Ви носиме три рецепти што можете да ги испробате, ако сакате, и во еден ден. Подгответе ручек, лесен и здрав десерт и безалкохолен коктел и уживајте во освежителниот вкус, по редослед што вам најмногу ви одговара.
Освежителни рецепти со портокали за целосно уживање
Салата со пилешко, ориз и портокал
Ако сакате салати што можат да бидат цел оброк, ова е еден од оние рецепти што ги исполнуваат сите очекувања. Полн е со хранливи состојки, дава чувство на ситост и е исклучително вкусен. Освен портокал, можете да додадете и грејпфрут. Количината на состојки е доволна за 4 порции.
За оризот:
- 170 г ориз, сварен и оладен
- 2 лажици препечено сусамово масло
- 2 лажици јаворов сируп
- 1 лажица тамари
За преливот:
- 1 мало парче ѓумбир (со големина на врв од прст), ситно изрендан
- 1 чешне лук, ситно изрендан
- 3 лажици тамари или соја сос
- 3 лажици препечено сусамово масло
- 1 лажица оризов оцет
- половина лажичка свежо исцеден лимонов сок
За салатата:
- полна рака црвена зелка, ситно сечкана или изрендана
- полна рака зелка или кељ, сечкан или изрендан
- 200 г брокула, бланширана, оладена и исечкана
- 1 црвена чили пиперка, ситно исечкана
- 1 врзоп коријандер, ситно исечкан
- мал врзоп свежо нане, ситно сечкани листови
- 2 раце сечкано цитрусно овошје (портокал, грејпфрут)
- 2 полни раце исечкано или изрендано варено пилешко месо
- 4 лажици препечен сусам
- 70 г печени солени кикиритки, исечкани
Постапка:
- Загрејте ја рерната на 200 степени. Обложете голем плех со хартија за печење.
- Во сад измешајте ги препеченото сусамово масло, јаворовиот сируп и тамарито. Додадете го оризот и добро промешајте за да се обложи рамномерно, па распоредете го во подготвениот плех. Печете 15 минути, потоа промешајте го оризот и печете уште 15 минути, додека не добие златна боја и не стане крцкав. Оставете го малку да се излади.
- Во мал сад измешајте ги сите состојки за преливот.
- Во голем сад ставете ги крцкавиот ориз, зелката, брокулата, чилито, зачинските билки, цитрусите, пилешкото, сусамот и кикиритките. Прелијте со преливот, добро измешајте и послужете.
Извор: lummi.ai
Мус од чоколадо и портокал
Совршен десерт што се подготвува за десетина минути, но бара најмалку 4 часа ладење, па затоа може да го подготвите однапред. Богат е, кремаст и со полн вкус, а завршните детали се едноставни, но ефектни. Свежиот вкус на портокал, дискретната арома на рузмарин и крцкавите додатоци убаво го балансираат интензитетот на чоколадото и му даваат на десертот благ „ресторански“ печат.
Состојки за 6 до 8 порции:
- 100 г темно чоколадо (минимум 75% какао), ситно исечкано
- 120 мл засладено кондензирано млеко
- 150 мл слатка павлака за шлаг (мин. 30% масти)
- 1 портокал – рендана кора + 1½ лажица сок
За сервирање:
- 2 гранчиња свеж рузмарин, лесно згмечени за да ја пуштат аромата
- 200 мл слатка павлака за шлаг
- 1 лажица шеќер во прав
- 1 портокал, излупен и исечен на филети (без мембрана)
- 125 г свежи малини
- 6 amaretti колачиња, издробени (по желба)
- 30 г ф’стаци, крупно сечкани (по желба)
Подгответе го мусот – чекор по чекор
- Растопете го чоколадото. Ставете го ситно исечканото чоколадо во сад погоден за микробранова печка. Загревајте во интервали од по 10 секунди, мешајќи по секое загревање, додека целосно не се растопи и не стане мазно. Оставете кратко да се излади додека го подготвувате кремот. Ако сакате, можете да го растопите и на пареа, над тенџере со вода што тивко врие.
