Колегите кои секогаш знаат како да најдат заеднички јазик, умешно смируваат незадоволни клиенти и внесуваат позитивна енергија во тимот. Често, токму тие се лицата што се вработени поради својата личност. Хемијата во една компанија не произлегува само од процеси и правила, туку од луѓето. Таа е суптилен, но клучен елемент кој директно влијае врз мотивацијата, ефикасноста и целокупниот квалитет на работата.
На социјалните мрежи сѐ почесто се појавува тренд каде што луѓето се идентификуваат како личности кои се „вработени поради својот карактер“, односно personality hire.
Што значи „Personality Hire“?
„Personality hire“ е популарен термин за лице кое добило работа не толку поради техничките квалификации, туку поради својот карактер, харизма и начин на комуникација. На интервјуто за работа, тие успеваат да остават впечаток благодарение на својата отвореност, искреност и позитивна енергија.
Најчесто станува збор за екстровертни личности со висока емоционална интелигенција кои веднаш се паметат. Овој тип на вработени најчесто ги среќаваме во сектори каде што се работи со клиенти, партнери или каде се нуди одредена услуга.
Важно е да се нагласи дека луѓето кои се вработуваат врз основа на своите социјални вештини не се нужно нестручни – тие можеби немаат развиени технички вештини, но компанијата гледа потенцијал за нивно понатамошно усовршување. Техничките вештини може да се научат, но со автентична личност се раѓаме.
Без човечност – нема успешна работа
Експертите сметаат дека вработувањето врз основа на личност ќе игра сѐ поголема улога во иднина. Во време кога вештачката интелигенција ги автоматизира многу процеси, највредните вештини за работодавачите ќе бидат токму социјалните и емоционалните – способноста за создавање идеи, емпатија, комуникација и внесување „човечка димензија“ во работата.
Истражувањата покажуваат дека најпосакуваните карактеристики на кандидатите се: љубезност, самодоверба, ентузијазам, доверливост и мотивација.
Трендот на вработување поради личност е во пораст бидејќи пазарот на таленти е ограничен – работодавачите се подготвени да ги прилагодат своите очекувања за техничките вештини ако добијат човек со соодветна енергија и вредности.
Ако чувствувате дека сте вработени поради својата личност, а не само поради техничките способности – тоа е ваша можност! Можност да учите, да се развивате и да изградите вреден сет на вештини. Вашите социјални способности се вашата предност – тие ќе ве подготват за успешна и долгорочна кариера.
Извор: bizlife.rs