Каде се најскапите, а каде најдостапните кирии во Европа?

Цените на кириите во градските центри ширум Европа постојано растат, а според новиот извештај на Deutsche Bank, само во пет европски градови просечната кирија за трособен стан е пониска од 2.000 евра.

evropa-4099-fi

Извор: Freepik

Најголем пораст на цените е забележан во јужна и источна Европа во изминатите пет години, се наведува во анализата на Deutsche Bank која опфатила 67 градови во светот, од кои 28 во Европа. Според податоците на Eurostat, цените на недвижности пораснале за 27,3% во периодот од првиот квартал на 2020 до првиот квартал на 2025 година, додека кириите пораснале во просек за 12,5% од јуни 2020 до јуни 2025. Сепак, растот во самите центри на градовите е значително поголем.

Кои се најскапите, а кои најдостапните европски градови за живеење?

Во 2025 година, месечната кирија за трособен стан во центарот на 28 европски градови се движи од 1.080 евра во Атина, до дури 5.088 евра во Лондон  кој е воедно и најскап, пренесува Euronews.

Градовите може да се поделат во три категории според нивото на кириите:

Кирија над 3.000 евра

По Лондон, најскапи се Цирих, Женева и Амстердам, со цени над 3.800 евра. Швајцарските градови се предводници со кирија повисока од 4.250 евра. Даблин, Луксембург, Париз, Копенхаген и Минхен исто така имаат кирија над 3.000 евра, поради тоа што се финансиски, политички и меѓународни центри со висока побарувачка за станбен простор.

Кирија од 2.000 до 3.000 евра

Милано, Единбург и Лисабон се на врвот од овој опсег. Мадрид, Стокхолм, Берлин, Франкфурт и Барселона нудат нешто подостапни кирии, околу 2.500 евра, додека Бирмингем, Брисел, Виена и Прага се поблиску до 2.100 евра. Овие градови генерално имаат пониски трошоци за живот споредено со најскапите.

Кирија под 2.000 евра

Само пет градови имаат просечна кирија под 2.000 евра: Атина (1.080 €), Будимпешта (1.225 €), Истанбул (1.614 €), Варшава (1.881 €) и Хелсинки (1.928 €).

Западна и северна Европа – најскапи, источна и југоисточна – најприфатливи

Високите цени на кириите во западна и северна Европа се резултат на силни економии, висок животен стандард и недостиг на станбен простор. Јужна и централна Европа имаат мешани цени, додека источна и југоисточна Европа остануваат најдостапни.

Што покажуваат податоците глобално?

Ако се вклучат и воневропски градови во анализата, Њујорк се издвојува како најскап со просечна кирија од 7.676 евра, додека Каиро е најевтин само 377 евра. Дубаи и Сиднеј имаат просечни плати во центарот повисоки од 4.000 евра, што ги прави поскапи од повеќето европски градови. Торонто, Сеул, Токио, Москва и Шангај се движат во среден ценовен ранг, околу 2.500 евра.

Кириите за еднособни станови го следат истиот тренд

Цените на кириите за еднособни станови генерално го следат моделот на трособните, но со одредени разлики во рангирањето и процентите. Лондон и понатаму ја има најскапата еднособна кирија во Европа (2.732 €), додека Атина е најевтина (595 €). Во просек, еднособните станови чинат околу половина од трособните, но во некои градови тој однос варира во Осло и Сан Франциско еднособен стан чини околу 60% од трособен, додека во Сеул само 37%. Затоа Сан Франциско има поскапа еднособна кирија од Лондон на глобално ниво.

Каде најмногу пораснале кириите?

Меѓу 2020 и 2025 година, кириите за трособни станови во европските градски центри пораснале од 3% (Хелсинки) до дури 206% (Истанбул). Најголем раст има во јужна и источна Европа: Лисабон (+81%), Прага (+73%) и Единбург (+71%) се веднаш по Истанбул.

Значаен раст има и во Барселона (+65%) и Мадрид (+59%), додека Атина и Варшава бележат пораст над 50%.

Кај еднособните станови, најголем раст има повторно во Истанбул (+191%), а најмал во Хелсинки (+18%). Во некои градови, трособните се поскапиле значително повеќе (Истанбул, Прага, Амстердам), а во други еднособните (Милано, Варшава).

Големите градови – големи трошоци

Во Лондон, на пример, цените на кириите се за 50% повисоки од просекот на Обединетото Кралство. Природно, висината на платите игра клучна улога во пристапноста на кириите, а односот меѓу плата и кирија значително варира низ Европа.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.