DEET, познат и под хемиското име N-диетил-мета-толуамид, широко се користи ширум светот за заштита на луѓето од убоди од комарци. Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство препорачува репеленти кои содржат околу 50% DEET како една од најефикасните мерки за спречување на убоди.
Сепак, новото истражување, предводено од Клаудио Лакари од Универзитетот во Тур во Франција, покажа дека комарците можат да бидат „истренирани“ да го поврзат мирисот на DEET со добивање на крвен оброк.
Однесувањето на комарците може да се учи и менува преку искуство
„Долго се веруваше дека репелентите делуваат исклучиво поради нивните хемиски својства или така што се токсични или непријатни за комарците и ги одбиваат, или така што ја блокираат нивната способност да ги детектираат луѓето. Меѓутоа, нашите наоди сугерираат дека нивната реакција може да се менува со искуството“, наведува Лакари. „Веруваме дека ова претставува значајна промена во нашето разбирање за репелентите.“
Во експериментот, комарците најпрво биле чувани во комора поврзана со две одделни зони едната со чист воздух, а другата со DEET. На почетокот, им било овозможено да се хранат со топла вештачка крв додека биле изложени само на чист воздух. Подоцна, истражувачите го вовеле DEET за време на хранењето, со цел комарците да го поврзат мирисот со храната.
За да ги тестираат резултатите, „обучените“ и необучените комарци биле сместени во мали епрувети. На едниот крај се наоѓала нетретирана човечка рака, додека на другиот имало рака попрскана со DEET. Обучените комарци се обидувале да ја каснат раката третирана со DEET, додека необучените главно го избегнувале тој мирис.
Истражувачите откриле дека речиси 60% од комарците кои биле „обучени“ на крв и DEET се обиделе да и пристапат и да ја каснат раката третирана со репелент. Напротив, необучените комарци повеќе ја избирале нетретираната рака.
„Покажано е дека комарците имаат импресивни способности за учење, но фактот дека можат да поврзат толку силен мирис на репелент со храна и потоа да бидат привлечени од него е навистина исклучителен. Важно е да бидеме свесни за ова во иднина“, заклучува Лакари.
Извор: odrzime.rs