Жана Базби, психолог и бизнис консултант од Лондон, ја истакна важноста на ESG стандардите, но и нивната недоволна примена во Македонија, особено во социјалниот аспект.
Што се ESG принципите и зошто се важни?
ESG принципите опфаќаат три основни аспекти:
- Еколошки аспект (Environmental): Се фокусира на заштита на животната средина преку одржливи практики како намалување на јаглеродните емисии, управување со отпад и користење обновливи извори на енергија.
- Социјален аспект (Social): Се однесува на грижата за благосостојбата на вработените, поддршка на заедниците и почитување на човековите права.
- Управувачки аспект (Governance): Се однесува на транспарентноста, етичките деловни практики и одговорното управување.
Извор: The Economist MeetUp
Според истражувањата на Greenly, компании што активно применуваат ESG стандарди бележат:
- Зголемена лојалност кај клиентите (10% раст),
- Поголема доверба од инвеститорите (77% од глобалните инвеститори ги преферираат ESG компании), и
- Долгорочна одржливост преку оптимизирање на ресурсите и намалување на трошоците.
„Имплементацијата на ESG принципите е паметен потег за секоја компанија, градејќи позитивен имиџ, зголемена лојалност и задоволство кај вработените и потрошувачите,“ нагласи Жана Базби. Таа истакна дека 50% од потрошувачите преферираат одржливи производи, а 10% покажуваат поголема лојалност кон компании кои применуваат еколошки стандарди. Дополнително, 77% од глобалните инвеститори претпочитаат да соработуваат со компании што имплементираат ESG стандарди.
Извор: The Economist MeetUp
Македонската реалност: предизвици и можности
Според Базби, социјалниот аспект на ESG принципите во Македонија е сè уште во ембрионална фаза. За разлика од Велика Британија, каде фокусот е на благосостојбата на вработените, во Македонија недостига долгорочна стратегија и има фрагментиран пристап. „Менталното здравје на вработените е значително занемарено,“ истакна таа.
Базби посочи дека ESG не треба да се гледа како тренд, туку како неопходност за долгорочен успех. Таа препорача компаниите во Македонија да започнат со едукација за правилна примена на овие стандарди, следејќи успешни примери како оние од Велика Британија. „Акцентот треба да биде на човечкиот фактор и развојот на благосостојбата на вработените,“ додаде Базби.
За македонските компании, примената на ESG принципите претставува можност за подобрување на нивната конкурентност, но и за значителен придонес кон заедницата. Со правилна едукација, стратешки пристап и примена на позитивни примери, компаниите можат да ја зајакнат довербата на инвеститорите, да привлечат потрошувачи и да создадат одржлив економски и социјален раст.