Како да се балансира помеѓу улогите на снаа и директорка?

Како изгледа психолошката транзиција – од сигурноста и едноставноста на детството во комплексноста, слоевитоста и одговорноста на возрасниот женски идентитет? Дали навистина сме подготвени за таа трансформација – и дали воопшто можеме да бидеме?

balans-4303-fi

Извор: Freepik

Сте се запрашале ли некогаш како се чувствува некогашната девојка – нежна, заштитена, безгрижна – кога ќе стане одговорна жена што секојдневно балансира помеѓу две, три, а често и многу повеќе улоги?

Пишува: Андреа Мезеи Роквиќ, Психолошки центар „Темeнос“

Од моментот кога жената ќе влезе во брак, таа не станува само сопруга. Во истиот миг станува и снаа, и натаму останува ќерка, наскоро станува мајка – најпрво првпат, потоа сѐ повторно и повторно. Останува кума, сестра, пријателка, колешка, честопати и столбот на семејството. И да – професионалец. Можеби единствената улога за која свесно, плански и систематски се подготвувала низ годините. Сите други улоги пристигнуваат ненадејно, понекогаш истовремено, како бран што не остава простор за свесен избор, туку бара брза адаптација.

Секоја од тие улоги носи со себе својствени очекувања. Тие доаѓаат однадвор – од семејството, партнерството, работната средина, културата – но и однатре. Внатрешните очекувања често се несвесни, длабоко вкоренети, пренесени низ генерации. Нормите што биле важни за нашите мајки и баби често се пренесуваат како невидливи правила на однесување, дури и кога повеќе не одговараат на времето во кое живееме.

А жената, помеѓу тие слоеви, се труди да одговори – да биде сѐ што се очекува од неа. Да се грижи, да негува, да биде достапна, емоционално присутна, а воедно и професионално успешна. Да биде силна, а сепак нежна и емпатична. Секогаш подготвена за сите предизвици – дури и за оние што ги доживува првпат, со често несвесно очекување дека мора веднаш и совршено да се снајде.

Ако се обидеме да најдеме заеднички именител за сѐ што жените го прават секојдневно, три поими се издвојуваат: посветеност, присутност и грижа.

Посветеноста значи вложување – време, енергија, емоции, понекогаш и целото себе.
Присутноста подразбира вистинско присуство во моментот – не само физичко, туку и емоционална достапност. Присуство на целото битие.
Грижата носи одговорност, но и љубов, нежност и поврзаност.

И токму тука се поставува клучното прашање: како сите овие улоги да се живеат автентично, а сепак да се остане присутна, посветена и грижлива – без да се изгуби себе си?

Ова прашање не е само теоретско – тоа секојдневно се отвора во психотерапевтската соба. Најтивко, но најдлабоко. Она што најчесто го слушаме од жени кои со години биле успешни во „исполнување“ на своите улоги е:
„Веќе не знам која сум.“

Во таа тишина често се раѓа болка, зашто додека внимателно и систематски го градиме својот живот околу потребите на другите – деца, партнер, родители, пријатели, роднини, соседи, работа – забораваме да се прашаме:

  • Што е тоа што мене ми е важно?
  • Што е тоа што мене ми годи, ми носи радост, мир?
  • Каде се чувствувам безбедно, видено, живо?
  • Кои се луѓето со кои навистина сакам да бидам опкружена, а кои се оние со кои сум секојдневно, бидејќи „така треба“?

Зачудувачки е колку е тешко да се одговори на едно „едноставно“ терапевтско прашање:
„Која си ти – во просторот помеѓу сите тие улоги?“

Понекогаш се потребни месеци работа за да се стигне до одговорот, но и за жената да се охрабри да го живее своето вистинско „јас“, додека и натаму ги исполнува сите свои улоги.

Замената на внатрешниот компас со надворешни критериуми на вреднување – „вредам онолку колку што успевам да ги задоволам туѓите потреби“ – не остава простор за поврзаност со самата себе, за вистински, длабок контакт со сопствената суштина.

И токму затоа доаѓаме до најважното сознание:
Автентичната грижа за другите не е можна без грижа за себе.

Еден од најважните совети за секоја жена – и мајка, и сопруга, и професионалец – е:
Никогаш, во сите тие бројни улоги, да не се изгуби од вид себе си.

Да не заборави дека во сржта на сите тие улоги стои токму таа – суштество со сопствени желби, соништа, тага, радости, потреби и идентитет.

Жената не е збир од функции. Таа е, пред сѐ, личност. Таа е – истата онаа девојка, чии улоги, вистина, во некој период од животот, нагло се умножиле. Тоа девојче никој не треба да го спасува. Доколку некој забележи дека ѝ е премногу – тоа е убаво. Но уште поважно е да ги зајакнуваме жените да ги препознаваат сопствените граници, да научат да ги комуницираат, и преку тоа – да се заштитат.

Негувањето на себе не значи себичност. Напротив – тоа е предуслов за да можеме автентично да негуваме други.
Она што сме го сакале како девојчиња не исчезнува – во тие сеќавања жената се препознава. Во трагите на детската радост, таа се потсетува – која е.

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.