Шопинг моловите  – новите катедрали на градскиот живот

Сте се запрашале ли некогаш зошто речиси секоја прошетка низ град завршува во шопинг мол и уште почесто со барем една кесичка во рака? Дали навистина ни требаше нов пар чевли, нов парфем, или само ни требаше чувство дека постоиме во овој забрзан свет? Некогаш местата за собирање беа плоштадите, библиотеките,паркови. Денес? Шопинг моловите. Стаклени универзуми полни со брендови, светла и мириси што мамат, без разлика дали си тргнал да купиш или „само да прошеташ“, големи се шансите дека ќе излезеш со кесичка во рака.

shoping-3678-fi

Извор: freepik

Според истражувањето на CBRE Europe (2024), над 68% од посетителите на молови изјавиле дека одат првенствено за забава, дружење и амбиентот, а купувањето им е секундарна активност. Но интересното е што дури и тие кои влегуваат без намера за шопинг, во 73% случаи сепак купуваат нешто ситно или крупно, важно е да се почувствува моментот на поседување.

Психолозите одамна го анализираат овој феномен. Во свет каде сме дигитално прегорени и често отсечени од физичкото искуство, самото допирање, гледање, носење кеса, станува потврда дека сме тука, дека живееме, дека постоиме. Шетањето низ мол е форма на модерна ритуалност, чекориш меѓу луѓе, гледаш, избираш, купуваш. Секоја кеса е трофеј од тој мал урбан ритуал.

Дополнително, моловите станаа нови културни центри: таму гледаме изложби, одиме на концерти, пробуваме интернационална кујна, носиме деца на работилници. Една обична сабота во мол може да личи на мини фестивал.

Зошто? Затоа што урбаната средина бара мултифункционални простори, а моловите совршено го пополнуваат тој простор. Дури и со растот на онлајн купувањето (во Европа е со пораст од 12% годишно), 70% од потрошувачите се уште велат дека уживаат во физичкото искуство на шопингот.

shoping-3678-ps1

Извор: Freepik

И така, на прв поглед го поставуваме едноставното прашање дали шетаме или купуваме за да си потврдиме дека постоиме? Всушност одговорот е: и едното и другото.

Затоа и следниот пат кога ќе си речеш „само да прошетам“, не се чуди ако повторно завршиш со мала, симпатична кесичка во рака. Можеби не си купил само предмет, туку миг кој ќе ти биде потсетник дека си тука, дека живееш.

На крајот, можеби и не е толку важно дали кесата е полна или празна. Понекогаш е доволно самиот чекор низ просторот, звукот на луѓето, блесокот на светлата, чувството дека си дел од нешто поголемо. Во време кога се почесто сме затворени зад екрани и дигитални моменти, можеби токму шетањето низ мол е нашето несвесно бегство  кон малку поврзаност, малку живот.

WebMind редакција

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.