Во секој бизнис, вистинската трансформација започнува со промената на начин на размислување.
Ако сакате да го промените вашиот бизнис, започнете од себе. Оние кои ја разбираат моќта на размислувањето, создаваат нови услови за раст и иновации. Променете го начинот на кој размислувате и ќе откриете нови можности и начини на решавање на проблемите. Мислите влијаат на вашето однесување кое ја обликува иднината на вашиот бизнис, но и на вашата кариера – тие може да ве вивнат кон успехот, или пак да ве држат во границите на просечноста.
Лидерството започнува од внатре!
Лидерските способности не се учат од прирачник за раководни функции; напредувањето на лидерските способности зависи од вашиот мајндсет. Во огромна мера тие се огледало на вашиот начин на размислување, водење на компанија, движени од амбиции напредување во кариерата. Лидерството не го трасира само патот или правецот, туку и создава околности за мотивирачка атмосфера во која чинителите се чувствуваат вреднувани и мотивирани. Мајндсетот на успешен лидер е способноста ја согледа долгорочната визија на компанијата и да создаде јасна стратегија за нејзино остварување, фокусирајќи се не само на тековните задачи, туку и на идните можности и ризици. Комуникациските способности треба да бидат на многу високо ниво, исто како и емоционалната интелигенција за да може успешно да раководи со тимови, да решава конфликти и да обезбедува поддршка во кризни ситуации. Лидерот не треба само да зборува за вредности и принципи, туку и да ги практикува; треба да биде пример за тимот во поглед на етика, посветеност, труд и решавање на проблеми. А во денешниот корпоративен свет кој се менува молскавично брзо, лидерите треба секогаш да се подготвени за промени и за (понекогаш) доста тешки одлуки.
Зошто вашиот мајндсет е важен?
Бидете сигурни дека можете да ја преземате контролата врз вашите мисли и да ги подобрите вашите деловни резултати. Во продолжение, 3 прилично лесни начини:
1. Не бидете жртвата, туку пристапете ѝ на реалноста на друг начин
Обвинувањето на пазарот, економијата или екстерните фактори е губитничко размислување. Лидерите кои преземаат одговорност и во целост и реално ги прифаќаат околностите без разлика колку се тие тешки, се оние кои создаваат промени. Ако нешто во вашиот бизнис не функционира, запрашајте се: каква промена во размислувањето треба да направам за дојдеме до подобри резултати?
2. Опкружете се со луѓе кои се фокусирани кон раст
Многу почесто отколку што сакаме, нашите мисли се под влијание на околината. Ако сте опкружени со негативност, изговори или ниски стандарди, тоа ќе се одрази на вашиот начин на размислување. Затоа, бирајте да бидете со поединци со високи перформанси кои се фокусирани на решенија, и кои се стремат кон победнички дух.
3. На проблемите и предизвиците гледајте како на можности
Од секој неуспех може да се научи лекција или да се искористи како стратешка предност што чека да биде откриена. Најдобрите лидери го тренираат својот ум да ги согледа скриените придобивки во секој предизвик. Наместо прашањето “зошто ми се случува ова?”, поставете ги прашањата како што можате да научите од тоа, како тоа ќе ве направи подобар лидер, или пак кои нови стратегии можете да ги имплементирате врз основа на тоа.
Ако го истренирате вашиот ум да размислува во насока на „колку се поголеми предизвиците, толку се поголеми и можности за раст“, на среднорочен и долгорочен рок нема само да ги почувствува продобивките за вашата компанија, туку и ќе го промните и вашиот светоглед за пат кон успехот. Не постојат жртви на околностите, важно е кои чекори ги преземаме. Без разлика дали водите голема компанија или мал бизнис, вашата способност да го обликувате вашиот мајндсет ќе ја одреди насоката на вашиот бизнис и кариера.