Во виралните снимки од капсулата Orion „Integrity“, додека астронаутите поминуваат покрај Месечината првпат по повеќе од 50 години, вниманието не го привлече само историската мисија.
Тегла Нутела во кабината
Во еден момент, низ кабината лебди тегла Nutella.
Брендот брзо реагираше: „Почестени сме што отидовме подалеку од кој било намаз во историјата. Ги шириме насмевките на нови височини.“ Набрзо им понудија и на фановите да учествуваат во кампањата – да предложат што би понеле тие во вселената, со можност за персонализирана тегла.
Нутела, меѓутоа, не беше единствена. На истата мисија се најдоа и други, помалку очигледни „патници“: Nikon камери кои го документираат секој момент, GoPro уреди монтирани на капсулата за снимки од вселената, Apple уреди кои ги заменија хартиените белешки на астронаутите, па дури и бричеви на компанијата Skull Shaver или Fisher Space Pen пенкала кои НАСА ги користи веќе со децении.
Дури и производи кои не се дел од официјалната опрема, како Jif путерот од кикирики или лосионот за раце на брендот Honest, го најдоа својот пат до орбитата, покажувајќи дека границата меѓу секојдневниот живот и вселената станува сè потенка.
Зошто брендовите одат во вселената?
Во ерата на т.н. NewSpace трка, вселената повеќе не е затворен систем. Развојот на приватните компании, комерцијализацијата и растот на вселенскиот туризам ја отворија вратата за целосно нова економија – онаа во ниската Земјина орбита (LEO).
НАСА оваа економија ја дефинира како производство, дистрибуција и трговија во вселената, со сè поголемо учество на приватни, комерцијални и академски актери. Веќе денес повеќе од 50 компании спроведуваат истражувања и проекти на Меѓународната вселенска станица.
За брендовите, вселената претставува следно ниво на маркетинг – но и позиционирање за иднината. Во време кога помладите генерации повеќе ги вреднуваат искуствата отколку производите, „да се биде во вселената“ станува врвна алатка за storytelling. Со други зборови ако некогаш инфлуенсерите беа врвот на промоцијата, денес тоа е вселената.
Брендови кои оставија трага
Omega – часовникот кој отиде на Месечината
Omega Speedmaster, познат како „Moonwatch“, не е само производ кој бил во вселената – тој е дизајниран за неа. По ригорозните тестови на НАСА во 1965 година, стана официјален часовник на астронаутите и беше присутен на сите мисии за слетување на Месечината, вклучувајќи ја и Apollo 11.
Estée Lauder – козметика во орбитата
Луксузниот beauty бренд го испрати својот „Advanced Night Serum“ на Меѓународната вселенска станица. Проектот чинеше околу 128.000 долари – сума споредлива со ангажман на големи инфлуенсери, но со разликата што овој производ навистина беше во вселената.
Tesla – автомобил кој кружи околу Сонцето
Илон Маск во 2018 година го лансираше својот Tesla Roadster во вселената, заедно со куклата „Starman“. Автомобилот и денес кружи околу Сонцето, станувајќи еден од најпрепознатливите симболи на спојот меѓу технологијата и маркетингот.
Red Bull – скок од работ на вселената
Во еден од најуспешните маркетиншки потези во историјата, Red Bull во 2012 година му овозможи на Феликс Баумгартнер да скокне од висина од 39 километри, да го пробие звучниот ѕид и да собори три светски рекорди.
KitKat – речиси во вселената
Инспириран од потфатот на Red Bull, KitKat испрати чоколатце во стратосферата со помош на балон. Кампањата #breakfromgravity беше реализирана за само 24 часа и стана пример за брза, креативна реакција во маркетингот.
Извор: bizlife.rs