Дали 4-дневната работна недела е иднината?

Идејата постои со години, пандемијатa само ја зголеми популарноста, а денешните економски услови полни со несигурност и нестабилност само го зголемуваат стресот од работа што води кон глобални промени во моделот на работно време.

rabota-3309-fi

Извор: Freepik

Четиридневната работна недела, или се попопуларното преиспитување на традиционалното работно време, благосостојбата на вработените и вкупната продуктивност не е само тренд, туку е растечко движење.

Во својата основа, „четиридневната работна недела“, освен 4 работни, а 3 слободни дена во неделата, односно 32 работни часови за вработените, може да биде и варијација на тема. Во овој случај, бројот на законски зададени рботни часови неделно се намалува од 40 на 32,  а други опции се 6 часа дневно да се работат во 5 дена – скратено работно време, или пак моделот 4х10 каде сегашните тадиционални 40 работни часови неделно да се распределат во 4 денови, како би се се добиле 3 слободни денови секоја недела.  

Што велат истражувањата?

rabota-3309-ps1

Извор: Freepik

Со растечките загрижености за исцрпеност и менталното здравје, разговорите за пократки работни недели се сѐ погласни. Анкета на LinkedIn откри дека 54% од вработените ја сметаат четиридневната работна недела за еден од најважните бенефити на работното место, при што помладите генерации го водат овој тренд. 62% од милениумците и 74% од вработените од генерацијата Z посакуваат пократка работна недела, што сигнализира премин кон поголем баланс, помалку исцрпеност и поголема флексибилност.

Веќе е апсолвирано дека генерацијата Z бара поголема флексибилност, подобар баланс помеѓу работата и животот и почитување на нивната благосостојба, што создава напнатост меѓу традиционалните работни структури и новите очекувања за работните услови.

63% од квалификуваните и докажани работници пријавуваат исцрпеност, а помладите вработени се соочуваат со уште поголеми предизвици.

rabota-3309-ps2

Извор: Freepik

Во крајот на 2023 година во Германија се тестираше четиридневната работна недела. Пристапот што го избраа беше познат како 100-80-100, каде што вработените добиваа целосна плата, работејќи само 80% од вообичаеното работно време, а сепак ја задржуваа истата продуктивност. Овој модел, кој веќе имал успех во земји како што се Велика Британија, Шпанија и Португалија, беше дизајниран да истражи дали помалку работни часови можат всушност да ја зголемат продуктивноста. Експериментот се одвивал во две фази: првите шест месеци биле посветени на подобрување на работните процеси, а во второто полугодие се применувала скратената работна недела. Резултатите – импресивни: 73% од компаниите што учествувале решиле да го задржат новиот модус, покажувајќи дека помалку време на работа не значи помалку завршена работа.

Во Велика Британија, повеќе од 3.300 вработени од 70 компании учествуваат во шестмесечен пилот-проект организиран од 4 Day Week Global, која спроведува слични проби и во Австралија, Нов Зеланд, Ирска, Канада и САД. Иако четиридневната работна недела станува сѐ попопуларна, бизнисите треба да ги разгледаат факторите како продуктивност, трошоци и благосостојба на вработените пред да ја донесат како трајна промена.

Предности и недостатоци

Во суштина, четиридневната работна недела не е само за тоа да им се даде повеќе време за одмор на вработените. Трикот е да се создаде и поефикасен, одржлив и балансиран начин на работа. Но, колку и да звучи тоа примамливо, сепак, покрај сите предности, треба да се имаат во предвид и одредени можни недостатоци, како и трошоци кои би можеле да настанот со воведување на овој работен модел.

Предности:

  • Зголемена продуктивност: истражувањата спроведени во Исланд и Microsoft Јапонија не покажале пад во продуктивноста, а Microsoft дури забележале зголемување од 40%.
  • Подобрен баланс помеѓу работата и животот: вработените имаат дополнителен ден за одмор, што води до помал стрес и подобро здравје.
  • Еколошки придобивки: помалку денови на патување значат помалку емисии на јаглерод, со што се намалува еколошкиот отпечаток.
  • Подобрено вработување и задржување на вработените: нудењето флексибилни работни аранжмани е привлечна опција за врвни таленти, што помага во задржување на вработените.

Недостатоци:

  • Не е погодна за сите индустрии: многу сектори како здравство, малопродажба, хотелиерство, транспорт и мн. други, бараат целосна достапност, што го прави пократкото работно време потешко за имплементирање.
  • Проблеми со услуга на клиенти: затворањето за еден дополнителен ден може да го наруши односот со клиентите, а ротациите на слободни денови може да предизвикаат конфликт на распоредите.
  • Предизвици со распоредот: компресирањето на часовите во помалку денови може да доведе до преполнети распоред и зголемен умор кај вработените.
  • Дополнителни трошоци за компаниите: трошоците за работа може да се зголемат ако вработените не можат да завршат исто количество работа за пократко време, што би довело до прекувремена работа или потреба од ангажирање дополнителен персонал. Новите технолошки алатки за автоматизација и продуктивност се неопходни, но тие можат да бидат скапи. Иако четиридневната работна недела има предности, компаниите треба да ги извагат овие скрити трошоци пред да донесат одлука за промената.
rabota-3309-ps3

Извор: Freepik

Дали 4-дневната работна недела е приладна за вашата компанија?

Одлучувањето дали четиридневната работна недела е соодветна за вашата компанија зависи од неколку фактори, вклучувајќи ја индустријата, корпоративната култура и мислењето на вработените. Еве што треба да разгледате:

  • Индустрија и бизнис модел: ако вашиот бизнис зависи од поддршка на клиенти или услуги со рокови, пократката работна недела можеби нема да биде практична. Во ваквите случаеви, компаниите би се одлучиле за ротирање на вработените и нивните слободни денови, за да секој ден во неделата биде покриен.
  • Профитабилност: проверете дали помалку работни часови може да влијаат на продуктивноста или приходите.
  • Мислење на вработените и заинтересираните страни е од исклучително значење за да ги откриете загриженостите за развојот на нивната кариера, обемот на работа и балансот помеѓу работата и животот.
  • Корпоративна култура и работни процеси: размислете дали четиридневната работна недела се вклопува со структурата на вашиот тим, потребите за соработка и временските рокови за проекти.
  • Планирање на предизвици: неопходен е јасен и дециден план на работата кој ќе ја олесни транзицијата кон 4-дневна работна недела.
  • Постепена имплементација: почетокот нека биде со пилот програма за тестирање на промената која ќе ја прилагодувате според повратните информации.
  • Размислете за алтернативи: ако четиридневната работна недела не е практична, постојат и други флексибилни работни модели, како пократки работни часови во денот или хибридни опции кои може да понудат слични придобивки.

Без разлика дали наскоро 4 работни дена во светот ќе бидат „новото нормално“ или пак ќе работиме во друга променета форма во споредба со традиционалните од 8 до 4, извесно е дека начинот на работење ќе продолжува да претрпува промени, надминувајќи ги и сегашните хибридни или далечински модели кои веќе се практикуваат. Но, тоа во никој случај нема да биде помал обем на работа, туку перманентно совладување на нови вештини, кои впрочем ќе ги следат и брзите технолошки промени на кои веќе подолго време сведочиме.

Филолог по англиски и германски јазик, со страст кон пишаниот збор и приказни кои инспирираат. Автор и креатор на содржини што поттикнуваат идеи, пренесуваат емоции и оставаат впечаток

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.