Фокусирајќи се на она што го немаат, ги занемаруваат своите вештини, особини, знаења и искуства кои веќе ги поседуваат, а кои би можеле да ги искористат за да го постигнат она што го сакаат. Поради тоа, кај нив се јавува чувство дека не се доволно добри или способни да ги остварат своите цели.
Практичен водич за препознавање на личниот потенцијал и откривање на вашите внатрешни сили
Можеби и вие понекогаш помислувате дека нема да успеете или дека ви недостига нешто клучно. Можеби токму поради тоа не сте оствариле нешто што сте го посакувале, затоа што не сте се осмелиле да започнете. Добрата вест е дека со малку интроспекција можете да ги освестите своите сили, да го препознаете сопствениот потенцијал и да научите да се потпрете на ресурсите кои веќе ги имате.
Затоа, во овој текст ќе ве водам низ процес кој ќе ви помогне повторно да се поврзете со себе, да ги ослободите своите внатрешни ресурси и да ги направите првите чекори кон остварување на своите цели, со многу вера во себе.
Препознавање на личниот потенцијал
Вежба: Мапирање на вашите лични ресурси
За да се поврзете со вашите внатрешни потенцијали, ви предлагам да ја направите оваа едноставна, но моќна вежба. Пронајдете тивко место, одвојте 15–20 минути, земете хартија и пенкало и започнете:
Потсетете се на вашите постигнувања
Затворете ги очите и присетете се на три ситуации во животот на кои сте горди. Тоа можат да бидат лични или професионални победи, моменти кога сте надминале пречки или ситуации во кои сте им помогнале на други. Запишете ги.
Идентификувајте ги вештините и особините
За секое постигнување запишете кои вештини, особини или ресурси сте ги користеле. На пример, ако сте успеале да решите комплициран проблем на работа, можеби сте користеле аналитичко размислување, смиреност или креативност.
Препознајте ги обрасците
Прегледајте го она што сте го запишале и забележете кои вештини и особини се повторуваат. Тоа се вашите клучни ресурси сили на кои можете да се потпрете и во иднина. Можеби, на пример, често сте покажувале храброст, снаодливост или одлучност.
Размислете за примената
Запрашајте се како можете да ги искористите тие ресурси за вашите тековни цели или предизвици. На пример, ако планирате промена на кариерата, вашите организациски способности и упорност можат да ви бидат од голема корист.
Поставете цели
На крај, запишете една или две цели каде свесно ќе ги користите вашите идентификувани ресурси. Дефинирајте јасни чекори и рокови за да ги остварите.
Бонус-предлог: Покрај интроспекцијата, можете да размислите и за тоа што другите луѓе го ценат кај вас или, доколку не знаете, да ги прашате. Често не сме свесни како нè гледаат другите – можеби ве сметаат за потпора, личност која инспирира или некој што носи мир во хаотични ситуации. И тоа е корисно да го знаете.
Како понатаму?
Освестувањето на внатрешните ресурси е само првиот чекор. Клучот е во нивната секојдневна примена да ги користите како алатки за напредок и соочување со предизвиците. Со редовно потсетување на тоа кои се вашите силни страни, ќе ја продлабочите поврзаноста со себе и повторно ќе откривате нови аспекти од вашиот потенцијал.
Кога ќе сфатите колку веќе сте способни и богати со искуства, не стекнувате само самодоверба, туку и внатрешен мир. Тогаш станувате посвесни за своите можности и поспремни да се соочите со сè што животот го носи. Тогаш може да започне вашиот континуиран раст.
Извор: easylife.rs