Од време на време се појавува изјава, пост или текст поврзан со третманот на кандидатите за некое работно место во кој се осудува желбата истите да дознаат кое е работното време и колкава е платата. Како што младите генерации стануваат сè посвесни за она што им следува, секој таков пост разгорува жестока дебата на социјалните мрежи, судирајќи ги мислењата на „старата гарда“ и „младите сили“.
Времињата се сменија. Денес малкумина сакаат да работат бесплатно, а младите луѓе го ценат своето слободно време и својот труд подеднакво. Праксата во рамки на која се бара од луѓето кои се почетници да работат една година „без пари“ и да прават кафе и носат буреци, полека станува дел од историјата.
Дури и постарите генерации кои својата кариера ја започнале на овој начин, па можеби во тоа ја гледаат тајната на својот успех, сè почесто застануваат на страната на младите и признаваат дека нема смисла да се работи без барем некаков надомест, како и дека за да имате добар работник важно е тој да биде задоволен и неговиот ден и живот да не се сведуваат само на работа.
Токму во таква, сè уште поларизирана атмосфера, секој став кој е ригидно „за“ или „против“ предизвикува бура од коментари. Така беше и сега. Постот кој го објави еден од корисниците на деловната социјална мрежа LinkedIn ја потресе оваа платформа и предизвика бројни реакции.
Го пренесуваме постот во целост:
„ОК, ајде да објаснам нешто – накратко: Зошто кандидат кој прашува „Колку е работното време (од кога до кога се работи)“ во 99% од случаите не добива повик за следно интервју и работа? Е, па затоа што тоа прашање ми кажува дека ти – повеќе го вреднуваш своето време отколку своето знаење и искуство (а јас за своите клиенти ги ангажирам само оние вторите, исклучиво). Секако дека на ова прашање одговарам со прашање од типот – дали ти е работното време поважно од слободното време… дали ти е работното време поважно од висината на платата… а зошто ме прашуваш баш тоа… дали е тоа единственото што те интересира сега… дали работното време е одлучувачки фактор за тебе… Но, ако ти одговорам со „осум часа, пон-пет“ знај дека приказната е завршена, извини“, напиша авторот на постот.
На LinkedIn се разви широка дискусија во коментарите на овој пост. Што мислите вие за ваквиот став?