Networking за интроверти: Секој може да биде social butterfly! 

Ако ве полазуваат морници секој пат кога ќе се спомене зборот социјализација, па згора на тоа и уште некој задолжителен тим билдинг или работилница за вмрежување или како што сите го знаеме Networking, тогаш текстов можете слободно да си го испечатите и да си го носите во паричник!

social-butterfly-1254-fi

Извор: Freepik / carloscastillajimenez

Ако до сега важеше правилото дека екстровертите имаат монопол кога станува збор за создавање контакти, размислете повторно! Изгледа впуштањето во социјалните кругови не е само за оние кои се експерти за small talk. Да, тоа значи дека има место и за вас, драги интроверти!

Затоа, ајде да разбиеме еден мит: вмрежувањето не е супермоќ која им е подарена при раѓањето на екстровертите. Тоа е занает — вистинска уметност што секој може да ја совлада со малку упорност и неколку тактики. И погодете што? Дури и најсрамежливиот може да се претвори во вистинска social butterfly.

Неколку познати факти

Не е некоја новост дека вмрежувањето е моќна алатка за професионален раст и може значително да ја подобри вашата кариера на многу начини. Поради достапноста на инсајдерски информации за потенцијални нови можности, за споделување на знаења, вештини па дури и можност за запознавање на ментори кои се во позиција да ви отворат цел нов свет на кариерни можности, вмрежувањето не треба да се потцени.

Што вели истражувањето на Harvard Business Review 

Неодамна објавена статија на Harvard Business Review пишува за спроведено истражување токму на темава. Имено, во Lehigh@NasdaqCenter била спроведена анализа врз 450 испитаници, професионалци од различни струки за да се одредат факторите кои се клучни кога станува збор за станување мастер за вмрежување. И знаете што е заклучокот? Без оглед на возраста, полот, фазата на кариера или нивото на екстровертност или интровертност, вештините за вмрежување може да се развијат за да се забрза и воопшто подобри кариерниот раст. Токму од ова истражување се сумирани следниве 5 поенти. Читајте внимателно!

Големата петорка 

1. Когнитивна флексибилност 

Дали знаевте дека менталната агилност (способноста брзо да го приспособите вашето размислување како одговор на променливите ситуации) може да ја зголеми вашата успешност во вмрежувањето за 19%?

Колку сте когнитивно пофлексибилни, толку повеќе ќе барате нови информации и ќе бидете отворени за спротивставени гледишта, што го олеснува одржувањето на постоечките односи и формирањето нови врски. Нешто како акробат, само наместо телото го користите мозокот за акробации; летањето и превртувањето низ социјалните интеракции со секоја вежба стануваат се полесни и полесни.

Што треба да направите? Едноставно променете ја секојдневната рутина со цел да ги зајакнете вашите мозочни „мускули“. Сменете ја рутата по која одите на работа или пак вклучете нова активност – играње видеоигри. Да, сериозно – активностите како играње видеоигри, особено оние за кои е потребно брзо донесување одлуки и мултитаскинг, можат да го обучат вашиот мозок да го оптимизира својот процес за когнитивна флексибилност.

2. Фокус на промоција 

Во рингот за вмрежување има два натпреварувачи: професионалци кои се фокусирани на себепромоција кои се стремат да искористат максимум од ситуацијата и луѓето, и оние со фокус на превенција кои се постојано со задршка и постојано внимаваат да не направат некоја грешка, размислуваат дали ќе бидат прифатени или отфрлени, дали некој ќе сака да разговара со нив, итн., итн. … во крати црти – песимистички настроени. Гореспоменатата анализа вели дека првиве, настроените кон победа имаат 17% поголеми шанси за успешно вмрежување. Совет? Тргнете го сивото облаче кое ви надвиснало над глава! Целете високо, сонувајте големи соништа и запомнете — секој неуспех е само чекор кон успехот. Кому му е грижа ако на некој не му е до разговор? Преминете кон следната авантура! Како велат старите – треба да тропнете на повеќе врати пред да ја отворите вистинската! И најважно – не ги сфаќајте работите лично!

3. Согледајте ги вашите силни страни 

Верувајте во вашите способности за вмрежување! Сè е во тоа внатрешно бодрење. Ако верувате дека можете да се поврзете, поверојатно е дека ќе успеете. Дајте си мотивациски говор, кренете си ја самодовербата и гледајте како вашата ефикасност во вмрежувањето се искачува до 25%. За да успеете во ова, бидете свесни за вашите емоции пред претстојниот настан за да ги минимизирате стресот и анксиозноста. Заменете ги негативните мисли со позитивен како што се „Можам да го направам ова“, „Во ред е да се биде нервозен“ и „Подготвен/а сум.“ Огледалце, огледалце мое кажи ми на светот најсамоуверен кој е? Ти си!

4. Упорност 

Упорноста секогаш се исплати, а кога станува збор за вмрежување, тука упорноста може да ги зголеми вашите шанси за вмрежување за 51,5%! Посветете време секоја недела за вмрежување, дури и ако тоа е само час или два. Дисциплината и доследноста се од суштинско значење. Бидете упорни, без разлика колку пати ќе ве одбијат или ќе бидете отфрлени. Конзистентноста е вашиот нов најдобар пријател. Запомнете, секое ’не‘ е поблиску до ’да‘!

5. Ориентација кон иднината 

Како велат „Eyes on the prize“! Луѓето ориентирани кон целта ги зголемуваат своите можности за вмрежување за 12%. Сонувајте, планирајте и антиципирајте. Како да се постигне ова? Посветете повеќе време на размислување за вашата иднина. Колку појасно се фокусирате на иднината, толку подобро ќе можете да поставите конкретни краткорочни и долгорочни цели и да се ориентирате кон посакуваните резултати, како и да ги предвидите потенцијалните предизвици и можности. Воспоставете чувство за тоа како вмрежувањето може да ви помогне да стигнете до вашата цел.

За крај: Секој е ѕвезда! 

Не е важно дали сте интроверт или екстроверт — сцената е ваша.

Извор: Harvard Business Review 

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.