Проблемот со лажните рецензии на интернет не е нов, но генеративната ВИ го издигна на ново ниво. Алатки како ChatGPT им овозможуваат на измамниците брзо и во огромен обем да пишуваат уверливи коментари за производи. Едно неодамнешно истражување што опфати милиони онлајн рецензии откри дека речиси 14% веројатно се лажни, додека повеќе од два милиони рецензии биле целосно или делумно генерирани со помош на ВИ. Таквите коментари често се појавуваат меѓу најистакнатите препораки на платформите, што ги отежнува заштитата и ориентацијата на потрошувачите. Како одговор на ова, некои држави веќе ја забранија продажбата на лажни рецензии, а започнати се и првите судски постапки против производителите на ВИ алатки што се користат за такви измами.
ВИ, исто така, го промени начинот на формирање цени во е-трговијата. Наместо една цена за сите, денешните алгоритми можат да му доделат различна цена на секој потрошувач, врз основа на неговата куповна моќ, лојалност или подготвеност да плати. Тоа значи дека еден ист производ, на истата веб-страница и во исто време, може да се појави со различна цена за различни корисници. Ваквата персонализација, иако носи поголеми приходи за продавачите, отвора сериозни прашања за фер плеј и транспарентност, особено кога алгоритмите ги „казнуваат“ лојалните или помалку информирани купувачи со повисоки цени. Регулаторите предупредуваат дека е неопходно јасно да се истакне кога и зошто доаѓа до промена на цената, со цел да се заштитат правата на потрошувачите.
Уште една злоупотреба на ВИ е појавата на фалсификувани производи. Криминалните групи денес користат вештачка интелигенција за креирање реалистични фотографии, описи и цели лажни онлајн продавници. Сè почесто се случува купувачите да не можат да го разликуваат оригиналот од копијата сè додека не го добијат производот на домашна адреса. Истражувањата покажуваат дека над 70% од жртвите на ваквите измами верувале дека купуваат оригинален производ, а околу 28% од оние што завршиле со копија користеле ВИ асистенти при барањето најдобра понуда.
Современите маркетинг-алгоритми, пак, користат ВИ за хиперперсонализирани реклами и промоции. Врз основа на податоци за однесување, навики, па дури и психолошки профил, корисниците добиваат порачани понуди што имаат за цел да предизвикаат импулсивна куповина. Експертите предупредуваат дека ваквото таргетирање често навлегува во приватноста и влијае врз автономијата на потрошувачите, а прашањата за етика и транспарентност стануваат сè погласни.
Злоупотребата на вештачката интелигенција во електронската трговија станува секојдневие. Последиците се јасни – губење на довербата кај потрошувачите, нелојална конкуренција и зголемен ризик од измама. Затоа експертите и регулаторните тела повикуваат на итна реакција: построги закони, поголема транспарентност и едукација на потрошувачите. Е-трговијата зависи од довербата – а таа може да се зачува само ако ВИ се користи одговорно, како алатка за напредок, а на за манипулација.
Извор: bizlife.rs