Пластиката е особено проблематична. Од почетокот на масовното производство на овој материјал во 1950-тите до 2015 година, беа произведени повеќе од 8,3 милијарди тони пластичен отпад, покажуваат истражувањата на универзитетите во Џорџија и Калифорнија.
Микела Дракман е основач на Greyparrot, британски стартап кој создаде систем за вештачка интелигенција дизајниран да ги анализира капацитетите за обработка и рециклирање отпад.
„За еден ден имате буквално планини од отпад во една фабрика, а она што е многу шокантно и изненадувачки е тоа што никогаш не престанува“, рече таа.
Greyparrot инсталира камери над подвижните ленти на околу 50 локации за отпад и рециклирање во Европа, користејќи софтвер за вештачка интелигенција за да анализира што се случува во реално време.
Технологијата на вештачката интелигенција брзо напредуваше во текот на изминатата година, а нејзината способност за обработка на слики сега е многу пософистицирана. Сепак, Дракман рече дека е тешко да се обучи системот да препознава ѓубре, пишува CNN. „Производ како шише Кока Кола, кога ќе биде фрлено, е стуткано, згмечено и валкано, а тоа го прави проблемот многу покомплексен од гледна точка на вештачката интелигенција“, објасни таа.
Управување со отпад
Системите на Greyparrot сега следат 32 милијарди отпадни објекти годишно, а компанијата создаде огромна „дигитална карта за отпад“.
„Тоа овозможува подобро да се разбере што се случува со материјалот, кои материјали се проблематични, а исто така влијае и на дизајнот на пакувањето. Зборуваме за климатските промени и управувањето со отпадот како посебни работи, но тие се всушност меѓусебно поврзани, затоа што користиме ресурси што всушност не ги обновуваме. Доколку имавме построги правила кои го менуваат начинот на кој консумираме и го дизајнираме пакувањето, тоа би имало многу големо влијание врз начинот на кој ги користиме ресурсите“, истакна Микела Дракман.
Таа се надева дека големите брендови и другите производители ќе почнат да ги користат податоците генерирани од компании како GreyParrot, и на крајот да дизајнираат повеќе производи за повеќекратна употреба.
Трој Своуп води компанија која има за цел да направи подобро пакување. Footprint соработуваше со супермаркетите и компанијата Gillette, за да ги смени нивните садови за бричење направени од пластика во оние направени од растителни влакна.
Во блог пост на веб-страницата на Footprint, Swope тврди дека потрошувачите се доведени во заблуда од „митот за рециклирање“. Тој спомна пластична чинија за салата која била означена како „подобна за рециклирање“ и праша што всушност значи тоа.
„Многу е мала веројатноста дека фрлената пластика за еднократна употреба ќе заврши каде било освен на депонија. Единствениот излез од пластичната криза е да престанеме да зависиме од неа“, напиша тој.
Што е „зелено перење“ т.е greenwashing?
Таканареченото „зелено перење“ (greenwashing) е голем проблем, изјави Дракман.
„Видовме многу тврдења за еколошко или зелено пакување, но понекогаш тие не се поткрепени со вистински факти и може да бидат многу збунувачки за потрошувачите“, рече таа.
Извор: Unsplash / Brian Yurasits
За да им помогне на трговците да знаат дека искористените пластични шишиња всушност се рециклираат и во колкав број, британската компанија Politag ги покрива со ултравиолетова (УВ) етикета која е невидлива за човечкото око.
Кога шишињата ќе пристигнат за рециклирање, етикетите се читаат со помош на машина. Бројот на шишиња потоа се поставува на апликација заснована на клауд во реално време до која клиентите на Politag можат да пристапат.
„Тие можат да видат точно колку шишиња се рециклираат, што е нешто до кое овие брендови никогаш претходно немале пристап“, истакна проект менаџерот на Politag, Роза Нок-Бредли.
Досега компанијата соработуваше со британските продавници Co-Op и Ocado.
Олеснето рециклирање
За да им се олесни на луѓето да рециклираат и да поттикнат повеќе од нив да го прават тоа, владата на Обединетото Кралство и администрациите во Велс и Северна Ирска треба да започнат враќање на депозитите во 2025 година.
„Автоматите за обратна продажба“ ќе се видат во продавници и други јавни места, каде што луѓето ќе можат да депонираат искористени пластични шишиња и метални лименки за пијалоци, а за тоа ќе им бидат исплатени пари – околу 20 пени по артикал.