Неподносливата леснотија на „тешките“ жени

Ако сте воспитувани постојано да бидете женствени, љубезни, нежни и пристојни, всушност сте насочени да барате надворешна валидација. И веројатно верувате дека мора да ја заслужите љубовта и правите сè што можете за да бидете сакани. А вашата „внатрешна лудачка“ веројатно е во кафез, под клуч. Заедно со внатрешното дете. Нè учеа дека „лесните“ жени се неморални, а „тешките“ жени се неподносливи. Ниту едните, ниту другите никој не ги сака. И никој не ви кажал дека овие поделби се лажни и служат единствено за да ве заробат, замолчат и припитомат. Да ве заслепат и да не ви дозволат да ја запознаете својата вистинска природа. Дива, непослушна, мрачна, моќна.

zeni-5369-fi

Извор: lummi.ai

Логиката од втора година гимназија оди вака: Тешките жени се комплицирани. Сите жени се комплицирани. Сите жени се тешки. Меѓутоа, исто така можете да заклучите дека лесните жени се површни и да тврдите дека сите жени се површни, односно лесни.

Реалните жени се и едното и другото. И тешки и лесни, во зависност од ситуацијата, интересот, интеракцијата. Такви се и мажите. И децата. А на сите ни е заедничко искуството дека не можеме на сите да им угодиме. Колку и да се трудите, да бидете внимателни и кооперативни, секогаш ќе има луѓе кои едноставно нема да ве сакаат.

Тешките жени – комплетни личности

Спаѓате во оние кои повеќе ги интересира вистината отколку површниот впечаток? Повеќе ви е грижа за автентичноста отколку за пристојноста? Досега веројатно сте откриле кои сте и во голем дел сте научиле како да живеете со тоа. А можеби веќе толку сте напредувале, што сте сосема задоволни со себе. Се чувствувате комотно со своите ограничувања и своите пробиви, ја познавате безусловната љубов и уште некои „тешки“ жени кои ви се блиски пријателки или идол и инспирација.

А можеби одлично сте се вклопиле и рано сте ги усвоиле правилата: биди убава, но не и суетна; амбициозна, но не и застрашувачка; паметна, но не и гласна. Немате непристојни изливи на бес, не покажувате сомнителни желби, управувате со својот тон, се извинувате и однапред ако треба. Но, не сте невидливи. Сте научиле суптилно да го привлечете вниманието и сте развиле фин манипулативен инстинкт. Шармантни сте кога е потребно, внимавате да не претерате во ништо. Знаете која верзија од вас добива внимание и награди. И можеби ви е преку глава од тоа. Ви доаѓа да се оттргнете од синџирот и да завивате на месечината. Длабоко во себе не сте фина дама на која ѝ треба внимание и рака за спас.

Можеби веќе сте стасале во четириесеттите, кога некои брани природно попуштаат, заедно со кафезот во кој е затворена вашата вистинска природа. Впрочем, во перименопаузата имате оправдување за секое лудило што ќе ве нападне. Понекогаш, сите напорни симптоми на отсуство на контрола доведуваат до чудно олеснување. Смеете да бидете автентично ранливи, да плачете и да беснеете – тоа се хормоните (фала им!). Смеете да бидете импулсивни и непромислени, да грешите и да заборавате – на некој начин, тоа ви дава дозволи кои досега ви биле ускратени.

А потоа сфаќате дека тој „вик на дивината“ во вас е неопходен за да бидете комплетно човечко суштество со сета сложеност, контрадикторност, па дури и бес.

Тешките жени во книжевноста

Можеби преку книжевноста сте запознале тешки жени како Ема Бовари и Ана Каренина. Овие класични хероини, всушност, ги создале мажи. Брилијантни ликови, преполни со желби и немир, казнети затоа што премногу сакале. Пораката е јасна, жената која го следи своето срце мора да пати и да плати со животот.

Но, тоа не е само книжевност, туку историја на вистинскиот живот. Жените кои излегле од пропишаните улоги биле осудувани и отфрлени. Да се биде „премногу“ не беше особина на личноста. Тоа беше проблем кој требаше да се скроти. Растејќи, инстинктивно го впивавме тоа предупредување, дури и ако ретко се изговараше наглас. Да се сака премногу беше опасно. Молчењето, наспроти тоа, беше безбедно.

Но, потоа дојде женската литература. Елена Феранте создаде женски ликови кои живеат нетипичен живот што самите го избираат, а небото да не им се сруши на глава. А Џејн Остин прва разви јунакини кои го задржуваат својот интегритет соочени со предрасудите. Нивните јунакини не се нужно пример за „добри девојки“, тие се лути, амбициозни, непријатни, а сепак вредни за внимание. Нивната појава не нуди утеха, туку вистина.

Сепак, дури и слободата во фикцијата не ги брише двојните стандарди. Машките антихерои, немилосрдни и морално хаотични, и понатаму се глорифицираат. Жените кои се однесуваат на ист начин се етикетираат како „тешки“, „токсични“ или „исцрпувачки“. Луѓето се многу посклони да ги нарекуваат „кучки“ жените кои одбиваат да омекнат, отколку незгодните и тешки мажи. Тие и понатаму се пожелни и мистериозни.

Ликови кои будат надеж

Работата е во тоа што писателките веќе не бараат дозвола. Ликовите создадени од авторки како Отеса Мошфег или Елизабет Страут се неуредни, остри, беснеат и разочаруваат. Целосно се живи. Многу читатели препознаваат нешто познато и олеснувачко во нивното одбивање да глумат. Тешките жени нè потсетуваат дека можеме да заземеме простор без извинување.

А на екранот конечно ја гледаме истата промена. Мажите кои лошо се однесуваат се славени со децении како Тони Сопрано, Дон Дрејпер. Никој не сакаше тие да се менуваат. Од жените, историски гледано, се очекуваше да останат прифатливи. Но, сега ги имаме Fleabag, Дебора Венс во „Hacks“ и морално хаотичните жени во „The White Lotus“. Амбициозни. Окрутни. Луди. Нежни. Недоследни и толку реални.

Тешките жени во нашето опкружување, семејства и огледала не се ликови кои на некого ќе му измамат воздишка на олеснување. Тоа се нашите мајки, пријателки, ќерки, тоа сме ние самите. Колку сме поiskрени кон себе, толку подобро ќе се чувствуваме во својата комплексност. Бидејќи сложеноста не е мана, а бесот, тагата, фрустрацијата и желбата заслужуваат внимание исто колку и љубезноста.

Подобро е да бидете вистинска, бесна, „луда“ жена, отколку слатка и тивка. Подобро за нас и за сите околу нас. Тешките жени се важни бидејќи нè потсетуваат дека сме достојни за љубов и почит и кога не сме „лесни“. Животот е многу побогат кога ќе престанеме да се намалуваме себеси заради туѓо одобрување и „мир во куќата“.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.