Корпоративната култура започнува во лифт, а завршува на LinkedIn

Замислете ја сцената: наутро влегувате во лифтот на вашата зграда. Соседот стои покрај вас. Нема насмевка, нема кимнување со глава, нема „добро утро“. Тишина од вториот кат до приземје. Неколку часа подоцна, истиот тој човек седи во нечија канцеларија – можеби токму во вашата компанија. Прашањето е: дали неговото однесување е приватно или професионално? А уште поважно: дали се гради корпоративната култура на тим билдинзи – или токму во лифтот на зградата каде што живееме?

linkedin-4143-fi

Извор: Freepik

Автор: Никола Милосављевиќ, Senior HR Consultant / Managing Partner @ HR Fabrika

Компаниите последниве години одвојуваат сериозни буџети за т.н. „култура“. Организираат работилници, пишуваат вредности, дизајнираат постери, снимаат видеа за „животот во компанијата“. Но сето тоа паѓа во вода кога нов колега испраќа два мејла и не добива одговор. Кога менаџерот проаѓа низ ходникот  и не се поздравува. Или кога вредностите звучат убаво на презентација а исчезнуваат на паркингот.

Затоа морам да поставам непријатно прашање: дали ни треба рестарт на корпоративната култура  или обнова на личната етика и домашното воспитување? Дали некогаш се прашуваме кои се луѓето што ги водат нашите луѓе, процеси или производи? Како се однесуваат надвор од работа, како ги воспитуваат своите деца и дали навистина се вклопуваат во вредностите на нашата компанија?

Микро-однесувања што ја градат или рушат културата

Културата не е она што е напишано на веб-страницата. Тоа не е делот „за нас“, ниту сликите со тимска работа, work-life баланс и општествена одговорност. Културата е она што го правиме кога никој не нè гледа. Еве неколку микро-однесувања што многу кажуваат:

  • Игнорирање на мејлови – кога двапати го игнорираме колегата кој бара информација, не се претставуваме само себеси, туку и компанијата.
  • Без „фала“ и „нема на што“ – кога добиваме извештај, презентација или анализа и не кажеме елементарно „благодарам“, испраќаме порака – за себе, за тимот и за нивото на почит. Не, тоа не се подразбира само затоа што е „нечија работа“.
  • Невербална комуникација – спуштен поглед, немање насмевка, вртење глава. Мали сигнали кои ја обликуваат перцепцијата за културата посилно од било кој слоган.

Овие мали навики не се само прашање на учтивост – тие директно влијаат врз репутацијата на компанијата. Зашто за надворешниот свет – ние сме таа компанија. Кога клиентот не добие одговор, тој не мисли „Марко не ми одговори“, туку „Компанијата ме игнорира“.

Податоците се јасни: културата е во однесувањето, не во PDF документот

Ако ви звучи ова филозофски, еве неколку бројки:

  • Истражувањето на Gallup за корпоративна култура (2024) вели дека дури 70% од репутациските кризи започнуваат со внатрешно однесување, а не со надворешни фактори.
  • Според Deloitte (2023), 62% од вработените веруваат дека личната етика на нивните колеги директно влијае врз нивната лојалност кон компанијата.
  • LinkedIn Workplace Culture Report вели дека 50% од перцепцијата на културата се формира преку микро-однесувања, а другите 50% се процеси и системи.

Односно – може да имате најубав манифест со вредности, но ако ходниците се полни со тишина и игнорирање – културата не постои. И самите знаете дека кога ќе одите на интервју, не гледате што пишува на ѕидовите – гледате како се однесуваат луѓето.

Надворешни фактори кои влијаат – и разоткриваат

Културата не е изолиран остров. Таа постојано е под влијание на:

  • Пазарот и конкуренцијата: Во борбата за таленти, културата станува оружје. Секој недостаток веднаш станува видлив.
  • Employer branding: Тоа не е маркетинг – туку огледало на вистинското однесување.
  • Кандидати и клиенти како судии: Кандидатите ве „мерaт“ уште во чекалницата. Клиентите ве оценуваат и по тонот на комуникација, не само по производот.
  • Општествени очекувања и генерациски разлики: Gen Z сака транспарентност. Миленијалците бараат почит. Gen X сака стабилност. Компанијата мора да ги земе предвид сите.

Денес дури и TikTok или негативен пост на LinkedIn може да ја сруши културата која ја граделе со години.

ESG притисоци и етика

Во времето на ESG, не е важно само што правите – туку и како го правите. Вработените се првите ревизори на културата. Ако тие гледаат неетичко однесување, многу брзо тоа ќе излезе надвор.

Ja знаете статистиката: едно позитивно искуство се споделува со 3 лица, негативното – со 7.

Домашна култура vs. култура на работа

Можеме да учиме за култура на работилници – но најпрво мора да ја донесеме од дома. Од училиште, од детството, од блиските. Но што ако културата што ја донесуваме – не се вклопува? Може ли да се менува?

Најтешкото прашање: дали навистина ни е грижа? Или само поставуваме маса за пинг-понг затоа што и другите ја имаат?

Револуцијата започнува пред огледало

На Балканот сакаме да се фалиме со нашата „снаодливост“. Но таа често прераснува во:

  • „Ако можам да избегнам мејл – ќе го избегнам“
  • „Ако не морам да се поздравам во лифтот – нема да се поздравам“

А сите тие мали избори – ја градат културата.

Компаниите што од првиот ден негуваат култури на поздравување, благодарност и одговорност имаат помала флуктуација, подобар employer branding и посилна соработка.

Културата не е апстракција. Таа е колективна навика.

Па затоа, пред да се измери корпоративната култура, ни треба – лична етичка револуција. Зашто компанијата не е ништо друго освен збир на нашите микро-однесувања. А тие почнуваат од нас самите.

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.