Европските фондови, кои се управувани од женски или мешани тимови, постигнале подобри резултати од тие што ги водат исклучиво мажи. Во светот расте интересот и ентузијазмот за ESG, управување со човечки капитал и инвестирање со општествено одговорен пристап.
Во 2023 година во Европа околу 7 трилиони евра биле насочени кон ESG фондови или стратегии со акцент на одржливост, пишува порталот PA Future.
Што се однесува до управувањето со средствата и инвестициите, различни истражувања покажуваат дека жените се подобри инвеститори од нивните машки колеги и имаат способност да остварат поголем профит. Со оглед на тоа, важно е подлабоко да се разгледа улогата на жените во управувањето со средствата и постоечкиот родов јаз во оваа индустрија.
Жените покажуваат поголема ефикасност во алокацијата на кој било фонд. Тие како инвеститори ја фаворизираат стратегијата „купи и задржи“, и за разлика од мажите, покажуваат помала склоност кон импулсивни и емоционални одлуки на берзата, фокусирајќи се на промислено донесување одлуки.
Жените носат промени
Зголемувањето на инвестициите водени од ESG принципите произлегло од иницијативите на жените и служело како еден од клучните придвижувачи на промена. Студија спроведена од страна на Goldman Sachs открила, првпат во 2020 година, дека европските фондови управувани од женски или мешани тимови постигнале подобри резултати од тие што ги водат исклучиво мажи. Ова може да послужи како дополнителен доказ за позитивното влијание на жените во индустријата за управување со средства и да поттикне родов баланс во индустријата. Значи, присуството на жените во оваа индустрија носи не само профит, туку и општествено значајни промени.
Извор: Freepik / rawpixel.com
Сепак, иако секторот за ESG инвестиции се шири, а жените го потврдиле своето значење во него, сè уште е претежно доминиран од мажи, при што жените претставуваат малцинство меѓу инвеститорите и менаџерите на средства. Дури и во 2023 година, проблемот со родовата нерамнотежа е евидентен. Според податоците од 2023 година, само 20% од менаџерите на инвестициско портфолио во Шпанија и Италија се жени, а само 5% жени имаат повисоки менаџерски позиции. Статистиките во Велика Британија и САД се уште полоши: 11,8% и 11% од професионалците во оваа област се жени.
Зошто родовата нерамноправност сè уште постои?
Финансиската и индустријата за управување со средства, како и многу други се историски доминирани од мажи. Секако, бројот на жени во секторот расте од година во година. Сепак, потребно е повеќе време за да се израмни оваа нерамнотежа.
Освен тоа, уверувањето дека инвестирањето е повеќе „машка работа“ сè уште постои во општеството и, што е уште поважно, е многу распространето низ светот. Од друга страна, овој проблем има подлабоки корени. Традиционалните родови улоги кои подразбираат дека поголем дел од домашните обврски и грижата за децата и припаѓаат на жената се сè уште присутни. Треба време за да се разбијат предрасудите кон жените кои градат кариера и недовербата кон нивните знаења и способности.
Токму стереотипите и предрасудите спречуваат некои жени, и покрај нивните извонредни способности, да започнат кариера во одредено финансиско опкружување или успешно да се искачат во корпоративната хиерархија. Дури и ако жена добие работа во компанија која се занимава со финансии, инвестиции или управување со средства, може да се чувствува ранлива поради нерамнотежата во опкружувањето и недостатокот на жени на високи менаџерски или C-suite позиции. Понатаму, особено за жените-почетници, важно е да се чувствуваат поддржани во компанијата и да имаат пример на кој можат да се огледаат, а тоа често е комплицирано доколку нема или има малку женски претставници во тимот.
Како да се реши проблемот на нерамноправност?
Извештаите за управување со богатство проценуваат дека до 2025 година околу 60% од богатството во Велика Британија ќе го контролираат жени. Имајќи го предвид овој факт, станува сè појасно зошто длабоко вкоренетиот проблем на родова нерамноправност во индустријата за управување со финансии и инвестиции треба да се реши.
Компаниите за управување со средства треба проактивно да спроведуваат мерки, како што е овозможување на поголем број жени менаџери да управуваат портфолија со високи приходи, да работат на сметките на поединци и фондации кои бараат комплексни инвестициски одлуки. Одличен пример за тоа е Проектот за диверзификација на Европа (DPE). Една од неговите основни цели е изградба на поинклузивна индустрија за управување со средства во регионот. Понатаму, овој проект помага на компаниите да постигнат рамнотежа меѓу половите и го отвора патот за жените во финансиската индустрија.