Нашата сложена поврзаност со сè околу нас постојано поминува низ филтерот на нашата внатрешна состојба. А креативната енергија, директно извира од цикличната женска природа. Таа се движи, се издигнува и се повлекува, во склад со фазите на менструалниот циклус. Кога добро се познавате себеси, можете да очекувате дека во средината на циклусот ќе бидете на врвот на силата и фокусот. Тогаш зрачите со самодоверба, лесно го одржувате вниманието и слободно располагате со својата креативност. Во други денови, пак, чувствувате потреба за забавување, осаменост и одмор. Телото, психата, емоциите и енергијата се во постојана меѓусебна интеракција и движење. Ништо не е постојано, освен самата флуктуација. Како што се менуваат нивоата на хормоните, така се менуваат и расположението, општата состојба и креативната енергија. Хормоните флуктуираат во предвидлив ритам и влијаат на хемијата на мозокот, енергијата, фокусот и емоциите. Тоа се јасни сигнали со кои можеме да се усогласиме и да им се прилагодиме. Со други зборови, креативноста го следи текот на менструалниот циклус. Разбирањето на ова ви овозможува да ја користите на оптимален начин, наместо да се борите против природата.
Креативна енергија низ менструалниот циклус
Не можете да се чувствувате исто секој ден. Живееме во свет кој очекува исто ниво на енергија, резултати и мотивација од ден во ден, но биологијата не функционира така. Тоа, сепак, не значи дека некои денови не сте креативни, туку дека вашата креативна енергија има поинаква вибрација. Кога естрогенот е во пораст, тој ја поддржува вербалната течност, создавањето идеи и надворешното изразување. Повисоките нивоа на прогестерон ве насочуваат кон внатрешниот свет, станувате подлабоко интуитивни. Креативните идеи не пресушуваат, тие само го менуваат својот квалитет и форма. Женската креативна енергија е циклична. Кога ќе престанете да се осудувате себеси затоа што не сте постојано активни и продуктивни, можете да се усогласите со својот циклус. Побавната фаза не значи неуспех, туку овозможува подлабок пристап до внатрешниот свет и бара поинаков начин на насочување на енергијата. Прифаќањето на ова знаење за себе и промената на начинот на размислување ја смирува внатрешната збунетост. Наместо да туркате и да форсирате резултати, почнувате да верувате дека секоја фаза има своја цел. Тоа размислување создава повеќе леснотија, ментално, емоционално и креативно.
Фоликуларна фаза: повик за ментално будење
Фоликуларната фаза започнува веднаш по завршувањето на менструацијата. Многу жени ја доживуваат како ментално ресетирање. Зголемувањето на естрогенот ја поддржува љубопитноста, оптимизмот, учењето и менталната флексибилност. Во овој период, многу жени се чувствуваат побистро, посвежо и постабилно. Идеите течат, мотивацијата се враќа, новите проекти изгледаат возбудливо наместо преоптоварувачки. Чувството на нов почеток е резултат на хормонскиот подем, кој можете целосно да го искористите.
Овулација: врв на креативната енергија
За време на овулацијата, жените често се чувствуваат најсилно и најизразено. Оваа фаза е поттикната од врвните нивоа на естрадиол и тестостерон. Комуникацијата е полесна, самодовербата е зголемена и желбата да ги споделите идеите или да бидете видени е поизразена. Ова е одлично време за презентации, соработка и изнесување на нешто во светот. Со тоа што го знаете ова, можете да ги темпирате своите активности и да го усогласите својот работен календар со циклусот.
Лутеална фаза: погрешно сфатена, но исклучително корисна
Лутеалната фаза често има лоша репутација, но таа е исклучително корисна за креативноста. Оваа фаза е одлична за уредување, усовршување, решавање проблеми и забележување детали. Прогестеронот е во пораст и ја поддржува способноста за препознавање обрасци и разликување. Проблемот настанува кога се очекува лутеалната енергија да се чувствува како овулаторната. Современиот свет ја наградува постојаната продуктивност и токму тука се создава неусогласеноста. За да управувате со енергијата, потребно е да прифатите каде се наоѓате во циклусот и едноставно да го следите текот.
Извор: Freepik
Менструација: креативна енергија на интуиција и јасност
За време на менструацијата, естрогенот и прогестеронот паѓаат на најниските нивоа. Овој пад често носи ментално и емоционално ресетирање. Во овој период има помалку ментален шум и поголем пристап до интуицијата и искрените увиди. Многу жени се чувствуваат особено јасно во оваа фаза. Ова е моќно време за проверка и поставување намери пред да пристигне следниот бран на креативна енергија.
Следење на циклусот
Ако следењето на циклусот ви изгледа преоптоварувачко, поедноставете го. Започнете со бележење кога започнува менструацијата, колку трае и како се менуваат вашата енергија, расположение и фокус. Со текот на времето ќе се појават обрасци кои ќе ви помогнат да работите со вашето тело, наместо против него.
Усогласете ги креативните задачи со фазите на циклусот:
- фоликуларна фаза, размислување, учење и започнување,
- овулација, споделување, презентирање и соработка,
- лутеална фаза, уредување, усовршување и решавање проблеми,
- менструација, одмор и согледување на пошироката слика.
Овие насоки не треба да ги доживувате како строга структура, туку како усогласување. Ослободете се од очекувањето дека секој ден мора да имате врвни перформанси. Кога притисокот исчезнува, креативноста често се продлабочува.
Нов ден, поинаква креативна енергија
Женската биологија е ритмична, а не линеарна. Хормоните се менуваат од ден во ден и од недела во недела. Ако ова не го разбираме, лесно можеме да западнеме во грижа дека нешто не е во ред, што дополнително нè оптоварува. Долготрајното игнорирање на внатрешните сигнали може да доведе до исцрпеност. Усогласувањето со циклусот ја штити вашата енергија, креативност и нервен систем. Најважно е да разберете дека вашата креативна енергија природно не е константна. Таа се менува, паѓа и повторно се издигнува. Течете со неа.
Извор: easylife.rs