Вештачката интелигенција повеќе не е нешто со кое децата „ќе се сретнат во иднина“. Таа веќе е дел од нивното секојдневие, интегрирана во домашни задачи, социјални мрежи, игри и пребарување информации. Истовремено, ризиците од злоупотреба веќе се дел од јавната агенда, а меѓународните организации за детски права веќе предложија јасни насоки за јавни политики.
Како што АИ го менува детството побрзо отколку што образованието и заштитните механизми можат да одговорат, станува јасно: потребна е итна акција. АИ мора да се дизајнира, применува и регулира на начин што ги почитува, штити и унапредува правата на децата. Децата имаат потреба од АИ писменост и вештини, како и од дигитални политики што ќе ги ублажат системските нееднаквости. А безбедноста мора да биде приоритет.
За сето ова ни се потребни емпириски истражувања со сигурни статистики поделени според демографски групи и споредливи меѓу различни земји. Ни треба и истражување кое ги вклучува гласовите и искуствата на самите деца. По повод Денот за побезбеден интернет 2026, EU Kids Online го лансира новото европско истражување со 25.000+ деца на возраст 9–16 години, како и длабински интервјуа со деца во 15 земји.
Повеќето европски деца користат генеративна АИ
Околу седум од десет деца во Европа користат некаков облик на генеративна вештачка интелигенција (ГенАИ). Ова вклучува самостојни алатки како ChatGPT, но сè почесто АИ е вградена директно, скоро незабележливо, во платформите што децата веќе ги користат.
Извор: EU Kids Online
Истражувањето нуди нијансирана слика: децата често не прават „свесен избор да користат АИ“ – таа едноставно постои како дел од нивните апликации: чат-бот во Snapchat, асистент во пребарувач, креативна алатка во апликација за дизајн. Начинот на кој платформите се дизајнирани ја обликува нивната употреба и може да ја ограничи автономијата на децата.
„Мислам дека првпат користев вештачка интелигенција на Snapchat, затоа што ни требаше ништо да инсталирам, едноставно само се појави. Беше чудно, не знаеш кому пишуваш… а некој ти враќа.“
(Катарина, 15 години, Србија)
“Gemini почна сам да се појавува, како мало кружно вчитување што анализира што сум побарала.”
(Аиша, 16 години, Велика Британија)
Возраста и социоекономскиот статус играат голема улога
Употребата на ГенАИ нагло расте со возраста. Помалите деца (9–10 години) ретко ја користат, но кај тинејџерите речиси станува универзална. Ова го следи истиот образец како претходните дигитални технологии: поголема автономија, што е еднаква на поголема употреба.
Извор: EU Kids Online
Се забележува и „ АИ јаз“ поврзан со социоекономскиот статус. Децата од побогати домаќинства имаат поголем пристап до АИ алатки и ги користат на повеќе начини.
Родовите разлики се минимални, односно девојчињата користат АИ малку повеќе од момчињата.
Главно практична, понекогаш и разиграна употреба
И покрај стравувањата дека децата ќе „му ја препуштат работата на АИ“, повеќето ја користат за секојдневни и практични задачи: заштеда на време, помош при домашни задачи, објаснување сложени концепти, идеи.
„Ми штеди многу време. И за училиште и за сè друго.“
(Франциско, 14 години, Португалија)
„За музика, препораки каде да јадам, за работи што ме интересираат…“
(Серена, 17 години, Италија)
Но играта е исто важна: многу деца ја користат АИ од љубопитност, досада или забава, за смешни текстови, слики или „тестирање“ што може да направи.
АИ како придружник
Некои деца користат чат-ботови за да споделат грижи, да побараат совет или да се справат со осаменост.
„Можеш да ѝ кажеш за твоите проблеми. Може да те смири ако си лут или тажен… како онлајн пријател кој никогаш не го запознаваш.“
(Амелија, 14 години, Велика Британија)
„Летото, кога не можев да спијам, му пишував: ‘ајде, прави ми друштво’.“
(Никола, 15 години, Италија)
Уште е рано да се знае дали АИ ќе стане доминантен извор на емоционална поддршка, но веќе отвора важни прашања за доверба, зависност и благосостојба.
Довербата во АИ е условна, не слепа
Некои деца ја гледаат АИ како побрза или поперсонализирана од Wikipedia. Но дигитално поспособните деца покажуваат претпазливост: ја проверуваат точноста, препознаваат грешки и знаат дека АИ „измислува“.
„Вештачката интелигенција се обидува да го провери и да даде точен одговор.“
(Илзе, 17 години, Латвија)
„ChatGPT често греши и не ми дава инфо од вистинската книга – само измислува.“
(Тим, 17 години, Полска)
Ова е важно: АИ писменоста бара критичко мислење, не само техничко знаење.
Загриженост кај децата
Некои децата не ја користат АИ затоа што им е непотребна, неинтересна или не се чувствуваат доволно сигурни. Други се грижат за зависност, неточност или дека ќе „оглупат“ ако се потпираат премногу.
„Мислам дека добро си функционираме и без неа.“
(Ола, 13 години, Норвешка)
„Престанувам да размислувам сам… а тоа не помага за личен развој.“
(Јоана, 17 години, Португалија)
И приватноста е голема загриженост: како се чуваат податоците? Кој има пристап?
Што треба да се направи?
Децата повторно кажуваат: „Сакаме водство и безбедност, не забрани.“
Тие сакаат да учат како да користат АИ критички, одговорно и креативно.
Потребно е:
- Образование со системски пристап, а не ад-хок правила.
- Поддршка за родители кои често разбираат помалку од сопствените деца.
- Политики што ги вклучуваат детските права и нивните гласови.
- Одговорност за индустријата и регулаторите.
- Еднаква достапност за деца од пониски социоекономски средини.
Децата веќе растат со машини што им одговараат во реално време. Прашањето повеќе не е дали ќе користат АИ, туку како и под кои услови.
Одлуките што ги носиме мора да се базираат на докази, а не на страв или „hype“.
Овој текст ги претставува ставовите на авторите, а не официјалната позиција на блогот Media@LSE или на London School of Economics and Political Science.
Оригиналниот текст е првично објавен од Media@LSE и е републикуван со дозвола.