Како да го препознаете и надминете синдромот на прегореност?

„Тоа е тоа, прегoрев/изгорев.“ Колку пати сте се нашле вие или другите во оваа состојба? Со оглед на тоа што истражувањата покажуваат дека 76 проценти од вработените некогаш доживеале „burnout“ на работа – а тоа се три од четворица вработени, додека 28 проценти од нив доживуваат „burnout“ многу често или постојано (Галуп 2020) – верувам дека сте имале блиска средба со оваа ситуација.

pregorenost-pozhar-2112-fi

Извор: Freepic.com

„Burnout“ (или прегореност) претставува состојба на емоционална, ментална и физичка исцрпеност, која настанала како последица на долготрајна изложеност на стрес. Знаците на прегореност на работа вклучуваат чувство на исцрпеност, замор и недостаток на енергија, отуѓеност од работата со негативни чувства и цинизам (кон работата, колегите, клиентите) како и намалена ефикасност. При „burnout“ се блокира понатамошниот раст и развој, како и успешното решавање на проблемите, бидејќи кога сме во оваа состојба, всушност ние сме единствено фокусирани на опстанокот во секојдневието.

Зошто прегоруваме?

Истражувањата покажуваат дека најчестите причини се: премногу работа, недоволно одмор, емоционална работа, недостаток на поддршка и недоволна автономија. Значајно придонесуваат и перфекционизмот и високите очекувања од самите себе, неконструктивното размислување (сметаме дека сè е катастрофа, сè сфаќаме лично, секогаш очекуваме негативни исходи и сл.), хроничната грижа и недостатокот на баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Како да препознам дали сум прегорен/а?

Прегореноста се манифестира преку физички и емоционални симптоми, како и преку однесувањето, но таа често се случува и тивко. Доколку имаме среќа да ја забележиме кај други „со голо око,“ тоа најверојатно ќе биде уморно или луто, фрустрирано лице, повлекување од одговорностите и обврските, самоизолација, зголемена раздразливост („краток фитил“), високо ниво на стрес и анксиозност. Исто така, често ќе чуеме нешто како „Преплавен/а сум со работа,“ „Веќе сум малку уморен/а,“ „Имам потешкотии да балансирам/приоритизирам“ и сл. Кај себе ќе забележиме и хроничен замор, недостаток на енергија, главоболка, проблеми со спиењето, болки во мускулите, болести, губење на мотивацијата и ентузијазмот, хронично незадоволство, намалена продуктивност и ефикасност на работното место, повлекување од социјалните интеракции и барање утеха во алкохол или други психоактивни супстанци како начини за соочување со стресот.

Иако сме свесни за сите овие симптоми, често сè уште избегнуваме да ги припишеме на овој синдром, поради што се лишуваме од соодветна поддршка и решавање на оваа состојба, која води до сериозни здравствени проблеми (вклучувајќи депресија и анксиозност), нарушени односи со семејството и пријателите, како и намалено задоволство со работата и животот во целина.

pregorenost-2112-ps1

Извор: Freepik

Што да направите ако прегорите?

За почеток, признајте си го тоа на себе (а тоа не значи дека сте слаби и помалку способни) и целосно уважете ја состојбата во која се наоѓате, бидејќи таа бара делување и нега. Покрај тоа што ќе си признаете себе си, признајте и на вашата (работна) околина. Доколку комуницираме за овие состојби, тогаш постои шанса тие да се променат или да се превенираат. Затоа, споделете како се чувствувате и прашајте кои ресурси ви се на располагање. Имајте на ум дека е потребно да се одморите и да направите посериозна пауза.

Земете одмор, искористете слободни денови или отворете боледување за да се оддалечите од изворот на стрес. Доколку, од друга страна, мора да продолжите со работа – вклучете редовни пократки паузи за време на работниот ден и ако е можно, намалете го бројот на работни часови. Обидете се да го прилагодите работното опкружување за да ги намалите стресот и оптоварувањето. Ова вклучува комуникација за оптовареноста, делегирање на задачите и поставување и зачувување на сопствените граници (вашето НЕ сега станува неопходно).

