Панч, младиот јапонски макаки во зоолошката градина Ichikawa City Zoo, стана вирален на Интернет, откако снимките покажаа како ја влече и носи плишаната играчка која чуварите му ја дале за да го утешат. Неговата биолошка мајка го отфрлила набрзо по раѓањето во јули минатата година.
Играчката, на која ѝ го дале прекарот „Ора-мама“, стана негов постојан придружник. Со месеци мајмунчето ретко беше гледано без неа. Видео-снимките предизвикаа бран на сочувство и го инспирираа хаштагот „Само напред, Панч“, додека луѓето ширум светот го следеа неговиот напредок.
Сега пристигнуваат охрабрувачки вести.
Официјалните лица од зоолошката градина велат дека Панч почнал да се интегрира со останатите мајмуни.
Иако неговите први обиди за враќање во групата беа премногу интензивни за него, ситуацијата се промени на подобро. Чуварите неодамна забележаа дека еден друг мајмун го чисти што претставува голема пресвртница во општествениот живот на приматите. Чистењето не е само хигиена; тоа симболизира доверба, поврзување и прифаќање во групата.
パンチは少しずつ群れのサル達との交流を深めています!
— 市川市動植物園(公式) (@ichikawa_zoo) February 6, 2026
毛づくろいされたり、ちょっかいをかけてみたり、怒られたりと毎日色んな経験をして、サルとして群れで暮らすための生き方を日々学んでいます!#市川市動植物園#ニホンザル#パンチ #がんばれパンチ#市川ファン pic.twitter.com/Ds0NT7FKFg
Снимките кои ги сподели зоолошката градина го прикажуваат Панч како си игра со други млади мајмуни и дури им се качува на грбот. Во еден особено трогателен момент, постар мајмун го прегрна што набљудувачите го протолкуваа како тивок знак дека Панч повеќе не е сам.
Шумпеи Мијакоши, еден од чуварите во зоолошката градина, изјави: „Активно се вклучува во дружењето со другите мајмуни и чувствувам дека пораснува. Дури и кога другите мајмуни го караат, брзо се опоравува. Ментално е силен“, пренесува Independent.
Претходно, еден од неговите чувари, Косуке Шикано, зборуваше за врската со плишаната играчка: „Крзното на плишаната играчка му овозможуваше лесно да ја прегрне, а нејзиниот изглед потсетува на мајмун, што веројатно му даваше чувство на сигурност. Плишаната играчка беше заменска мајка.“
На социјалните мрежи следуваа бројни реакции. Еден корисник напиша на Инстаграм: „Тешко е да се стекнат пријатели! Панч е толку храбар! Горди сме на него.“ Трогнати од неговата приказна, IKEA Japan за време на неодамнешната посета на својата претседателка Петра Фаре на зоолошката градина донираше неколку плишани играчки.
Последен пат кога бебиња животни добија вакво глобално внимание беше во 2024 година, кога огромното младенче на кралски пингвин по име Песто стана ѕвезда на социјалните мрежи и главна атракција во аквариумот Sea Life Melbourne Aquarium. Со девет месеци и 22 килограми, Песто беше најтешкото младенче пингвин што аквариумот некогаш го имал, изјави нивната супервизорка за образование, Џасинта Ерли.
Истата година, Му Денг (Moo Deng), џуџест нилски коњ, стана вирална сензација благодарение на своите румени образи и хаотичниот шарм. Му Денг што на тајландски значи „потскокнувачко прасе“ е родена на 10 јули 2024 година и брзо стекна слава откако нејзиниот чувар Атхапон Нунди почна да ги споделува нејзините авантури на социјалните мрежи. Во рок од неколку дена, снимките станаа вирални, а зоолошката градина почна во живо да го пренесува нејзиниот простор и да профитира од популарноста преку сувенири и спонзорски соработки.
Извор: odrzime.rs