Некогаш несесерот на мама, денес туторијал: Зошто девојчињата влегуваат во beauty светот предвреме

Некогаш првото beauty искуство доаѓаше во самотија и ја имаше магијата на откривање на тајните на возрасните. Девојче кое со висината едвај го допира огледалото во бањата, ги обува штиклите и ноќницата на мајка си и од нејзиниот несесер ги вади магичните работички. Светол руж размачкан преку рабовите на усните, сенка обилно и неспретно нанесена преку целите капаци, руменило како две точки на образите, маскара со која едвај ги погодува трепките...

neseser-5726-fi

Извор: Depositphotos

Тоа беше интимен, креативен и хаотичен процес на учење – низ обиди и грешки, низ набљудување на постарите, низ игра. И тоа чувство на откривање на сопствената женственост во тајност, го правеше искуството автентично и незаборавно.

Денес, меѓутоа, истражувањето на шминкањето ја нема повеќе таа магија. Современите девојчиња и млади девојки влегуваат во светот на убавината веќе вооружени со знаење. Тие знаат што е „блендање“ (blendanje) многу пред да пристапат кон „контурирање“. Ја разбираат разликата помеѓу хидратација и ексфолијација, ги препознаваат трендовите пред и самите да ги испробаат. Почетокот веќе не е непознат терен – тој е веќе мапиран.

Дигитални водичи наместо семејни идоли

Една од клучните промени лежи во начинот на пренос на знаењето. Некогаш мајките, постарите сестри или блиските жени од опкружувањето беа примарен извор на beauty вештини. Денес таа улога ја преземаат социјалните мрежи. Туторијалите, „Get Ready With Me“ форматите и кратките видео содржини нудат јасни, често поедноставени чекори кон „идеалниот“ изглед.

Оваа содржина не доаѓа само од професионалци. Многу често ја креираат врснички девојчиња и тинејџерки кои ги споделуваат сопствените рутини, препораки и трикови. Со тоа се брише границата меѓу учителот и ученикот: сите се истовремено и едното и другото. Резултатот е чувство дека постои вистински начин да се постигне идеалната убавина и до него се доаѓа без талкање.

Достапноста како нова норма

Современиот пазар на козметика се прилагоди на оваа нова публика. Производите се подостапни од кога било не само по цена, туку и концептуално. Постојат цели линии наменети за почетници, млади или дури и за преадолесценти: благи чистачи, лесни хидратантни креми, дискретни сјаеви за усни, маскари со нежни формули.

И тоа е значајна промена. За разлика од поодамнешните генерации кои користеа неадекватни производи од туѓите несесери, денешните девојчиња имаат пристап до козметика прилагодена на нивната возраст и потреби. Во таа смисла, современиот пристап кон убавината е понапреден побезбеден, поинформиран и поинклузивен. Сепак, достапноста има суптилни последици кога сè е веќе подготвено и објаснето, просторот за спонтано откривање се намалува.

Дискретно beauty искуство

Уште една важна разлика меѓу некогаш и сега се огледува во самиот стил на шминкање. Додека поранешните фази на експериментирање често беа обележани со видливи, дури и нагласени грешки, денешните трендови навиваат за минимализмот. „Clean girl“ естетиката, природниот тен, суптилно нагласените црти на лицето – сето тоа придонесува за впечатокот дека шминката не е ни присутна.

Парадоксално, токму оваа ненаметлива естетика бара повеќе знаење и прецизност. Да се постигне „невидлива“ шминка значи да се разберат текстурите, слоевите и техниките. И тука повторно се враќаме на почетната точка: младите кориснички веќе доаѓаат со тоа знаење. Грешките, ако ги има, стануваат помалку видливи, но воедно и помалку дозволени.

Зошто е потребен простор за грешки

Развојот на идентитетот, посебно во преадолесценцијата, е тесно поврзан со експериментирањето. Грешките не се само неизбежни, тие се клучни. Клучот за формирање на личниот вкус, границите, па и самодовербата лежи во нив.

Ако тој простор се стесни, се менува и начинот на кој младите доаѓаат до спознание за себе. Кога постои „точен“ начин нешто да се направи, помала е причината да се испробуваат алтернативи. А без алтернатива, изборот станува илузија. Тоа не значи дека современиот пристап треба да се отфрли. Напротив, тој носи бројни предности. Но, исто така укажува на потребата во тој систем да се пронајдат зони на слобода.

Beauty искуство без носталгија: Решението не е во враќањето наназад, ниту во идеализирањето на минатото. Денешните генерации не можат (ниту треба) да го игнорираат дигиталниот свет во кој израснуваат. Наместо тоа, предизвикот е во редефинирање на искуството во современиот контекст преку:

  • Поттикнување на играта наместо совршенството.
  • Користење на производите без стриктна цел.
  • Споделување на beauty моментите со врсниците надвор од екраните.
  • Прифаќање на несовршеноста како дел од процесот.

Убавината како знаење и како чувство

Денешните девојчиња и млади девојки знаат за козметиката повеќе од кога било претходно. Ги разбираат состојките, ги следат трендовите, ја препознаваат естетиката. Тоа знаење не е проблем, тоа е ресурс.

Но, сфаќањето на убавината никогаш не било само знаење. Тоа е, пред сè, лично доживување и чувство момент пред огледaлото, игра со боите, спонтаност која не бара потврда. Ако современиот пристап успее да ги помири овие два аспекта информираноста и beauty искуството тогаш не зборуваме за изгубена генерација, туку за еволуција на една практика.

Во спротивно, ризикуваме убавината да стане уште една вештина која треба да се совлада, наместо да биде простор во кој слободно се игра и истражува додека пронаоѓаме кои сме и како сакаме да се изразиме.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.