Ако сепак вашиот императив е да имате видливост, препознатливост во рамките на пошироката деловна заедница во контекст на вашето доменско знаење, имам неколку предлози како да го направите тоа на LinkedIn – најголемата деловна мрежа во светот.
Уште на почеток знајте дека не се ова совети како да го постигнете тоа во три чекори или за неколку недели. Ако се препознавте од почетокот на текстот дека поседувате знаење, имате резултати, искуство, знаете дека за тоа ви беше потребна сериозна посветеност и време. Слични правила важат и на LinkedIn.
Конзистентност. Оваа особина е важна и кога сакате да ја дигитализирате вашата репутација. Редовно објавување на содржини и ангажирање на платформата се задолжителни. Да го објаснам слоганот „Редовно објавување содржини“. Ова не е совет, односно обврска да објавувате секој ден. Тешко е на тој начин да се задржи квалитетот на комуникацијата или, како што скоро прочитав на профилот на еден човек за кого имам исклучително позитивно мислење: „…и дека речиси никој нема доволно интересен живот и работа за да пишува за нешто секој ден.“ Ако сепак имате волја, инспирација и доволно интересен живот и работа да пишувате секој ден – само напред.
Редовно, односно што е можно почесто, потребно е присуство на платформата за коментари, како и увиди на содржините на оние кои се од вашата бранша. Сигурен сум дека на тој начин се доаѓа и до инспирација за креирање на сопствена содржина.
Извор: BIZLife.rs
Неколку совети за избор на теми
Актуелни трендови и промени – интензивниот напредок на технологијата во времето во кое живееме ни остава можност да зборуваме за нови алатки, платформи, влијанија што технологијата ги остава врз секојдневната работа. Усогласувања или нови законски решенија со примери од нашата земја, регионот или на глобално ниво.
Искуства од реални ситуации, студии на случај – совршен начин да покажете и докажете доменско знаење. Редовно поттикнувам да се споделуваат искуства кои не се секогаш позитивни, односно советување како некој друг да ги избегне вашите грешки или јасна комуникација што вие сте научиле од таквите ситуации – ваквите примери стануваат лекции.
Објаснување на комплексни и сложени концепти на едноставен начин – начин кој ќе помогне темата и проблематиката доволно да ги разбере и некој кој не е од вашата струка, кој нема ваш вокабулар. Ова е посебна вештина, вредна да се потрудите околу неа, бидејќи може да има значајна улога во процесот на вашето создавање како стручен авторитет.
Кој тип на содржина да изберете?
Долга форма на содржина – LinkedIn статии (articles) оставaат простор за детална анализа, повикување на извори, поставување мултимедијална содржина. Овој тип на содржина генерално има помал дострел од класичните објави, но просторот за креирање на содржина е неспоредливо поголем, како и можностите за негово форматирање. Тука е и моментот на SEO (да се дојде до вашата содржина преку пребарување на клучни зборови) – важен сегмент кога зборуваме за позиционирање на вас како експерт.
Ќе наведам пример: PSD2 е новина од доменот на банкарскиот и секторот на платни институции кој го дефинира поимот на отворено банкарство. Оној што ќе се потруди да создаде поголем број квалитетни содржини што ги вклучуваат и објаснуваат поимите од претходната реченица, може да се најде во ситуација при пребарување на споменатите поими, да биде излистан од пребарувачите меѓу првите извори на информации. Зарем тоа не е, буквално, одговор на прашањето: Како да се искористи LinkedIn за градење на стручен авторитет?
Практични водичи – LinkedIn doc е многу корисна форма за наведување, без разлика дали опишувате чекори во решавање на некој предизвик или наведувате, на пример, 10 причини – зошто да или зошто не.
Видео содржина – формат кој доминира – преку него раскажете го своето искуство, заклучок, споделете совет. На овој начин вашата експертиза добива во извесна мера „социјален доказ“, бидејќи со личниот настап сте подготвени да го поддржите она што е тема (поинаква перцепција на публиката во однос на тоа кога нешто пишувате).
Бонус совет
Повеќе пати сум пишувал дека вашиот личен профил е простор кој треба да го гледате како канал на кој треба да комуницирате на истиот начин на кој комуницираат експертите кога се поканети во ТВ студио поради нивната релевантност. Вие изберете теми за кои вие сте релевантни.
Еден предлог за уште поголемо влијание: Нека вашиот профил биде тој ТВ студио – live или audio настан, поканете релевантни луѓе од браншата и зборувајте. Овој пристап бара минимум технички предуслови (доколку е видео стрим, а за аудио настан нема технички предизвици), но обезбедува максимум за остварување на целта, а тоа е вие како стручен авторитет.
Тон на комуникација
Задржете автентичност и AI алатките нека ви служат како инспирација или поддршка за подобрување на содржината што сте ја создале. Немојте да правите банално Copy – Paste!
Ако имате талент сè да вметнете во „мод“ на раскажување (storytelling, за да биде порелевантно), драстично ги зголемувате шансите јавноста со задоволство да ја консумира содржината.
Како да ги примените советите ако сте дел од компанија?
Многу слично, речиси идентично, и уште е можно да имате и поддршка од колегите од компанијата. Експонирањето на овој начин пред вашата компанија, покрај креирање на стручен авторитет, може да ве кандидира и за лидер.
Како што е логично да очекувате поддршка од колегите, воедно имате и простор и вие квалитетно да се ангажирате на содржините што ги креираат колегите за да целата комуникација добие на вредност.
Заклучок
Принципите кои ви помогнаа колегите и деловните соработници од вашето непосредно опкружување да ве препознаат како експерт — посветена работа, учење од грешките и споделување на знаењето — можат да се применат и на LinkedIn. На тој начин станувате изложени на значително поголем број деловни луѓе и го зголемувате своето влијание, што во перспектива ве кандидира за стручен авторитет во областа.