Колку македонските стартапи се популарни за инвестициските фондови?

Привлечноста на стартапите лежи во нивниот безграничен потенцијал да донесат иновација во индустриите во кои делуваат, да го предизвикаат конвенционалното и на крајот да ја редефинираат иднината.

startapi-1158-fi

Извор: Freepik

Со подемот на новите технологии, а особено пробивањето на вештачката интелигенција во секоја индустрија, креативните претприемачи ја користат моќта на иновативноста за да ја издлабат својата ниша прво на македонската, а потоа и на глобалната сцена. Од финтек до биотехнологија, е-трговија до агротехнологија, различноста на секторите претставени во македонскиот стартап екосистем ја одразува длабочината на креативноста и генијалноста што пулсира низ неговите вени. Но, ако излеземе од утопистичкото сонување, ќе видиме дека реалноста и не е толку розова. За една идеја за оживее потребни се финансии, потребни се инвеститори кои веруваат во претприемачите, во бизнис планот, во идејата. Токму тука се јавува прашањето:

Колку македонските стартапи се популарни за инвестициските фондови?

Одговорот, се чини, лежи во неколку фактори односно вештини на самите претприемачи – да знаат ја „продадат“ бизнис идејата, да имаат know-how за бизнисот и индустријата, и секако беспрекорни презентациски вештини. Од друга страна, пресудна е довербата која треба да се стекне кај инвеститорите која е клучна за генерирање на средства.

Иако бројот на успешни приказни во нашата држава е во постојан раст, сепак, интересот за инвестирање сè уште не е на задоволително ниво. Според анализата на ФИТР – „Connecting Macedonian Startup Ecosystem 2021“, повеќето стартапи се финансираат со лични заштеди на самите претприемачи. Како што се развиваат, полека се свртуваат кон надворешни инвестиции, бидејќи поголемиот дел од стартапите изискуваат дополнително финансирање. Вообичаената стартна рамка е помеѓу три месеци и една година за идејата да порасне до ниво на стекнување на својот прв клиент.

image-1

Македонските стратапи има навистина што да понудат особено кога се во микс помеѓу локален тим и екстерен тим или кога главното седиште се наоѓа во странство. Причината за ова е фактот што најголем дел од инвеститорите сакаат да инвестираат во компании кои се во стабилни пазари, како што се пазарите во Европска Унија и нивната инвестициска стратегија е таму да ги инвестираат средствата.

Вели Игор Маџов, програмски директор на Startup Macedonia.

Стартапите се бизниси со висок ризик

На повеќето стартапи, потребна им е финансиска поддршка во раните фази, но инвеститорите од друга страна повеќе се заинтересирани за стартапи со кои покажуваат одреден потенцијален раст, имајќи го предвид фактот што стартапите се бизниси со висок ризик.

„Инвестирањето во стратапи е доста ризична категорија, носи големи ризици, но и големи придобивки, голем потенцијал за раст. Особено ми е драго што гледам дека има компании кои ја надминуваат првата и втората година на функционирање, па кога сите т.н ’детски болести‘ се надминати, доаѓаат до првите клиенти. Во тој момент се намалува и стапката на ризик, додека стапката на успешност расте. Ако во првата година 1 од 10 идеи се формираат во компанија, а 3 од 10 компании продолжуваат да функционираат понатаму, веќе после првата и втората година на функционирање стапката на компании кои успешно функционираат и собираат нови рунди на финансирање и ги таргетираат пазарите во Македонија и околината, е навистина поголема,“ објаснува Игор Маџов програмски директор на Startup Macedonia.

igor-madzov-1158-ps1

Извор: Игор Маџов

ФИТР сè уште делува како главен инвеститор

Гледајќи холистички на екосистемот, може да се каже дека истиот сè уште не е на посакувано ниво. Во моментов ФИТР делува како главен инвеститор, но дури и со нивна помош, кога стартапите се префрлаат во подоцнежните фази (конкретно фаза на раст), тешко им е да ги оправдаат нивните деловни модели пред инвеститорите. Ова води до сосема различни очекувања помеѓу она што им треба на стартапите и она за што се заинтересирани инвеститорите.

Дали иднината изгледа светла?

Од инкубатори и акцелератори до програми за финансирање и настани за вмрежување, инфраструктурата за раст на стартапите во Македонија постојано созрева, поставувајќи ја основата за иден успех.

Дополнително, глобалната промена кон работа на далечина и дигитализација дополнително го забрза моментумот за македонските стартапи, претставувајќи невидени можности за приспособливост и проширување на пазарот. Како што светот станува сè повеќе меѓусебно поврзан, географските граници повеќе не се бариери, туку порти за нови пазари и таленти.

Сè на сè, иднината изгледа светла за македонските стартапи, а инвестициската заедница будно и внимателно набљудува. Со богатство на неискористени таленти, поддржувачки екосистем и глад за иновации, Македонија е подготвена да се појави како сериозен играч во глобалната стартап арена. Додека инвеститорите го бараат следниот инвестициски еднорог, прашањето повеќе не е дали македонските стартапи се вредни за инвестирање, туку, кој ќе биде следниот патник кој ќе ја освои светската имагинација?

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.