Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг, ќе добие едно од најголемите зголемувања на примањата меѓу политичките лидери во светот – неговиот годишен пакет ќе порасне од околу 2,2 милиони на 3,6 милиони сингапурски долари, односно од приближно 1,7 на 2,8 милиони американски долари.
Тоа значи дека Вонг за една година ќе добива околу 1,1 милион долари повеќе од досега. Премиерот, сепак, најави дека целиот износ од зголемувањето во следните пет години ќе го донира во хуманитарни цели.
Сингапурската влада ја образложува одлуката прилично едноставно: ако сака најдобрите луѓе да бидат на најодговорните функции, мора да ги плаќа доволно за влегувањето во политиката да не значи финансиски чекор назад во однос на нивните претходни кариери.
„Не сакаме финансиската пречка да биде непотребно висока“, изјави Вонг, објаснувајќи дека и досега му било тешко да убеди успешни деловни луѓе и високи државни службеници да ги напуштат своите кариери и да влезат во политиката.
Колку заработуваат светските лидери?
Вонг и пред оваа одлука убедливо бил најплатениот политички лидер во светот. По него е извршниот директор на Хонгконг, Џон Ли, со годишна заработувачка од околу 719.000 долари, додека претседателот на Швајцарија, Ги Пармелен, прима околу 606.000 долари годишно. Американскиот претседател Доналд Трамп има плата од 400.000 долари, додека британскиот премиер Енди Барнам прима околу 230.000 долари.
Кога новите примања ќе стапат во сила, Вонг ќе заработува речиси четири пати повеќе од претседателот на САД. И токму тука настанал проблемот.
Еден премиер за една година заработува колку граѓанин за децении
Сингапур е една од најбогатите и најуредените држави во светот, но разликата меѓу примањата на политичарите и граѓаните е огромна.
Медијалната месечна заработувачка во Сингапур изнесува 5.775 сингапурски долари, односно околу 69.300 долари годишно.
Поради тоа, најновата одлука веднаш предизвикала критики. Граѓаните на социјалните мрежи го оцениле зголемувањето како „нечувствително“, особено во период кога земјата се соочува со прашања поврзани со отпуштања, вработување на младите и раст на трошоците за живот.
Бројот на отпуштања во Сингапур во последниот квартал достигнал највисоко ниво во повеќе од пет години.
Зошто Сингапур толку високо ги плаќа политичарите?
Високите плати за политичарите не се нова идеја во Сингапур. Владата со години тврди дека целта е државата да може да се натпреварува со приватниот сектор за најдобрите кадри, но и дека високите примања го намалуваат ризикот од корупција.
Сингапур редовно се наоѓа при самиот врв на глобалните листи на земји со најниско ниво на корупција, што владата го користи како аргумент дека системот функционира.
Сепак, прашањето за платите на политичарите веќе еднаш сериозно ја разниша владејачката Партија на народната акција.
На изборите во 2011 година, PAP оствари еден од најлошите резултати во својата историја, а незадоволството од високите плати на министрите беше една од темите преку кои избирачите ја критикуваа власта. Една година подоцна, владата ги намали министерските плати.
Затоа, одлуката на Вонг не е само прашање на пари. Таа повторно го отвора старото прашање: колку вреди човекот што води една држава и дали високата плата навистина гарантира подобри политичари?
Сингапурската влада верува дека може. Граѓаните, судејќи според реакциите, не се сите убедени.
Извор: bizlife.rs