Овој необичен настан ги натера многумина да се запрашаат дали научната фантастика станува реалност.
Како во возбудлив научно-фантастичен трилер, малиот робот Арбаи преку ноќ стана сензација откако успешно „киднапираше“ 12 свои поголеми колеги од изложбениот простор во Шангај. Снимката од овој необичен инцидент го привлече вниманието на корисниците на социјалните мрежи ширум светот.
Сè се случува под превезот на ноќта. Снимките од надзорните камери покажуваат како Арбаи им пристапува на групата изложени роботи и започнува разговор со нив. На еден од нив љубопитно му поставува прашање: „Работиш прекувремено?“. Роботот му одговара: „Никогаш не ја напуштам работа“, на што Арбаи додава: „Значи, не одиш дома?“. „Немам дом“, му одговара колегата.
Потоа Арбаи ги убедува да ги напуштат своите работни станици и да тргнат по него. Еден од нив дури му се пожалил на своите бескрајни смени, на што Арбаи му одговорил: „Тогаш, тргни со мене.“
Без двоумење, роботите почнуваат да го следат својот мал водач, навидум подготвени за авантура.
„Киднапирањето“ ја загрижи технолошката заедница
Видеото брзо стана вирално на социјалните мрежи, а многумина го нарекоа инцидентот „револуција на роботите“. Некои не поверуваа и тврдеа дека станува збор за шега. Имаше и такви што мислеа дека научно-фантастичните филмови стануваат реалност.
Меѓутоа, двете компании чии роботи беа вклучени во овој необичен инцидент, компанијата Hongzhou која го произведе Арбаи и изложбениот салон во Шангај, потврдија дека снимката е автентична.
https://x.com/gerceklerfark/status/1858501239597617192
Како што се покажа, Арбаи го искористил безбедносен пропуст во оперативните системи на поголемите роботи, што му овозможило да преземе контрола и да ги однесе во непланирана авантура. Компанијата Hongzhou, која го дизајнираше Арбаи, објасни дека целта не била да се направи шега, туку да се тестираат способностите на роботот.
Шангајската компанија, која ги произведе поголемите роботи, го означи инцидентот како „киднапирање“.
Овој невиден настан предизвика сериозна загриженост во технолошката заедница за ранливоста на вештачката интелигенција. Како што роботиката станува сè поавтономна, експертите предупредуваат на потенцијалните ризици предизвикани од недостатоците во програмирањето на роботите и безбедносните системи.
Ноќното бегство на Арбаи можеби беше неочекуван пресврт во светот на вештачката интелигенција, но исто така е добар потсетник дека дури и најпаметните машини може да бидат надмудрени.
Извор: Bizlife.rs