Fasten the Future: Кога е-трговијата не е опција – туку новото правило на играта

Дигиталната иднина не пристигнува – таа веќе е тука. И на 8. Регионална конференција за е-трговија во Скопје стана јасно дека нема враќање назад.

ekomerc1-4740-fi

Извор: WebMind редакција

Во преполната сала на Националната опера и балет се собраа над 850 учесници и повеќе од 25 говорници од целиот регион и пошироко. Настанот го надмина концептот на класичен форум за е-трговија и технологии, претворајќи се во платформа каде се среќаваат економија, однесување, податоци и вештачка интелигенција, и каде се дефинираат нови стандарди, а не само трендови.

Тука се зборуваше за доверба, навики, мозок и одлуки – за процеси што понекогаш не ги разбираме ни сами, а ги правиме секој ден.

„Брзината веќе не е прашање на технологија – туку на волја“

Со оваа изјава, Нина Ангеловска, претседателка на АЕТМ, ја отвори конференцијата и ја постави најважната координата за денот: дигиталната економија не ја води најнапредната технологија, туку најснаодливиот ум.

Наместо класични tech фрази, фокусот беше на реалноста во која живееме: QuickCommerce што доставува за неколку минути, AI агенти кои веќе менаџираат кампањи, и брендирани стратегии како кај Dolce & Gabbana што се градат врз податоци и дисциплина.

Ова не беше ден за предвидувања – туку за луѓе коишто веќе ја движат иднината.

ekomerc-4740-ps1

Пазар што не толерира пауза

Горан Тинтор од Direct Media ја смени перспективата уште на старт: многу често купувањето не е рационален процес.

„Нашиот мозок не ја гледа реалноста – туку ја создава,“ рече тој, и посочи две работи кои често ги забораваме: вниманието е секундарна валута, а довербата е клучниот филтер. Не победува најдобриот производ, туку оној кој ги минимизира бариерите, ја смирува несигурноста и го штити времето на корисникот.

Блиска до таа идеја беше и приказната на Јасна Трпкоски, CEO на Korpa.mk, која одамна престана да биде само сервис за достава и стана модел за брзо темпо. Со просечно време на достава од 30 минути и рекорд од 7 минути и 35 секунди, тие покажаа дека брзината повеќе не е придобивка, туку очекување.

„Не се натпреваруваме со конкуренцијата, туку со времето,“ истакна Јасна Трпкоски, и ја најави следната фаза – Korpomarket.

Од регионална приказна, фокусот се префрли на глобална – преку Wolt. Она што започнало како идеја да се избегне редица за кафе, денес е платформа во повеќе од 30 земји, која поставува стандарди за брзина, корисничко искуство и е-комерц логистика.

ekomerc-4740-ps2

Зоран Ѓорѓевиќ, директор во Wolt, зборуваше за тоа како се преминува од стартап до светски играч, без да се изгуби човечкиот момент. Не е само технологија, туку култура, јасни playbooks и тимови кои учат и растат заедно. Wolt не доставува само производи, туку создава нов модел на услуга каде брзината, довербата и грижата за луѓето одат заедно.

Не ни треба нова револуција – туку побрзо прифаќање

Посебно силен момент беше личната приказна на Никица Мојсоска-Блажевска, CEO на Macedonia 2025 и GoDigital – пример за тоа како дигитализацијата не е тактичка одлука, туку промена на навика. Од отпор кон QR-кодови во Кина, до сфаќање дека тоа не е „новитет“, туку нормалност.

„Македонија може да стане дигитална кога ќе почнеме со конкретни мали чекори и ќе се движиме побрзо од навиките што нè држат назад,“- изјави таа.

Поентата беше јасна: не ни недостига технологија – ни недостига темпо.

ekomerc-4740-ps3

AI агентите веќе работат – дали вие работите со нив?

„LLM моделите денес се како новата струја. А AI агентите – новите дигитални колеги,“ рече Ивица Пешовски од Brainster.

Во еден од најконкретните и практични говори, Пешовски го покажа преминот од теорија кон пракса: AI агент кој не само што изработува маркетинг кампања, туку ја тестира, анализира резултати, алоцира буџет и иницира следен чекор. Разликата е јасна: автоматизацијата следи правила, агентите – цели. И тоа веќе го менува начинот на кој се работи.

ekomerc-4740-ps4

Мозок што не се предизвикува – скапува

Креативецот и писател Урош Петровиќ донесе поинаков тип потсетување дека иновацијата почнува од мозок што одбива да влезе во рутина. Без презентација, само со логички игри и една мала кинеска топка што ја носи две децении. „Мозокот што не се предизвикува – се гаси“.

Науката ја потврдува оваа теза: мозоците на поединци кои секојдневно се соочуваат со предизвици имаат повеќе синапси и поголем капацитет. Неговата порака беше јасна – менталната рутина е најопасниот вид пензија.

Токму тука се отвори уште една важна тема: што значи лидерство во време кога машините учат да мислат, а алгоритмите носат одлуки побрзо од луѓето?

ekomerc-4740-ps5

Марија Томеска од „Еуролинк осигурување“ потсети дека иднината не ја води оној што најмногу знае за технологија, туку оној што најдобро ја разбира човековата страна на промената. „Не знам дали AI ќе нè замени, но без човечка димензија технологијата не вреди ништо,“ рече таа.

Според неа, новото лидерство е хибридно – комбинација од вештачка и човечка интелигенција, од аналитика и емпатија. Не се бараат херои, туку лидери кои слушаат, вклучуваат и градат колективна сила. Во ера на автоматизација, најголема премиум вредност останува човекот.

Од модна писта до алгоритми

Што значи да водиш инфлуенсер стратегија за бренд како Dolce & Gabbana?

„Инфлуенсерите не се глас – туку стратегија,“ рече Пиера Валентина Тониоло од Dolce & Gabbana Beauty.

Нивната логика е платформски прецизна: Instagram е за кредибилитет, TikTok за автентичност, YouTube за Gen Alpha. Со метрики како Earned Media Value и Share of Voice, тие го диригираат инфлуенсер маркетингот со истата дисциплина со која се гради модна колекција.

Секој канал има свој тон, свој ритам и своја цел – и ако не го разбереш тоа, не си во стратегија, туку во ехо.

Од инспиративни говори до практични примери и визии што не се одложуваат, Fasten the Future не беше само конференција. Беше јасен сигнал дека она што вчера беше алтернатива – денес е основа.

Дигиталната иднина не е концепт за размислување – туку реалност за градење.

А прашањето што остана отворено е едноставно: Кој ја вози иднината, а кој само ја гледа додека поминува?

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.