Податоците за замена на стари уреди за нови (trade-in) од новиот извештај покажуваат дека моментално најскапиот модел на iPhone во понудата, брзо и малку изненадувачки, стана најчесто менуваниот паметен телефон. Според извештајот на компанијата SellCell, овој iPhone се проби на првото место на една не баш ласкава листа (барем не во оваа фаза од животниот циклус на телефонот).
iPhone 17 Pro Max се наоѓа на врвот на независната trade-in листа, сочинувајќи 11,5% од сите уреди кои се појавуваат во топ 20. Анализата се заснова на интерните податоци на SellCell за замена на уреди, како и на трендовите на цените на секундарниот пазар прибрани од 40 независни откупувачи на iPhone уреди.
Ова е збунувачки со оглед на тоа што телефонот е стар помалку од шест месеци. Сепак, изненадувачки е што бројот на модели iPhone 17 Pro Max кои се менуваат продолжува да расте. Уделот на овој скап телефон во топ 20 trade-in листата порасна од околу 5,1% на крајот на ноември на 11,5% на почетокот на февруари.
Повеќето од овие модели кои сега бараат „нов дом“ се оценети како уреди во добра состојба (86%), што сугерира дека првобитните сопственици не ги користеле доволно долго за да дојде до значително абење.
И не треба да чуди што iPhone 17 Pro Max не е евтин. Уредот има екран од 6,9 инчи, алуминиумско unibody куќиште, троен систем на камери од 48 MP со перископски објектив од 48 MP, како и моќниот A19 Pro чип за унапредени перформанси. Исто така, нуди најдолго траење на батеријата досега на еден iPhone уред, до 37 часа репродукција на видео.
На второ место се наоѓа iPhone 15 Pro Max, кој сочинува 7,3% од топ 20 trade-in уредите. Вкупно, првите 20 модели опфаќаат околу 47% од сите активности за замена на уреди.
Обично би очекувале на вакви листи да се најде поширок спектар на телефони, при што доминираат постарите модели поради природниот циклус на надградба на уредите. Па, зошто луѓето толку брзо се разделуваат од својот iPhone 17 Pro Max? Реакциите на корисниците се поделени, а некои изразија каење поради купувањето.
„Буквално пред неколку дена поставив прашање како е најдобро да го продадам својот 17 Pro“, напиша еден корисник на Reddit. „Ова ми има смисла. По пет месеци навистина жалам за купувањето и побрзо би зел нешто пари и би се вратил на 13 Pro, кој ми делува речиси незабележливо поинаков и има подобра боја.“
Сепак, телефонот и понатаму има свои обожаватели. „Многу сум задоволен со мојот 17 Pro Max“, напиша друг корисник. Некои купувачи се жалеа дека големината на телефонот е незгодна за користење.
Еден корисник напиша: „15 Pro Max беше последната големина која навистина убаво лежеше во рака. Тие неколку дополнителни милиметри на моделите 16 и 17 ги прават неудобни за подолго користење. Висок сум 188 см и имам големи дланки.“
Друг коментар гласи: „Мене проблем ми е големината. Имам 17PM и големи дланки. Тешко ги дофаќам аглите и ми недостига можноста за користење на телефонот со една рака. Ова е првиот Pro Max што го имам и веројатно ќе биде последен.“
Уште една замерка беше: „Толку е ДЕБЕЛ. Со маска е како да носите цигла во џебот.“
Сепак, и покрај сè, iPhone 17 Pro Max и понатаму има значителна пазарна вредност. Просечната цена за препродажба за модел во добра состојба изнесува околу 967,50 долари. Во САД, новата верзија со основна меморија од 256 GB чини 1.199 долари, додека цената на моделот со 2 TB меморија оди и до 1.999 долари.
Извор: web-mind.rs