Резервирајте го патувањето однапред
Цената на сместувањето често зависи од тоа кога го резервирате. Јули и август се врв на летната сезона.
„Ако некогаш сте биле во Париз во август, знаете дека речиси и да нема никој – сите заминуваат на море или во планина“, вели Шон Типтон, портпарол на Асоцијацијата на туристички агенции (ABTA).
Тогаш хотелите ги зголемуваат цените. Затоа, обично е поевтино да се патува во јуни или септември. Ако сепак морате да патувате во сезона, тој советува да резервирате што е можно порано. Тоа е малку лотарија бидејќи не можете со сигурност да ја предвидите побарувачката, но во повеќето случаи, ако знаете дека ќе патувате во јули, август, за Божиќ или Велигден – резервирајте однапред.
Патувајте среде недела и рано наутро
Најевтино е да се патува среде неделата.
„Викендите се најскапи бидејќи повеќето луѓе сакаат да патуваат тогаш, па цените се повисоки“, вели Типтон.
Слично важи и за периодот во денот кога патувате.
„Никој не сака да стане во три часот наутро за лет во шест, па затоа тие летови се поевтини“, додава тој.
Резервирајте хотелска соба во последен момент
Ако не ви е важен точниот датум на патување, може да најдете одлични last-minute понуди. Туристичките оператори често однапред резервираат голем број соби кои не успеваат да ги продадат – па ги нудат по намалени цени непосредно пред поаѓање.
„Агенциите добиваат известувања за тие понуди, па се добар извор ако задоцните со планирањето“, вели Типтон.
Друга опција е размена на домови преку онлајн платформи кои ги поврзуваат луѓето од различни земји што сакаат да престојуваат едни во домовите на другите. На пример, седумдневен престој во трособна куќа на Мајорка може да чини само 140 долари за сервисна такса и уште толку за такса за чистење, наместо класичен хотел. Експертот за потрошувачки права Џејн Хокс советува претпазливост:
„Луѓето треба да бидат внимателни со огласите на социјалните мрежи, бидејќи измамници често користат атрактивни слики за да ги измамат туристите. По уплатата, сфаќате дека тоа место не постои.“
Совет: користете обратно пребарување на слики (на пр. Google) за да проверите дали фотографиите се автентични.
Плаќајте во локална валута
Не менувајте пари на аеродром – тоа е најскапото место за размена, вели Аластер Даглас од веб-страницата TotallyMoney. Подобро е да размените пари однапред. Ако ве загрижува промената на курсот, заменете половина веднаш, а другата половина подоцна.
Добра вест е што денес поголемиот дел од луѓето користат картички – и тоа е попаметно, бидејќи можете да изберете плаќање во локална валута, што често е најевтината опција.
Измерете го багажот
Непријатни трошоци може да ве затекнат уште пред да стигнете на дестинацијата. На пример, некои авиокомпании наплатуваат печатење на бординг карта на аеродром, вели Ники Келвин од веб-страницата The Points Guy.
Ако носите мал куфер како рачен багаж, внимавајте на неговите димензии и тежина — ако не се вклопи во мерниот калап, ќе мора да го предадете како багаж и да платите дополнително.
Џејн Хокс советува да ги забележите точните димензии од веб-страницата на авиокомпанијата и да документирате сè ако дојде до спор.
Купете козметика однапред
Храната, пијалаците и козметиката се значително поскапи на аеродромите. Поради правилото за течности до 100 мл (кое делумно е укинато само во Единбург и Бирмингем), луѓето често купуваат сè одново на аеродромот.
Едно решение: нарачате онлајн и подигнете ги производите во продавница на аеродромот по безбедносната контрола. Така заштедувате и ги избегнувате ограничувањата за течности.
Уште еден совет: понесете свое шише за вода – на повеќето аеродроми има чешми за полнење. Исто така, понесете закуска од дома, особено ако патувате со деца.
Извор: bizlife.rs