Но дури по некое време поминато таму сфаќате што всушност недостасува – нема бучава. Нема сирени, нема звук од мотори, а наместо сообраќаен метеж се слушаат само птици, детска смеа и разговори меѓу соседите.
Ова место навистина постои, и тоа во соседна Словенија. Неофицијално се нарекува Кунта Кинте, а таму важи правило кое за повеќето луѓе денес звучи незамисливо – автомобилите се дозволени само еден ден во неделата, во петок.
Од рударски тунели до зелена оаза
Оваа необична населба се наоѓа покрај Веленското Езеро, недалеку од Цеље.
Нејзината приказна започнува кон крајот на седумдесеттите години, кога на простор од околу пет хектари биле формирани парцели со препознатливи дрвени куќички.
Првичната идеја била рударите и жителите на блиското Велење да добијат место каде ќе можат да го поминуваат слободното време во природа, да обработуваат земја и да произведуваат сопствена храна.
„На почетокот овде немаше ништо. Целта беше на луѓето што живеат во станбени згради и работат во темните јагленокопи да им се овозможи организиран живот во природа. Рудникот ги подели парцелите и прецизно пропиша како треба да изгледаат куќите“, раскажуваат жителите во репортажа за словенечкиот весник Delo.
Соларни панели и живот надвор од мрежата
Со текот на времето населбата се проширила, добила ограда, управник, домар и целосна комунална инфраструктура – освен електрична енергија.
Кунта Кинте намерно не е поврзана со јавната електрична мрежа. Наместо тоа, повеќето сопственици поставиле соларни панели и самостојно произведуваат електрична енергија.
Водата и основните услови за живот се обезбедени, но филозофијата на ова место останала насочена кон едноставност и што помала зависност од големите системи.
За некои сопственици, викенд-населбата со текот на годините станала и постојан дом.
Интересно е и името. „Кунта Кинте“ првично било прекар инспириран од главниот лик во популарната серија „Корени“ (Roots), која се емитувала токму во периодот кога населбата се градела. Денес тоа име го користат и жителите и официјалните институции.
Зошто токму петок?
Правилото што најмногу ги фасцинира посетителите се однесува на целосната забрана за моторен сообраќај.
Главниот паркинг се наоѓа надвор од населбата, а пристапот со автомобил до куќите е дозволен исклучиво во петок, најчесто за носење намирници, градежен материјал, алат или потешки предмети.
Во остатокот од неделата улиците им припаѓаат на пешаците, велосипедистите и дружењето.
Жителите велат дека ова правило никогаш не им претставувало проблем и дека токму благодарение на него се зачувани мирот, безбедноста и специфичната атмосфера.
Прошетката низ населбата открива уредени градини полни со зеленчук, овошје и цвеќиња.
Според истражување на Словенечката академија на науките и уметностите за урбаното градинарство, локалното производство на храна и понатаму е една од главните вредности на оваа заедница, иако денес не сите жители се целосно самоодржливи.
Од индустриски пејзаж до еколошка приказна
Посебна димензија на целата приказна ѝ дава и самата локација.
Веленското Езеро всушност настанало како последица на слегнување на земјиштето предизвикано од децениската експлоатација на јаглен. На местото каде денес се простира езерото некогаш постоеле стари села кои со текот на времето исчезнале под вода.
Денешниот пејзаж претставува еден од највпечатливите примери за успешна трансформација на индустриска зона во еколошки и рекреативен простор.
Додека околу езерото се развива туризмот, веднаш до него, во зеленилото на Кунта Кинте, времето како да тече според некои поинакви, одамна заборавени правила.
Извор: bizlife.rs