Американскиот технолошки гигант постигна договори со Vistra Energy за откуп на електрична енергија од три постоечки нуклеарни електрани во Охајо и Пенсилванија. Овие договори би можеле до 2035 година да обезбедат капацитети од околу 6,6 гигавати, што според проценките ги надминува потребите на повеќето големи дата-центри денес.
Енергетска стратегија за ерата на вештачката интелигенција
Meta во своето соопштение наведува дека со овој чекор обезбедува долгорочна енергетска стабилност, во услови кога растот на потрошувачката на електрична енергија – поттикнат од забрзаниот развој на вештачката интелигенција – создава сè поголем притисок врз постојната инфраструктура. Нуклеарната енергија, за разлика од фосилните горива, овозможува континуирано снабдување без емисии на јаглероден диоксид, што е во согласност со целта на компанијата до 2030 година да користи исклучиво обновливи и чисти извори на енергија.
Покрај договорите за купување електрична енергија, Meta планира и вложувања во мали модуларни реактори (SMR), преку партнерства со компаниите Oklo и TerraPower, кои развиваат пофлексибилни и побрзи решенија во споредба со класичните нуклеарни постројки. Овој тип реактори се смета за иднината на нуклеарната енергетика, иако сè уште не се широко комерцијално применети, пишува Reuters.
Пазарот реагираше позитивно на веста, акциите на енергетските компании вклучени во договорот бележат раст. Аналитичарите сметаат дека со овој потег Meta отвора ново поглавје во односите меѓу технолошкиот и енергетскиот сектор, бидејќи се очекува токму побарувачката за напојување на AI инфраструктурата да ги забрза инвестициите во напредни извори на енергија.
Овој договор следува по сличен спогодбен аранжман што Meta претходно го потпиша со Constellation Energy, со што компанијата ја потврдува својата долгорочна стратегија за вложување во чиста енергија. Како што потрошувачката на струја продолжува да расте особено во AI центрите ваквите потези би можеле да станат стандард меѓу водечките технолошки компании кои бараат одржливи начини за напојување на своите дигитални империи.
Извор: web-mind.rs