Младите се борат против нетранспарентни плати: Платите ги споделуваат на интернет

Транспарентноста на платите станува сè попопуларна, но во поголемиот дел од светот отвореното дискутирање за надоместокот е сè уште табу тема. За разлика од Соединетите Американски Држави и некои европски пазари, барањата за транспарентност на платите и за откривање на нивниот износ во Азија остануваат и понатаму проблематични.

mladi-plati-1892-fi

Извор: Freepik

Иако околу 80% од анкетираните компании во Азија сметаат дека е важна транспарентноста на платите, „повеќето азиски пазари немаат конкретни насоки за правичноста и транспарентноста на платите“, се вели во извештајот во кој беа анкетирани повеќе од 350 експерти за човечки ресурси низ Азија.

„Во многу азиски компании, вработените обично се обесхрабруваат да споделуваат информации за платите со своите колеги. Оваа практика често се наведува во договорите за вработување или се третира како непишано правило“, изјави за CNBC Make It, Питер Џанг, менаџер за регрутирање во Aon.

„Ова може да е резултат на културолошките норми. Покрај тоа, азиските економски пазари и пазарите на труд се подинамични и понестабилни. Работодавците имаат тенденција да плаќаат премија на избрани групи таленти за да добијат конкурентна предност“.

Друга пречка е недостатокот на „зрелост на менаџерите“ и „вештини за водење чувствителни дискусии за платите“ кои се специфични за овој регион, рече Џанг.

Наведувањето на платата е задолжително во огласите во САД

Додека Калифорнија и Њујорк имаат закони со кои се бара од компаниите да го споделат опсегот на плати во огласите за работа, повеќето компании во Азија (84%) ја ограничуваат транспарентноста на платите на внатрешните засегнати страни.

Наместо да чекаат да пристигне нов закон, некои припадници на Генерацијата З и милениумците во Азија ги предводат промените на интернет. Младите ширум светот почнаа да зборуваат за тоа колку заработуваат на социјалните мрежи.

Каришма Јашани (28), со седиште во Сингапур, собра милиони прегледи на TikTok зборувајќи за нејзината кариера, вклучително и за тоа колку заработува од продажба на технологија, пренесува CNBC.

mladi-plati-1892-ps1

Извор: Freepik

TikTok како двигател на промени

Минатата година таа откри во видео на TikTok, кое собра околу 500.000 прегледи, дека заработува повеќе од 300.000 сингапурски долари (околу 223.000 долари).

„Мислам дека целта што сакав да ја постигнам беше да ги охрабрам луѓето“, рече таа.

Јашани е само една од многуте млади луѓе во Азија кои работат на зголемување на транспарентноста на платите во регионот. Престин Давехав е на слична мисија, па уште во 2022 година (на свои 32 години) го основа MalaysianPAIGAP, бренд со над 300.000 следбеници на Instagram и TikTok, познат по неговите интервјуа со луѓе на улица прашувајќи ги колку заработуваат.

„Всушност започнавме на Instagram и за една недела станавме супер вирални во Малезија… и тогаш сфатив дека има толку многу индустрии на кои ова им е потребно“, рече таа.

Преку овие улични интервјуа, таа откри големи генерациски разлики во знаењето и ставовите за кариерата и финансиите. Давехав рече дека помладите се многу поотворени во приказната за платите, додека постарите генерации се повнимателни.

Таа забележала и културолошки разлики кога се зборува за платите.

Што се однесува до транспарентноста на платите во Македонија, нивниот износ согласно Законот за работни односи мора да се објавува во огласите за работа на веб страницата на државната Агенцијата за вработување, за разлика од другите приватни веб страници за вработување каде што не мора. Веќе неколку години кај нас постои платформата MojaPlata.mk која овозможува споредба на платите за преку 530 работни позиции. Листата на професии е прилагодена на пазарот на труд во Македонија и истата постојано се ажурира. Базата на платформата содржи над 20.000 податоци од реални корисници од целата држава. Целна група на порталот се луѓето на пазарот на трудот кои сакаат да ги споредат своите плати и компаниите кои се грижат за фер плати на своите вработени. Учесниците на пазарот на труд имаат можност да добијат споредба на нивната плата со другите вработени на иста позиција и во истиот регион. Сите податоци кои се доставуваат на платформата се анонимни, освен ако учесникот, по своја волја, не сака да остане анонимен. На платформата постои и калкулатор за пресметката на бруто плата, а од неодамна е можно да се прикажат податоците за платите за неколку позиции паралелно.

Со ова, не само што се создава можност за фер и праведна евалуација на платите, туку се зголемува и свеста за важноста на транспарентноста и еднаквоста во платите на пазарот на трудот. Овие напори се значаен чекор кон подобрување на условите за работа и зајакнување на довербата меѓу работодавачите и вработените.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.