Кога вработените „изгоруваат“, стратегијата престанува да функционира

Продуктивноста, растот и отпорноста денес сè помалку се кршат на пазарот, а сè повеќе внатре во самите организации.

vrabotuvanje-5034-fi

Извор: Freepik

Компаниите сè почесто инвестираат во оптимизација на процеси, дигитални алатки и нови бизнис-модели, а притоа го занемаруваат основното прашање: дали луѓето што треба да ги изнесат тие промени воопшто имаат капацитет да ги издржат? Кога деловните резултати ќе почнат да трпат, причините најчесто се бараат надвор, додека вистинските проблеми се развиваат внатре во компанијата.

Односот меѓу вработените и работодавачите повеќе не е ниту едноставен ниту подразбирлив. Порано беше јасно трансакциски стабилна работа и сигурност во замена за лојалност и извршување задачи. Денес тој однос е посложен и покревок. Вработените очекуваат смисла, правичност, флексибилност и грижа за здравјето, додека работодавачите истовремено бараат побрзи резултати и постојана прилагодливост. Кога овие очекувања не се усогласени, притисокот најпрво се префрла врз луѓето – и токму тука започнуваат проблемите што подоцна ги препознаваме како burnout, пад на ангажираноста и заминување на таленти.

Истражувањата на компаниите Mercer и Marsh покажуваат дека ризиците поврзани со луѓето забрзано растат и дека за првпат постои речиси целосна согласност меѓу HR и risk-менаџерите околу тоа што е најголемиот предизвик за компаниите. Како клучен ризик се издвојува растот на трошоците за здравство и бенефиции, што укажува дека здравјето на вработените повеќе не е прашање на дополнителна погодност, туку стратешко деловно прашање што директно влијае врз резултатите на компанијата.

Особено загрижува јазот меѓу перцепцијата на раководството и реалноста на вработените. Додека само една третина од менаџерите сметаат дека игнорирањето на burnout-от ќе има сериозни последици во иднина, дури 83% од вработените веќе денес се чувствуваат изложени на ризик од „прегорување“ на работа. Дополнително, сè поголемиот товар од хронични незаразни болести (NCD) особено ги погодува помладите генерации, кои би требало да бидат носители на идниот раст. Иако овие проблеми стануваат сè повидливи, само мал дел од работодавачите имаат ефикасни иницијативи што системски се занимаваат со менталното здравје и психолошката безбедност на работа.

Пошироката слика дополнително ја потврдува сериозноста на предизвикот. Минатата година трошоците за боледување во Европа достигнаа 470 милијарди евра, односно 2,5% од БДП. Речиси половина од тие боледувања се поврзани со психички состојби: стрес, проблеми со спиењето, синдром на прегорување и слични нарушувања. Тоа јасно покажува дека продуктивноста повеќе не зависи само од контрола и процеси, туку од способноста на организациите да создадат услови во кои луѓето можат да работат фокусирано, здраво и долгорочно.

Кога станува збор за ангажираност и продуктивност, и раководителите и вработените препознаваат слични пречки, но од различни агли. Менаџерите најчесто укажуваат на преоптовареност со административни задачи, отежнат пристап до вистинските информации, ресурси и експерти, како и неефикасни организациски структури. Вработените, пак, го истакнуваат постојаното прекинување во текот на работниот ден, недостигот од време за фокусиранa работа и размислување и обем на работа што долгорочно е неодржлив. Добрата вест е дека флексибилните модели на работа и понатаму покажуваат силен потенцијал за зголемување на продуктивноста, бидејќи им даваат на вработените поголема автономија, подобар фокус и поздрав баланс меѓу работниот и приватниот живот.

На овие теми сè почесто им се пристапува системски и внатре во самите организации, и преку соработка со надворешни експерти. Компаниите што сакаат одржлив раст работат на тоа подобро да разберат како ризиците поврзани со луѓето влијаат врз продуктивноста, отпорноста и долгорочните деловни резултати. Тоа вклучува редефинирање на бенефициите и моделите на работа, но и активна превенција од burnout и други психолошки предизвици што сè почесто влијаат врз ангажираноста на вработените.

Сè почесто се развиваат пристапи што опфаќаат поддршка на менталното здравје, психолошки безбедна работна средина и иницијативи како едукативни и советодавни сесии, со цел проблемите навреме да се препознаат и адресираат пред да прераснат во сериозен деловен ризик. Практиката јасно покажува дека ангажираноста и отпорноста растат кога луѓето имаат јасна цел, соодветни алатки и средина што поддржува одржлива работа.

Заклучокот е едноставен, но често занемарен. Ризиците поврзани со луѓето повеќе не се само тема на HR. Тие се едно од клучните стратешки прашања за секоја компанија денес. Во регионот, каде што веќе сега како еден од најголемите деловни ризици се издвојува недостигот од работна сила, пораката е јасна ако нема луѓе, нема ни бизнис. Компаниите што го разбираат тоа и реагираат навреме ќе бидат оние што долгорочно ќе опстанат, ќе растат и ќе создаваат вистинска вредност.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.