„Луѓето можат да бидат туркани низ дигитална фотокопир машина и да се злоупотребуваат на разни начини, и јас тоа не го прифаќам,“ изјави неодамна данскиот министер за култура Јакоб Енгел-Шмит за The Guardian, откако Данска воведе измени во законот за авторски права за луѓето да можат да полагаат права на својот сопствен изглед.
„Со овој предлог-закон јасно испраќаме порака дека секој има право врз своето тело, глас и цртите на лицето што, изгледа, моменталното законодавство не го препознава како заштита од генеративната вештачка интелигенција.“
И министерот е во право. Deepfake содржините претставуваат сериозен проблем кој фундаментално го менува начинот на кој ја доживуваме реалноста. Луѓето се злоставувани, уценувани, па дури и лажно обвинети за злосторства што никогаш не ги сториле. Самата технологија веќе не може да се запре, тој воз одамна замина. А обичните луѓе немаат средства да се борат по судови против deepfake снимки.
Решението, како што покажува и данскиот пример, е личниот изглед да се вклучи во законот за авторски права. Предлог-законот прецизно ја дефинира неовластената дигитална репродукција, со особен фокус на „многу реалистични дигитални прикази на една личност, вклучувајќи го нејзиниот изглед и глас.“ Владата на Данска планира предлог-законот да го стави на јавна расправа пред летната парламентарна пауза, а формалното усвојување се очекува на есен.
Со овој нов правен оквир, данските граѓани би добиле законско право да бараат отстранување на неовластени deepfake содржини од интернет. Исто така, ќе имаат право на надомест на штета во случаи кога е злоупотребен дигитално реконструиран уметнички настап. Пародиите и сатиричните содржини ќе останат изземени од забраната.
„Секако, ова е сосема нова правна област што ја отвораме, и ако платформите не го почитуваат законот, подготвени сме да преземеме дополнителни чекори,“ изјави Енгел-Шмит. Дигиталните платформи што ќе го игнорираат законот ќе се соочат со сериозни финансиски казни, а можно е и вклучување на Европската комисија.
„Верувам дека технолошките компании ова ќе го сфатат многу сериозно,“ додава министерот, нагласувајќи дека Данска планира да го искористи своето претстојно претседавање со ЕУ за да промовира слични закони низ цела Европа.
Авторски права како решение против deepfake
Ако сето ова ви звучи познато, тоа е затоа што многу наликува на начинот на кој функционира законот DMCA во САД, кој ги обврзува платформите брзо да отстрануваат содржини што ги прекршуваат авторските права.
Меѓутоа, авторските права традиционално штитат конкретни креативни дела, а не идеи, факти или идентитет на личност. Значи, вашиот глас, лик или идентитет не се автоматски заштитени со авторско право освен ако не се дел од конкретна креација (на пример, песна или фотографија).
Проблемот е што само славните и богатите имаат реална можност да се борат против злоупотребата на нивниот лик и глас. Скарлет Јохансон може да отстрани deepfake од својот глас со едно едноставно објавување на социјалните мрежи и закана со тужба. Истото важи и за Обама или Роналдо.
Но, како што вели Том Грејам, извршен директор на компанијата Metaphysic, просечниот човек го нема тој луксуз освен ако не може да се повика на DMCA. Во тој случај, платформи како YouTube мораат да реагираат.
Metaphysic е компанијата која го создаде виралниот deepfake со Том Круз, а потоа соработуваше со брендови како ABBA, Том Хенкс и Елвис за легални дигитални клонови.
Може ли да го заштитите својот AI-двојник?
„Според законот, не можете да доделите авторски права на нешто што не е резултат на човечка креативност,“ вели Грејам. „Значи, не можете да се заштитите себеси – затоа што вие не сте дело. Но, ако создадете дигитална верзија од себе со помош на AI, тогаш тоа можете да го заштитите.“
Грејам предлага секој да може да креира свој AI аватар, дигитален лик кој изгледа идентично како вистинската личност и токму тој аватар да добие авторски права. На тој начин, ако некој ја злоупотреби вашата дигитална слика, тоа би се третирало како прекршување на авторските права.
Тој веќе поднел барање за заштита на својот AI аватар до американската Канцеларија за авторски права, со систем што обезбедува „човечка контрола“ во секој чекор од процесот. Корисникот мора рачно да избере кадри, да селектира видео-материјал и со тоа да внесе доволно „човечки придонес“ за креацијата да се смета за авторско дело.
Да, звучи комплицирано и навистина е така. Затоа данското решение е подиректно и подостапно, бидејќи на граѓаните веднаш им доделува права врз сопствениот дигитален лик. Ако ЕУ го следи примерот на Данска, тоа би можело да го означи почетокот на нова ера во дигиталната заштита на идентитетот и можеби конечно да ја натера и Америка да тргне по тој пат.
Извор: web-mind.rs