Измами направени со Spoofing
Измамите наречени Spoofing денес се доста чести и успеваат поради довербата што измамниците сакаат да ја изградат кај вас. Тие победуваат кога ќе ве измамат да откриете лични информации, а еден од наједноставните начини на кој можат да го постигнат тоа, е имитирање на некого што го познавате.
Кога лоши актери се претставуваат како некој во кого имате доверба или некој легитимен продавач, овој вид измама се нарекува „ Spoofing “. Една вообичаена тактика во Spoofing-от е да направат да изгледа дека имејл адресата, текстуалната порака, веб-страницата или бројот на телефонот се вистински.
Иако може да има слично или исто прикажано име, домен адреса или да користи исто call to action копче како некоја позната компанија, тоа всушност е осмислена акција со цел да ве наведат да преземете малвер или да ги откриете вашите финансиски податоци.
Spoofing на телефонски повици
Не верувајте на она што го слушате. Во еден сегмент од емисијата „60 минути“ од 2023 година, етички хакер користел апликација за да создаде снимка која го имитира гласот на еден од водителите на емисијата. Преку оваа застрашувачка сличност, хакерот успешно побарал од колегата да го сподели бројот на пасошот на водителот во телефонски повик, објави порталот Huffpost.
Во вакви случаеви, „најдоброто што можете да направите е да кажете: ‘Ќе те побарам за минута’,“ вели Клиф Штајнауер, директор за информатичка безбедност и ангажман во Националната алијанса за сајбер безбедност.
Генерално, голем знак дека повикувачот е измамник не е тоа колку легитимно изгледа или звучи, туку она што бара да направите. Црвено знаменце треба да биде доколку повикувачот итно бара од вас да споделите чувствителни информации за да продолжите со разговорот.
Spoofing на пораки
Измамниците често користат адреси на испраќачи кои изгледаат како да доаѓаат од позната компанија или авторитет. Понекогаш, мала правописна грешка може да биде најголемиот знак дека нешто не е во ред. Затоа, обрнете внимание на e-маил пораките со правописни грешки или необична синтакса.
Добрата вест е дека технологијата за автентикација на е-маил пораки која ја користат многу компании, може да блокира пораки од сомнителни испраќачи или да ги премести во папката за несакана пошта.
Spoofing на URL-адреси
Понекогаш е-маил адресата или текстот може да бидат правилно напишани, но прилогот или хиперлинкот што се бара да го кликнете може да бидат сомнителен знак. Измамниците често креираат URL-адреси кои изгледаат легитимно, сè додека не ја погледнете внимателно интерпункцијата или речникот. На пример, drive-google.com е несигурен имитациски домен, додека drive.google.com е вистински.
Што да направам ако подлегнам на Spoofing?
Ако на крајот кликнете на лажен линк или одговорите на некој за кого сте мислеле дека е вистинската личност, вашите следни чекори зависат од тоа каде се случило тоа и што сте споделиле. Пријавете го кривичното дело и веднаш известете ја вашата ИТ служба, ако тоа се случило на работа. Доколку се вклучени вашите финансии, пријавете во вашата банка што се случило. Потоа, ресетирајте ги лозинките и ажурирајте го компјутерот.
Ако верувате дека можеби со потенцијален измамник сте споделиле повеќе од што треба, треба да ја зајакнете вашата сајбер безбедност.