Токму зад некои од најпознатите деловни приказни на денешницата стојат луѓе на кои им биле затворени вратите, чии идеи биле отфрлени и чиј потенцијал никој не успеал да го препознае. Она што ги издвојува не е тоа што никогаш не биле одбиени, туку што не се откажале по првото одбивање.
Кога другите не го гледаат она што вие го гледате
Одбивањето е составен дел од деловниот свет. Инвеститорите одбиваат стартапи, работодавачите кандидати, издавачите ракописи, а големите компании идеи што им изгледаат премногу ризични или едноставно недоволно убедливи.
Проблемот е што вистинскиот потенцијал ретко може да се препознае во моментот кога ќе се појави. Да можеше, сите би го препознале.
На почетокот на шеесеттите години, британската издавачка куќа Decca одбила група млади музичари од Ливерпул. Сметала дека гитарската музика ја губи својата популарност и дека бендот нема иднина. Тој бенд бил Битлси.
Слична приказна имала и Џ. К. Роулинг. Пред „Хари Потер“ да стане глобален феномен, нејзиниот ракопис бил одбиен повеќепати. Денес, серијалот за Хари Потер е еден од најуспешните во историјата на издаваштвото.
Од неуспех до империја
Можеби уште повпечатливи се приказните од деловниот свет.
Кога Феручо Ламборгини, успешен италијански производител на трактори, му укажал на Ферари на недостатоците што ги забележал кај нивните автомобили, неговите забелешки не биле сфатени сериозно. Наместо да се откаже, решил да создаде сопствен спортски автомобил. Така настанал Lamborghini, денес еден од најпрепознатливите автомобилски брендови во светот.
Ниту Енцо Ферари немал лесен почеток. Како млад човек се обидел да се вработи во Alfa Romeo, но не ја добил шансата што ја посакувал. Подоцна основал компанија што неговото презиме го претворила во симбол на престиж, брзина и автомобилско инженерство.
Извор: Unsplash
Колку пати треба да се обидете?
Еден од најпознатите примери за истрајност е Џејмс Дајсон. Пред неговата револуционерна правосмукалка без кеса да стигне на пазарот, изработил дури 5.127 прототипови.
Повеќето луѓе веројатно би се откажале многу порано. Но токму подготвеноста да се обидете уште еднаш, па уште еднаш, често ја прави разликата помеѓу неуспехот и успехот. Не затоа што секој обид е чекор напред, туку затоа што секој неуспех носи нова лекција.
Слично искуство имал и Стив Вознијак. Неговиот дизајн за персонален компјутер компанијата HP го одбила дури пет пати, не препознавајќи го потенцијалот на идејата што подоцна стана една од основите на Apple и ја промени технолошката индустрија.
Ниту Џек Ма не бил поштеден од одбивања. Кога KFC отворил ресторан во неговиот град, тој се пријавил за работа заедно со уште 23 кандидати. Вработени биле сите, освен него. Тоа не го спречило да продолжи понатаму. Неколку години подоцна ја основал Alibaba, компанија што прерасна во еден од најголемите светски лидери во електронската трговија.
Најскапите пропуштени можности
Одбивањето не ги погодува само оние што добиваат негативен одговор. Понекогаш највисоката цена ја плаќаат токму оние што одбиле некого.
Компанијата Excite имала можност да го купи Google за само 750.000 долари, но проценила дека идејата нема доволен потенцијал. Денес е речиси невозможно да се замисли интернетот без Google.
Во почетокот на деведесеттите години, Nintendo се откажал од соработката со Sony за развој на конзола со оптички диск. Sony продолжил самостојно и неколку години подоцна го претставил PlayStation, еден од најуспешните гејминг брендови на сите времиња.
Не постои универзален судија за потенцијалот
Можеби токму тоа е најважната поука од сите овие приказни. Одбивањето не е објективна процена на нашата вредност. Тоа често кажува повеќе за околностите, моментот или перцепцијата на другата страна отколку за самата идеја.
Луѓето што подоцна ги менувале индустриите, создавале компании вредни милијарди долари или станувале светски познати имиња не успеале затоа што никогаш не биле одбиени. Напротив. Успеале затоа што не дозволиле одбивањето да ги дефинира.
Денес најчесто ги паметиме големите успеси, а забораваме колку препреки и затворени врати стоеле на патот до нив. Разликата е само во тоа што некои луѓе решиле да затропаат и на следната врата.
Извор: bizlife.rs