Глобалната трка за ВИ таленти: Кој е на врвот?

Со порастот на вештачката интелигенција, компаниите и државите ширум светот се натпреваруваат за врвни таленти во оваа технолошка област и работат на усовршување на своите вработени во доменот на ВИ.

talenti-3307-fi

Извор: Freepik

Ова е приоритет за лидерите на организациите, бидејќи 66% од нив тврдат дека не би вработиле лице без ВИ вештини, додека 71% изјавуваат дека би вработиле некој со помалку искуство, но со ВИ знаења, наместо поискусен кандидат кој не ги поседува, според извештајот на Microsoft и LinkedIn од 2024 година, кој опфати 31.000 испитаници во 31 земја.

Во обид да се следи понудата на ВИ таленти на глобално ниво, LinkedIn објави истражување под наслов „концентрација на ВИ таленти“, засновано на податоци од профилите на членовите на оваа професионална мрежа.

LinkedIn ги дефинира ВИ талентите како технички вештини во областа на вештачката интелигенција како што се машинско учење и обработка на природен јазик, но и вештини поврзани со ВИ писменост, како ChatGPT и GitHub Copilot.

Според податоците од 2024 година, овие 10 земји имаат највисока концентрација на ВИ таленти во однос на глобалниот просек, според анализата на LinkedIn:

  1. Израел (1,98%)
  2. Сингапур (1,64%)
  3. Луксембург (1,44%)
  4. Естонија (1,17%)
  5. Швајцарија (1,16%)
  6. Финска (1,13%)
  7. Ирска (1,11%)
  8. Германија (1,09%)
  9. Холандија (1,07%)
  10. Јужна Кореја (1,06%)

Во 2024 година, Израел ја предводеше листата со 1,98% ВИ таленти во однос на работната сила. Сингапур се најде на второто место со 1,64%, додека Луксембург беше трет со 1,44%, пренесува CNBC.

Интересно е што првите шест земји останаа исти во споредба со претходната година. Ирска напредуваше за четири позиции и сега е на седмото место, додека Јужна Кореја падна за три места, на десеттата позиција.

„Многу од овие земји со најголема концентрација на ВИ таленти како Израел, Сингапур, Луксембург и Естонија се релативно мали според бројот на жители и географската големина, но постигнуваат исклучителни резултати во развојот на ВИ талентите“, изјави Чуа Пеј Јинг, главен економист за АПАК регионот во LinkedIn.

„Ова најверојатно е овозможено преку изградба на успешен екосистем во кој се негува талентот кога компаниите се посветени на развојот на вештините на своите вработени, а владите создаваат политики што го поттикнуваат континуираното учење“, изјави Чуа за CNBC Make It.

Иако Индија не се најде меѓу првите 10 земји според концентрација на АИ таленти во 2024 година, таа забележа импресивно зголемување од 252% на оваа метрика помеѓу 2016 и 2024 година, што покажува дека професионалците во Индија „активно ги градат своите ВИ вештини“, според LinkedIn.

Индија, исто така, бележи пораст на вработување во ВИ секторот од 33,4% во однос на вкупниот раст на вработувањето во 2024 година што укажува на огромна побарувачка за ВИ таленти во земјата. За споредба, Сингапур имал раст од 25%, а САД 24,7%.

„Културата на учење во Сингапур придонесува за неговата конкурентска предност во новата ера на вештачката интелигенција“, додаде Чуа. „Нашите податоци покажуваат дека професионалците во Сингапур се меѓу најпосветените учесници во учење, поминувајќи 40% повеќе време на совладување ВИ вештини во споредба со нивните колеги низ АПАК регионот.“

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.