Сè повеќе истражувања покажуваат дека седечкиот начин на живот станува еден од најголемите здравствени проблеми на модерното доба, а последиците можат да бидат сериозни за срцето, крвните садови, метаболизмот и менталното здравје.
Седењето подолго од осум часа дневно носи сериозен ризик
Истражувачите анализирале 13 големи студии со повеќе од милион испитаници и заклучиле дека седењето подолго од осум часа дневно, без доволно физичка активност, носи ризик од смртност споредлив со пушењето и дебелината.
Друга голема анализа, која опфатила околу 800.000 луѓе, покажала дека лицата кои најмногу седат имаат и до 150 отсто поголем ризик од болести и предвремена смрт во однос на оние кои седат најмалку.
Што се случува во телото за време на долго седење?
Срце и крвни садови
Луѓето кои поголемиот дел од денот го поминуваат седејќи имаат поголем ризик од кардиоваскуларни болести. За време на долгото седење се забавува протокот на крв, а масните наслаги полесно се таложат во крвните садови, што го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар. Истражувањата покажуваат дека лицата кои долго седат имаат околу 34 отсто поголем ризик од смрт предизвикана од болести на срцето и крвните садови.
Шеќер во крвта и дијабетес
Седечкиот начин на живот го зголемува ризикот од инсулинска резистенција, дијабетес тип 2 и метаболички синдром, особено кај лицата кои имаат вишок килограми.
Ментално здравје
Долготрајното седење е поврзано и со поголем ризик од депресија. Според истражувањата, лицата кои најмногу седат имаат околу 14 отсто поголем ризик од развој на симптоми на депресија.
Срцев мускул
Кардиологот д-р Бенџамин Левин од UT Southwestern Medical Center предупредува дека долготрајната физичка неактивност може да доведе до стврднување на левата комора на срцето, делот кој ја пумпа крвта богата со кислород низ телото. Кога срцевиот мускул ја губи еластичноста, расте крвниот притисок и се зголемува ризикот од срцева слабост.
Дали е доволно да се вежба само за време на викендот?
Многумина веруваат дека можат да го надоместат повеќечасовното седење со тренинг или рекреација за викенд, но новите истражувања покажуваат дека тоа не е доволно.
Светската здравствена организација препорачува најмалку 150 минути физичка активност неделно, но експертите предупредуваат дека телото бара редовно движење во текот на целата седмица. Студијата на Massachusetts General Hospital покажала дека долготрајното седење го зголемува ризикот од срцеви аритмии, срцев удар и срцева слабост дури и кај луѓе кои формално ги исполнуваат препораките за физичка активност.
Посебно е ризично помеѓу 35-тата и 55-тата година
Експертите предупредуваат дека луѓето помеѓу 35 и 55 години често поминуваат најмногу време седејќи поради работата, стресот и секојдневните обврски. Добрата вест е што промената на навиките може значително да ја подобри состојбата на организмот.
Малите промени можат да направат голема разлика
И кратката дневна активност може да помогне во намалување на здравствените ризици поврзани со седењето. Истражувањето објавено во British Journal of Sports Medicine покажа дека веќе 22 минути умерена до интензивна физичка активност дневно може значително да ги намали негативните последици.
Што можете да направите веќе денес?
- Станете и прошетајте на секои 60 до 90 минути.
- Телефонските разговори обавувајте ги стоејќи или во одење.
- Користете скали наместо лифт.
- Прошетајте десет минути по ручекот.
- Дел од состаноците одржувајте ги во одење кога и да е можно.
Телото го памети секој час седење
За разлика од пушењето, прекумерното седење многумина не го доживуваат како опасна навика бидејќи стана дел од секојдневието. Меѓутоа, телото го памети секој час без движење. Болките во грбот, заморот, вкочанетоста или задишеноста при качување по скали често не се само знак на стареење, туку предупредување дека премалку се движиме.
Извор: odrzime.rs