Овој варовнички лак во Мелендуњо, во регионот Апулија, со децении беше позадина за фотографии од венчавки и разгледници. Според локалната легенда, лакот им гарантирал вечна љубов на паровите кои ќе се бакнат под него.
Сега од него остана само куп камења, а иако уривањето не ги изненади експертите, тоа навистина ја погоди локалната заедница. Неговиот колапс е предизвикан од комбинација на замор на конструкцијата, екстремни временски услови и хемиско абење.
Градоначалникот на Мелендуњо, Маурицио Цистернино, го опиша настанот како „разорен удар во срцето“ и „тежок удар за имиџот на Саленто и туризмот“. „Исчезна една од најпознатите туристички атракции на нашето крајбрежје и на цела Италија“, изјави тој, додавајќи дека станува збор за „непосакуван подарок за Денот на вљубените“.
Лакот е уште една жртва на сè поекстремните временски појави кои не го заобиколија ниту југот на Италија. Медитеранските циклони во последните години стануваат сè посилни поради порастот на температурата на морето поврзан со климатските промени.
Така, циклонот Хари, кој во јануари ја погоди Италија, донесе бранови високи и до девет метри, разорувачки поплави и голема материјална штета. Беа издадени црвени предупредувања за Сицилија, Сардинија и Калабрија, а кон крајот на јануари во Нишеми на Сицилија се отвори пукнатина долга четири километри.
Извор: odrzime.rs