Неофицијално – корисниците се почувствуваа како да се претворени во подвижен билборд.
Кога плаќаш претплата за алат што „ти помага да мислиш“, последното што очекуваш е среде разговор за BitLocker или подкаст со Илон Маск да ти искочи порака: „Shop at Target“ или „Find a fitness class – Connect Peloton“. Токму тоа им се случи на дел од Plus и Pro корисниците, па интернетот логично заклучи: ете ги, стигнаа и огласите.
OpenAI се обиде да го „потизгаси пожарот“ објаснувајќи дека тоа не се реклами, туку „само“ тест за тоа како би изгледало препорачување апликации направени на новата ChatGPT app платформа. Нема наводно никаква финансиска позадина – Target и Peloton не платиле за да се појават во вашите разговори, објави TechCrunch.
Проблемот? Корисниците не ги интересира тоа. Ако им излегува име на бренд што не го ни спомнале – тоа едноставно се чувствува како оглас.
„Нема огласи“ vs. „Вака изгледаат огласи“
Шефот на ChatGPT, Ник Терли, јавно ја повторуваше мантрата: „Нема активни тестови за реклами, сè што сте виделе или не е вистинито или не се огласи.“ Ако еден ден и дојдат, тврди тој, ќе бидат воведени „промислено“, така што нема да ја нарушат довербата на корисниците.
Многу пореален тон донесе главниот истражувач на OpenAI, Марк Чен. Тој призна дека сè што личи на оглас „мора да се третира со посебна внимателност“ и дека компанијата тука „потфрлила“. Резултат: овој тип препораки моментално е исклучен, а тимот работи на тоа моделот да биде попрецизен и корисниците да добијат контроли со кои ќе можат да ги намалат или целосно исклучат ваквите предлози.
Монетизација на раб на довербата
Во позадина лежи поголемиот предизвик: како да се монетизира алат што го користат стотици милиони луѓе, а да не се претвори во уште еден бучен огласен панел? Повеќето корисници се на бесплатниот план, а инвестициите во AI инфраструктурата се огромни, па е логично дека рекламирањето е една од опциите на маса.
Но, оглас во пребарувач и оглас во „дигитален соговорник“ не се иста работа. Луѓето му доверуваат на ChatGPT лични дилеми, деловни одлуки, па дури и здравствени прашања. Кога таков „соговорник“ ќе почне да турка комерцијални пораки, границата меѓу совет и продажба станува опасно тенка.
Оваа мини-криза со „не-огласите“ убаво покажува колку е кревка довербата кога станува збор за AI асистенти. Доволни се неколку лошо пласирани пораки за корисниците да почувствуваат дека се целна група, а не партнер во разговорот. Ако нешто изгледа како оглас и звучи како оглас корисниците ќе го доживеат како оглас, без разлика како ќе го нарече компанијата во презентација.
Извор: web-minds.rs