Денес околу 45 отсто од електричната енергија во земјата доаѓа од обновливи извори, а приближно 20 отсто од произведената енергија се извезува, пред сè во Италија и, во помала мера, во соседните балкански земји.
Меѓутоа, растот ја достигна границата. Капацитетот на обновливите извори сега далеку ја надминува домашната побарувачка. Грција е принудена да ги ограничува значајните количини на зелена енергија едноставно затоа што нема доволно купувачи. Ниту извозот не успева да го надомести вишокот, бидејќи и соседните земји произведуваат сопствена евтина зелена енергија.
Говорејќи на Самитот за енергетска транзиција во Атина, одржан на 13 и 14 мај, еден претставник на индустријата беше многу директен кога станува збор за иднината на развојот на обновливите извори на енергија во Грција.
„Би требало да го запреме понатамошното ширење. Веќе имаме премногу“, рече Стелиос Лумакис (Stelios Loumakis), претседател на Здружението на производители на фотонапонска енергија. „Во 2026 година, приходите на производителите ќе бидат околу 40 отсто пониски од минатата година поради ограничувањата на побарувачката и речиси нултите велепродажни цени. Обновливата енергија носи стабилност и ниски цени за потрошувачите – но постојат граници и не треба да го преминуваме она што технологијата може да го понуди“, пренесува Euronews.
Зошто евтиното производство на енергија не значи и пониски сметки?
Проблемот не е единствен за Грција. Ширум Европа велепродажните цени на обновливата електрична енергија константно паѓаат, но сметките на домаќинствата не го следат тој тренд, а многу производители се соочуваат со прашања за долгорочната одржливост на бизнисот.
Разлогот за овој несклад лежи во начинот на кој се организирани пазарите на електрична енергија. Како што на самитот објасни Маја Турковиќ, извршна потпретседателка на компанијата за развој на обновлива енергија CWP Europe, цените на повеќето европски пазари ги одредува последната и најскапа единица потребна за да се задоволи побарувачката модел познат како маргинално одредување на цените. Таа единица често е гасна централа.
Бидејќи природниот гас и понатаму останува скап, а цените дополнително пораснаа по затворањето на Ормускиот Проток тој систем ги одржува високите сметки за потрошувачите дури и додека производството на зелена енергија станува сè поевтино.
Брисел е свесен за проблемот. Европската комисија во моментов анализира четири главни фактори кои влијаат на цената на енергијата:
- Велепродажната цена на електричната енергија,
- Трошоците за мрежата и инфраструктурата,
- Даноците и давачките,
- Регулираните трошоци (како што се механизмите за капацитет и балансирање на системот).
„Зелената транзиција не е без проблеми“, изјави Кристина Лобило (Christina Lobillo), директорка за енергетска безбедност и меѓународни односи во Генералниот директорат на Европската комисија за енергетика (DG ENER). „Европскиот совет ни даде мандат да работиме на овие четири елементи – и тоа е токму она што го правиме. Главниот проблем е достапноста на цените, особено во поранливите региони како Југоисточна Европа.“
Батериите пристигнуваат
Едно од решенијата кое добива на значење е складирањето на енергијата. Ако вишокот на соларна и вeтроенергија може да се зачува и да се користи кога производството ќе опадне, проблемот со ограничувањето на производството се намалува, а потрошувачите добиваат пристап до поевтина електрична енергија во текот на целиот ден.
Грција очекува дека батериските постројки со вкупен капацитет од околу 900 MW ќе бидат оперативни до првиот квартал од 2027 година. Трошоците за оваа технологија во последните години значително паднаа, што овозможи развој на бројни нови проекти, иако учесниците на пазарот предупредуваат дека технологијата сè уште созрева.
„Забрзаното воведување на системи за складирање енергија ќе ја зголеми достапноста на евтината обновлива енергија во мрежата и на крајот ќе ги намали трошоците за крајните потрошувачи“, изјави Александрос Фламос (Alexandros Flamos), професор и директор на Лабораторијата за техноекономија на енергетските системи на Универзитетот во Пиреј.
Грчкиот премиер вели дека цените ќе продолжат да паѓаат
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (Kyriakos Mitsotakis) го искористи своето обраќање на самитот за да укаже на напредокот што земјата веќе го остварила. Тој потсети дека Грција во 2019 година ги имала највисоките велепродажни цени на електрична енергија во Европската Унија, додека сега е под европскиот просек, а емисиите на CO2 ги намалила за речиси 50 отсто во споредба со нивоата од 2005 година.
„Цените ќе продолжат да паѓаат како што ќе додаваме повеќе обновливи извори во енергетскиот микс и, се надеваме, како што гасот ќе поевтинува“, рече Мицотакис, оставајќи ја отворена можноста за дополнителни мерки за поддршка на домаќинствата поради растечките трошоци за живот.
Извор: odrzime.rs