Токму оваа недела (23 – 29 април, 2024) во Отава, Канада, се одржува четвртата сесија на Меѓувладиниот преговарачки комитет за постигнување на глобален договор за загадување со пластика под покровителство на Обединетите нации, каде повеќето земји поддржуваат и се согласни да ги применуваат амбициозните и правно обврзувачките глобални регулативи за животниот циклус на пластиката, со исклучок на неколку помали држави кои се повеќе заинтересирани за заштита на профитот отколку на луѓето и планетата и кои за време на претходните сесии на преговори успеаја да ја одложат и прекинат постапката против едногласната одлука донесена во 2022 година за усвојување на глобален инструмент за ставање крај на загадувањето со пластика. Сега, во оваа четврта и претпоследна сесија преговарачите се фокусираат на градење на широка поддршка, а очекувањата се движат во насока на постигнување на ефективен договор до крајот на оваа година, доколку владите ги утврдат клучните мерки кои ќе имаат најголемо влијание врз запирање на загадувањето со пластика. Во спротивно би се загрозило спроведувањето на исклучително важниот договор.
Во центарот на вниманието се глобалните забрани за најштетните пластични материјали за еднократна употреба, кои сочинуваат 60% од вкупната пластика произведена во светот.
Како можеме и ние, луѓето во секојневниот живот суштински да допринесеме за намалување на загдувањето со пластика?
Додека државите и владите како креатори на глобалните политики за одржливост и заштита на животната средина постојано вложуваат напори во решавањето на ова прашање по пат на имплментирање на регулативи и легислатива, и ние луѓето, односно секој поединец и секоја компанија може да учествува во решението.
Извор: Freepik
Според една неодамнешна студија објавена во списанието The Scientist, микропластиката сега се наоѓа во секој сегмент од нашата средина, од најдлабоките океани до највисоките планини. Овие ситни честички од пластика можат да се акумулираат во човечкото тело и потенцијално да предизвикаат бројни здравствени проблеми, вклучувајќи невролошки, хормонални нарушувања и респираторни заболувања. Токму затоа, неодамнешното истражување на Ipsos покажа дека 85% од луѓето ширум светот сакаат глобална забрана за пластични производи за еднократна употреба. Во овој случај, неопходна е замена на пластиката за еднократна употреба со поодржливи алтернативи, за што би можеле да ги преземеме следниве чекори:
- Предмети за повеќекратна употреба: Замена на пластични чаши, чинии и прибор за јадење со производи направени од стакло, метал или компостабилни материјали.
- Поддршка на иновациите во пакувањето: Инвестирање во развојот на биоразградливи и рециклирани материјали за пакување на производи.
- Едукација и подигање на свеста: Организирање работилници и спроведување на кампањи кои ќе ја информираат јавноста за штетноста на пластиката за еднократна употреба и за алтернативите што се достапни.
- Употреба на апликации за враќање и полнење: Поддршка и имплементација на системи за полнење каде што потрошувачите можат да донесат свои садови за повеќекратна употреба за да се полнат, наместо да купуваат нови производи во пакувања за еднократна употреба. Ова е особено ефикасно за производи како што се детергенти, сапуни и прехранбени производи.
- Забрана за пластични кеси: Поттикнување или воведување законски мерки за забрана на употреба на пластични кеси во продавниците. Наместо тоа, потрошувачите да користат торби направени од природни материјали како памук или јута.
- Развој на алтернативи за пластични сламки: Користење на сламки направени од хартија, бамбус, метал, па дури и од материјали кои се јадат, може значително да ја намали употребата на пластични сламки во рестораните.
- Поттикнување на корпоративна одговорност: Работење со компаниите и корпорациите за да се преиспитаат нивните производствени процеси и да се намали употребата на пластика во пакувањето. Исто така, промовирање на програми за корпоративна општествена одговорност кои се фокусираат на намалување на отпадот и зголемување на рециклирањето.
- Поттикнување на политики за нула отпад: Спроведување политики кои ги поттикнуваат организациите и заедниците да усвојуваат цели за нула отпад преку рециклирање, компостирање и намалување на отпадот.
Спроведувањето на овие мерки не е само чекор напред кон зачувување на животната средина, туку и кон градење на поодржлива економија. Преку ваквите промени, можеме да создадеме значајни и трајни придобивки за нашата планета и идните генерации.