- Подгответе ја кремастата база. Во поголем сад изматете ги кондензираното млеко, 150 мл слатка павлака и прстофат сол, додека смесата не стане доволно густа така што при подигнување на маталката да остава трага.
- Во растопеното чоколадо додадете една третина од изматениот крем и добро промешајте за да се соедини. Потоа оваа чоколадна смеса внимателно вмешајте ја назад во преостанатиот крем, со лесни движења оддолу нагоре, за да остане воздушеста.
- На крај вмешајте ги сокот од портокал и половина од ренданата кора.
- Распоредете го мусот во чаши или мали садови за сервирање, покријте и оставете во фрижидер најмалку 4 часа (или преку ноќ) за да се стегне.
- Додека мусот се лади, ставете ги гранчињата рузмарин во сад со 200 мл слатка павлака. Лесно притиснете ги претходно (на пример со дршката од нож) за да ги ослободат етеричните масла. Оставете да стои во фрижидер додека мусот се лади, за павлаката да ја впие аромата.
- Кога ќе бидете подготвени за сервирање, процедете ја павлаката низ ситна цедалка и отстранете го рузмаринот. Додадете го шеќерот во прав и изматете додека не добиете меки врвови (не ја матете премногу).
Секоја порција мус посипете ја со преостанатата кора од портокал, додајте филети од портокал, лажица ароматизирана павлака и неколку малини. По желба, послужете со издробени amaretti колачиња и сечкани ф’стаци, кои можете да ги ставите и во посебни садови за гостите сами да додадат по вкус.
Мали трикови што прават разлика
- Користете непрскан (органски) портокал поради кората.
- Ако сакате поинтензивен вкус на портокал, додајте неколку капки природен екстракт од портокал.
- За поелегантен изглед, послужете во стаклени чаши за да се гледа кремастата текстура.
Комбинацијата од темно чоколадо и цитрус му дава на десертот совршен баланс – раскошен, но не тежок. Идеален е за вечери, празници или кога сакате нешто едноставно, а впечатливо. Вака подготвен, мусот може да се чува во фрижидер до 3 дена.
Мохито без алкохол со црвен портокал
Овој mocktail е безалкохолна верзија на мохито – освежителен, лесен и визуелно впечатлив. Напитокот добива ароматична нота, но и прекрасна боја, благодарение на сокот од црвен портокал.
Состојки за 2 коктели:
- 1 лимета, исечена на 8 парчиња
- околу 5 г свежо нане (неколку гранчиња)
- 2 лажички шеќер
- 3 црвени портокали, исцедени (околу 200 мл сок)
- малку газирана минерална вода
Подготовка:
- Во две чаши распоредете ги парчињата лимета. Во секоја додајте по неколку листови нане (остатокот оставете го за декорација) и по една лажичка шеќер. Со толчник за коктели, или со дршка од сукало ако немате толчник, лесно згмечете ги состојките. Целта е лиметата да го пушти сокот, а нането да ја ослободи аромата – не го гмечете премногу за да не стане горчливо.
- Наполнете ги чашите со дробен мраз. Прелијте со свежо цеден сок од црвен портокал и добро промешајте за шеќерот да се растопи.
- Додајте малку газирана минерална вода за дополнителна свежина и меурчиња. Декорирајте со преостанатите гранчиња нане.
Послужете веднаш, додека пијалакот е добро разладен и ароматичен.
Совети за уште подобар вкус:
- Ако сакате поинтензивна цитрусна нота, додајте малку рендана кора од лимета.
- Наместо обичен шеќер, можете да користите кафеав шеќер или мед (само добро промешајте за да се растопи).
- За поелегантна верзија, послужете во високи чаши и додајте тенко парче црвен портокал на работ од чашата.
Ова мохито е совршен баланс меѓу слаткото и киселото, со освежителна нота на нане и богата боја што го прави ефектен додаток на секоја трпеза.
Извор: easylife.rs