Емоционалната врска со купувачите носи профит, а со вработените траен успех

Која е тајната на успехот на големите брендови? Не, не се работи само за врвните производи или извонредните услуги. Тоа е, несомнено, важно. Но постои нешто основно и многу посилно – емоционалната поврзаност што како потрошувачи ја чувствуваме кон нив.

vrska-so-kupuvachite-2523-fi

Извор: Freepik

Многу компании, во трката за бројки и софистицирани кратенки што ретко кој ги разбира, како и во обидите да ја зачуваат својата репутација пред јавноста, често забораваат да изградат емоционална врска со нивната најважна целна група – вработените. Ваквата грешка може да ги чини скапо, бидејќи во последниве години сме сведоци на бојкотирање на брендови откако ќе се дознае какви се како работодавци.

Кога вработените чувствуваат силна поврзаност со целта и  вредностите на компанијата, кога препознаваат дека се дел од нешто поголемо и нивниот труд е ценет – лојалноста и ангажираноста природно се зголемуваат. Тоа ги прави попродуктивни, позадоволни и поспремни да го дадат својот максимум, што директно се рефлектира на успехот на компанијата. Во сето тоа, внатрешните комуникации играат клучна улога.

Емоционалната поврзаност значи дека вработените не само што ја разбираат, туку и ја споделуваат целта и мисијата на компанијата, дејствуваат во согласност со нејзините вредности и чувствуваат силна припадност. Сепак, дури и кога мисијата и вредностите се совршено дефинирани, тие нема да имаат вистински ефект ако не се пренесат добро и не се рефлектираат во секојдневните активности.

Затоа, постер со вредности на ѕидовите на канцелариите или убаво формулирана мисија на интранетот нема да бидат доволни. Вредностите на компанијата мора да се чувствуваат во секоја комуникација, на секој интерен состанок и настан. Треба да бидат видливи во активностите на менаџментот, во процедурите и во бенефициите за вработените. Кога внатрешните комуникации се стратешки поставени, тие помагаат овие вредности да се негуваат, станувајќи дел од секојдневието на вработените – што е првиот чекор кон нивното емоционално поврзување со компанијата.

vrska-so-kupuvachite-2523-ps1

Извор: Freepik

Како внатрешните комуникации ги освојуваат вработените?

Покажуваат дека грешките се во ред. Транспарентноста за успесите, плановите, но и предизвиците со кои се соочува компанијата, ја зајакнуваат довербата на вработените. Кога тие ќе ја видат компанијата како некој што, исто како и тие, понекогаш греши, но учи од грешките, се чувствуваат поблиски со неа. Затоа, не треба да се зборува гласно само за успесите – во ред е да се споделат и моменти кога нешто не одело според планот.

Ги ставаат луѓето во фокус. Приказни за успеси и добри практики, славење на мали победи, наградување на вработените кои позитивно влијаат на тимот – сето тоа треба да биде во центарот. Вработените кои чувствуваат дека нивниот придонес е ценет се поврзуваат повеќе со брендот.

Им даваат глас на вработените. Давањето и примањето повратни информации е клучно за одржување силна емоционална поврзаност. Културата на отворен „фидбек“ овозможува вработените да ги изразат своите мислења, а менаџментот да реагира на нивните потреби.

Во модерното деловно опкружување, емоционалната поврзаност на вработените со брендот не е луксуз, туку неопходност. Изградбата на оваа поврзаност не е еднократен проект, туку континуиран процес што бара целосна посветеност и активен ангажман. Компаниите кои на време ќе ја разберат стратешката улога на внатрешните комуникации можат да сметаат на одржлив успех на пазарот.

Извор: Bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.