Она што медиумите всушност го прераскажуваат е многу потесна, пореална приказна: дека Епстин, преку познанства и донации, се обидувал да се приближи до институции и поединци кои се важни за развојот и финансирањето на open-source екосистемот. Во таа слика често се споменуваат MIT Media Lab и MIT Digital Currency Initiative, затоа што во еден период токму таму се водела расправата за тоа како да се обезбеди стабилно финансирање за луѓето кои го одржуваат Bitcoin Core. Тоа е приказна за влијание преку инфраструктурата на заедницата, не за некакво магично притискање на копче што ја менува мрежата.
Проблемот настанува кога таа приказна насилно се спојува со старата мистерија кој е Сатоши Накамото. Повеќето информации што сега се вадат во прв план се однесуваат на подоцнежни години, кога системот веќе постоел, имал развивачи, конфликти, процедури и репутации. Тоа не е терен на кој еден човек ги „влече конците“ како во крим-серија, дури и ако би сакал тоа да го направи.
Главната порака од овој нов бран шпекулации не е дека сме поблиску до идентитетот на Сатоши. Пораката е дека open-source проектите, кога ќе станат критична инфраструктура, се соочуваат со истиот стар проблем како и сè друго, кој финансира, кој има пристап, кој ги поставува правилата и колку е тоа транспарентно.
Зошто е важно да се разликува митот за основачот од начинот на кој Биткоин навистина функционира
По брановите на шпекулации што се обидоа да го поврзат Епстин со настанокот на Биткоин, важно е да се вратиме на основите и да го одвоиме она што е познато од она што интернетот сака да претпостави. Биткоин не настанал како проект на една компанија или еден центар на моќ, туку како идеја објавена во 2008 година под псевдонимот Сатоши Накамото, со јасни правила и јавно достапен код. Токму таа отвореност е причината зошто идентитетот на авторот често неправилно се меша со подоцнежните обиди за влијание врз екосистемот.
Игор Мирковиќ, експерт за крипто-индустријата од ECD менувачницa, во својата изјава ја отвора суштинската дилема околу тоа што навистина значи името Сатоши Накамото во светот на Биткоин. Тој објаснува дека Сатоши не треба да се замислува како класична личност зад проект, ниту како генијален поединец, ниту како некаква скриена фигура што влече конците од сенка.
„Сатоши Накамото е пред сè идеја, а не личност во класична смисла,“ нагласува Мирковиќ. „Тоj или тие ги поставија темелите на систем кој уште од почеток беше создаден да не зависи од авторитет. Кодот е јавен, правилата се јасни и секоја промена бара консензус на заедницата. Поради тоа е погрешно да се бара ‘таен сопственик’ на Биткоин или да се верува дека мрежата може да се преземе преку поединци.“
Мирковиќ истакнува и дека многу од подоцнежните приказни за финансирање на развивачите, за влијание или за закулисни односи често се толкуваат погрешно, особено кога се поврзуваат со раните денови на Биткоин.
„Тоа се приказни за предизвиците на open-source проектите,“ појаснува тој. „Не за потеклото на Биткоин. Разликата помеѓу основачот и сите што подоцна влегуваат во екосистемот е клучна. Кога таа разлика ќе се изгуби, се појавуваат теории што звучат возбудливо, но не објаснуваат како системот навистина функционира.“
Со оваа негова изјава, Мирковиќ всушност ја приземјува целата мистификација околу Сатоши враќајќи ја приказната таму каде што отсекогаш припаѓала: во принципите на отворениот код, а не во митологијата на тајни личности.
Извор: webmind.rs