Уште во 2007 година, тешко беше да се замисли револуцијата на корисни апликации и сервиси што ја донесоа паметните телефони. Но, таа удобност имаше своја цена – во форма на нарушена приватност. Како истражувачи кои се занимаваат со управување на податоци и заштита на приватноста, забележуваме дека со проширувањето на интернет конекцијата на уредите во домовите, канцелариите и градовите, приватноста е денес повеќе загрозена од кога било порано.
Интернет на нештата (IoT)
Вашите домашни уреди, автомобилот и целиот дом се дизајнирани за да ви го олеснат животот и да ги автоматизираат секојдневните задачи: да го палат светлото кога ќе влезете во просторија, да ве потсетат дека доматите ќе се расипат, да ја прилагодат температурата според временската прогноза и личните преференции на членовите во домаќинството.
За да можат тоа да го прават, им е потребен интернет – за да собираат дополнителни податоци и да носат одлуки. Без интернет, вашиот паметен термостат може да собира податоци, но не знае каква е временската прогноза, ниту има доволно процесорска моќ за самостојно одлучување.
Но, не се само домашните уреди поврзани на мрежата. Паметни уреди се сè почесто присутни и во работни простори, трговски центри и паметни градови. IoT веќе има широка примена во транспортот, логистиката, земјоделството и индустриската автоматизација. Според проценки, во 2018 година имало околу 22 милијарди уреди поврзани на интернет низ светот, а до 2030 година се очекува тој број да надмине 50 милијарди.
Што знаат уредите за нас?
Паметните уреди собираат најразлични податоци за своите корисници. Паметните безбедносни камери и дигиталните асистенти, во суштина, се камери и микрофони во вашиот дом кои го снимаат вашиот глас и вашите движења. Помалку очигледни се уреди како паметните телевизори кои ве снимаат, паметните сијалици кои го следат вашиот сон и работата на срцето, или пак паметните правосмукалки кои ја мапираат секоја просторија во вашиот дом.
Понекогаш, дури и самото прислушување се промовира како предност – на пример, некои Wi-Fi рутери собираат информации за тоа каде се наоѓате во домот и се координираат со други уреди за да детектираат движење.
Производителите често тврдат дека податоците ги гледа само автоматизиран систем, а не луѓе. Но тоа не е секогаш вистина. На пример, вработени во Amazon ги прислушуваат дел од разговорите што ги водите со Alexa, ги транскрибираат и анализираат, за потоа да ги користат во подобрување на системите со вештачка интелигенција.
Дури и ако податоците ги гледа само автоматизиран систем, тоа не значи дека последиците се безопасни. Приватните податоци што се пренесуваат преку интернет се ранливи на хакерски напади било каде во светот, а повеќето уреди за широка употреба немаат силна заштита.
Кај некои уреди, како паметни звучници или камери, корисниците понекогаш можат да ги исклучат заради приватност. Но, тоа често значително ја намалува нивната функционалност. А кога сте на работа, во трговски центар или паметен град – немате дури ни таа опција. Тоа значи дека сте изложени на ризик дури и ако лично не поседувате ниту еден паметен уред.
Што можеме да направиме?
Поради сето ова, важно е секој корисник да разбере што добива, а што губи со купување и користење на интернет-поврзани уреди. За жал, тоа не е секогаш лесно. Истражувањата покажуваат дека сопствениците на паметни домашни асистенти често не знаат какви податоци уредите собираат, каде се складираат и кому се испраќаат.
Закони како Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) во ЕУ и Законот за заштита на потрошувачи во Калифорнија (CCPA) им даваат на луѓето поголема контрола врз сопствените податоци. Благодарение на тоа, можете да поднесете барање за пристап до податоци (Data Subject Access Request – DSAR) до компанијата што ги собира и да побарате информации за тоа кои податоци ги имаат, како ги користат и дали ги споделуваат со трети страни.
Но, иако овие закони се важен чекор, нивната имплементација тешко може да го следи експлозивниот раст на бројот на уреди. До тогаш, можете и самите да преземете неколку мерки:
- Доколку веќе поседувате паметен уред – редовно ажурирајте го неговиот софтвер и во поставките исклучете ги сите функции за собирање податоци што не се неопходни.
- Американската Федерална комисија за трговија (FTC) нуди практични совети како да ги заштитите вашите уреди,
- А организацијата Online Trust Alliance нуди дополнителни препораки и контролни листи.
Ако допрва планирате да купите паметен уред, информирајте се какви податоци собира и каква е политиката за приватност на производителот. Независни извори како платформата Privacy Not Included од Mozilla можат да ви помогнат да изберете уред кој повеќе ја почитува вашата приватност.
Извор: web-mind.rs