Компанијата Lowe’s најави инвестиција од дури 250 милиони долари во наредните десет години, со цел да обучи околу 250.000 луѓе за занаетчиски професии како електричари, водоинсталатери и столари. Парите ќе се насочуваат преку фондацијата на компанијата, во соработка со колеџи и непрофитни организации, а фокусот ќе биде ставен на бесплатни обуки, сертификати и современа опрема.
Недостиг на работници на пазарот
Оваа одлука доаѓа во момент кога пазарот на труд во САД веќе чувствува сериозен недостиг на квалификувани работници. Проценките покажуваат дека само во градежниот сектор ќе бидат потребни стотици илјади нови работници во наредните години, додека интересот за овие професии не го следи растот на побарувачката.
Извршниот директор на компанијата, Марвин Елисон, верува дека токму овие занимања во иднина ќе стануваат сè поважни. Додека AI сè повеќе ги презема административните и аналитичките работи, професиите што бараат физичко присуство и практични вештини остануваат надвор од нејзиниот дофат. Технологијата може да напише е-пошта или да обработи податоци, но не може да поправи покрив, да замени филтер за греење или да дојде на адреса за да реши дефект.
Работи што ќе бидат на цена
Токму во таа граница на технологијата се крие новата вредност на занаетот. Како што истакнува Елисон, станува збор за работи кои не само што се стабилни, туку можат да обезбедат достоинствен живот и значителна заработка честопати со помал финансиски товар отколку што носи класичното факултетско образование.
Неговата лична приказна дополнително ја осветлува оваа перспектива. Тој израснал во средина каде што успехот речиси по правило се поврзувал со факултетска диплома, но меѓу најценетите луѓе во заедницата биле токму занаетчиите кои изградиле сопствени бизниси. Додека тој тргнал по академски пат, неговиот брат избрал занает и изградил кариера како заварувач пример кој, како што вели тој, јасно покажува дека не постои само еден „правилен“ пат до успехот.
Затоа, оваа инвестиција не е само одговор на недостигот на работна сила, туку и обид да се промени перцепцијата. Занаетите сè помалку се набљудуваат како резервна опција, а сè повеќе како рамноправна кариера онаа што нуди сигурност, барани вештини и можност за создавање сопствен бизнис.
Во светот кој забрзано се менува под влијание на технологијата, можеби токму овие работи, кои не можат да се автоматизираат, стануваат најотпорни на промени. А компаниите што го препознаваат тоа, веќе сега вложуваат во она што доаѓа.
Извор: bizlife.rs