Побарајте поддршка преку разговор со стручни лица (психолог, психотерапевт) кои ќе ви помогнат да ги идентификувате и разберете причините за стресот и да усвоите техники за намалување на истиот. Исто така, тие ќе ви обезбедат емоционална поддршка и алатки за идна превенција. Почнете со практикување на техники за релаксација и „mindfulness“. Овие техники придонесуваат за намалување на стресот и анксиозноста, подобрување на фокусот, релаксација и смирување. Вклучете редовна физичка активност бидејќи таа ја зголемува енергијата и расположението, обрнете внимание на исхраната (доволен внес на овошје, зеленчук и вода) и спијте онолку колку што ви е потребно.

Ако ништо од ова не помага, ако и по континуирани реализации на овие чекори вашиот „burnout“ брзо се врати штом влезете во вашата компанија – можеби е сепак време за посериозна промена.

pregorenost-2112-ps2

Извор: Freepik

Како менаџерите да одговорат на прегореноста?

Иако прегореноста се случува на индивидуално ниво, неговото влијание е и те како холистичко бидејќи организациите во кои работат луѓе кои прегоруваат не се и не можат да бидат здрави. Оваа состојба навистина ги чини компаниите бидејќи директно се одразува на учинокот на целата организација преку намалена продуктивност и зголемување на флуктуацијата и отсутноста.

Менаџерите прво треба да се фокусираат на превенцијата. Превенцијата на прегореноста подразбира редовна проверка на состојбата во која се наоѓаат вработените (на димензиите на најчестите причини за прегореност) и делување во согласност со проценката. Проценката се прави на следниов начин:

  • се разговара за оптовареноста и чувствата во врска со работата;
  • се разговара за добросостојбата на вработените и другите потреби;
  • се обезбедува поддршка или се насочува кон неа;
  • се разговара за манифестирањето на прегореноста на вработениот, така што менаџерот може да ја препознае и истовремено да го освести вработениот за состојбата во која се наоѓа, ако дојде до тоа.

Во случај вработените веќе да се наоѓаат во оваа состојба, менаџерите преземаат одговорност за нејзино препознавање, отворена комуникација со вработените, покажување разбирање и обезбедување поддршка. Следните чекори се во насока на намалување на оптовареноста и ревизија на роковите и очекувањата. Важно е да се поттикнат вработените да користат слободни денови и да одат на одмор или (ако тоа не е можно во моментот) да понудат флексибилно работно време, можност за работа од дома, скратено работно време и редовни паузи. Неопходно е да се укине прекувремениот труд и работа за викенд. Исклучително е важно да се поддржат вработените во поставување на граници, што вклучува почитување на постигнатите договори и потребите на вработените. Доколку е достапна програма за поддршка на менталното здравје и психолошка поддршка, тогаш треба вработените да се упатат и информираат за овие достапни ресурси, кои ќе им овозможат не само излез од овие ситуации туку и развој на отпорност. Доколку овие мерки не дадат долгорочни резултати, размислете за друга позиција во системот која би била соодветна за специфичниот вработен во согласност со знаењата и способностите што ги поседува.

ПРЕВЕНЦИЈАТА НА ПРЕГОРЕНОСТА Е ИСТО ТОЛКУ ВАЖНА!

Спречувањето на прегореноста се потпира на идентификација и дефинирање на приоритетите, наоѓање смисла во работата и улогата што ја имаме, барање и уживање во поддршката на лидерите, проактивност во решавање на проблемите, како и на високо развиено чувство за психолошка безбедност во работното опкружување. За превенција е клучно да работиме на нашата отпорност, конструктивно размислување, емоционална регулација и воспоставување на баланс. Овие вештини особено можат да бидат важни кога сме веќе во стресна ситуација, бидејќи тие ќе нè штитат да не прегориме.

Извор: BIZlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.