Пример за тоа е искуството на Сатја Надела, денес извршен директор на Microsoft.
За време на интервјуто за работа во Microsoft во 1992 година, Надела успешно решавал сложени задачи пред комисијата. Сепак, на крајот од интервјуто добил прашање што немало многу врска со програмирањето.
Интервјуерот Ричард Тејт го прашал што би направил доколку на улица види бебе што плаче. Надела одговорил дека би повикал брза помош. Тејт тогаш му рекол дека треба да развива емпатија кога дете плаче, му објаснил, прво треба да го кренете и да го прегрнете.
Надела години подоцна ја раскажувал оваа ситуација како лекција дека лидерството не е само прашање на стручно знаење. Важно е да ги разбирате луѓето, околностите и она што го бара ситуацијата во дадениот момент.
Токму ваквите „меки“ вештини можат да направат разлика кога се одлучува кој е подготвен за повисока позиција.
Шефовите го забележуваат и она што не е во описот на работното место
Менаџерот може да види дека сте одржале одлична презентација, но истовремено ќе забележи ако сте го игнорирале прашањето на помлад колега. Можете да имате совршено подготвен предлог, но важно ќе биде и дали сте забележале дека клучните луѓе во просторијата не се согласуваат со него.
Со други зборови, претпоставените следат како реагирате во ситуации за кои не можете однапред да се подготвите.
Тоа не значи дека постојано треба да размислувате кој ве набљудува. Напротив. Однесувањето во секојдневните ситуации често покажува дали некој е подготвен да преземе поголема одговорност.
Ова се пет работи што менаџерите особено можат да ги забележат.
1. Го забележувате она што другите не го кажуваат гласно
На состанок има десетина луѓе. Сите потврдуваат со главата, презентацијата е завршена и на прв поглед изгледа дека сè поминало добро.
Вие, сепак, забележувате дека колегите од друг сектор се погледнале кога бил споменат клучниот дел од стратегијата. Финансискиот директор почнал да покажува нетрпеливост, а неколку луѓе престанале да ја следат презентацијата.
Таквите сигнали не ги игнорира личност што знае добро да ја „прочита просторијата“.
Личноста што умее да ги препознае неискажаните реакции може да го забележи проблемот пред тој да стане очигледен за сите. За менаџерите оваа способност е важна бидејќи покажува дека вработениот не го следи само она што формално е кажано, туку го разбира и поширокиот контекст.
2. Не го трошите туѓото време без потреба
Долги синџири од мејлови, документи од неколку сектори, десетици прилози и различни верзии на извештаи лесно можат едноставната одлука да ја претворат во повеќечасовно читање.
Ако сте го поминале сето тоа, сте ги разбрале податоците и наместо на колегите да им препратите уште еден документ од 30 страници, сте подготвиле резиме со клучните информации и можните сценарија, сте направиле нешто многу позначајно од обична административна задача.
Сте покажале дека разбирате оти времето на другите луѓе е ресурс.
Ваквите постапки не се секогаш видливи во резултатите од проектот, но можат многу да кажат за начинот на кој размислувате и дали сте подготвени да ја координирате работата на другите.
3. Наместо да ги собирате заслугите, им помагате на другите да бидат подобри
Вашата идеја не поминала. Во продолжение на разговорот, колега изнесува предлог што би можел да функционира, но постои ризик групата да го занемари.
Наместо да молчите затоа што вашиот предлог не бил прифатен, го насочувате вниманието кон неговата идеја и дополнувате како би можела да се спроведе.
Тоа е една од особините на доброто лидерство: не мора вие да бидете автор на секоја добра идеја.
Личноста што умее да препознае квалитетен предлог, да помогне тој да се развие и притоа заслугата да му ја остави на колегата покажува самодоверба, но и способност да размислува во интерес на тимот.
4. Кога ќе се појави проблем, не придонесувате за паниката
Кризните ситуации брзо покажуваат како функционираат луѓето под притисок.
Некој ќе почне да шири гласини, некој ќе го изгуби трпението, додека друг можеби ќе биде толку смирен што ќе изгледа како да не е свесен за сериозноста на ситуацијата.
Од личност подготвена за поголема одговорност се очекува нешто помеѓу: да ја разбере итноста, но да не создава дополнителна паника.
Наместо претпоставки, го враќа разговорот на проверените информации. Наместо десет можни сценарија, дефинира што треба прво да се направи. Наместо да бара виновник, се фокусира на следниот чекор.
Токму во вакви ситуации менаџерот може да добие одговор на прашањето: „Можам ли на оваа личност да ѝ препуштам одговорност кога работите ќе тргнат наопаку?“
5. Умеете да размислувате гласно кога немате однапред подготвен одговор
Вештачката интелигенција денес може за неколку секунди да напише мејл, да направи презентација или да среди извештај. Поради тоа, самата способност да се создаде добро напишан документ повеќе не е доволна за некој да се издвои на работното место.
Многу потешко е кога на состанок ќе се појави неочекувано прашање, кога колегите не се согласуваат или кога треба да се донесе одлука без доволно информации.
Тогаш се гледа кој умее да го одвои важното од неважното, да го препознае проблемот и јасно да објасни што треба да се направи.
Токму затоа комуникацијата во живо станува уште поважна. Кога сите можат да создадат добро обликуван текст со помош на AI алатки, предност има личноста што умее да се снајде во непредвидена ситуација и да им помогне на другите да дојдат до суштината на проблемот.
Унапредувањето не е само награда за добро завршена работа
Добрите резултати се важни, но повисоката позиција носи и поголема одговорност за луѓето, одлуките и непредвидливите ситуации.
Затоа менаџерите, свесно или несвесно, многу пред разговорот за унапредување забележуваат како вработените реагираат на проблеми, дали им ја олеснуваат работата на другите, дали им даваат простор на туѓите идеи и дали може да им се верува кога треба самостојно да донесат одлука.
Патот до унапредување, затоа, не го одредува само она што пишува во описот на вашето работно место, туку и начинот на кој реагирате кога од вас се очекува нешто што во тој опис воопшто не е наведено.
Извор: bizlife.rs