективно да управуваат со ризиците, да привлечат инвеститори, да ја подобрат својата репутација и да постигнат долгорочен успех.

Новинар, уредник, продуцент, комуникациски стратег, претприемач, предавач, зависник од ТикТок...многу именки ја дефинираат Велковска, а еден хаштаг ги обединува сите #ILoveMyJob

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.